ДАЛИ ЈОГАТА Е СПОИВА СО ХРИСТИЈАНСТВОТО?

На еден духовник после литургијата му пришол човек од околу 25 години и му рекол дека сака да поразговара со него. Било пролет, убаво време и затоа духовникот предложил: „Ајде да поседиме на клупата во црковниот двор: овде никој нема да ни смета и ќе поразговараме за прашањата кои очигледно ве вознемируваат.”

Седнувајќи покрај духовникот непознатиот човек го зел за рака и откако помолчил му рекол: „Јас сум христијанин, но истовремено се бавам со јога, а многумина мои познаници велат дека тоа е неспоиво. Би сакал да го знам вашето мислење. Кај нас во Москва има неколку групи кои се бават со јога.”

Духовникот праша: „А зошто ми се обративте мене, а не на друг свештенослужител?”

Соговорникот одговори: „Дозволете ми тоа сам да го одлучам.”

Духовникот праша: „Како се викате?”

Тој одговори: „По крстението сум Вадим, но при стапувањето во кружокот во кој се бавиме со јога ни дават други имиња. Таму се звикам Рама-Бај. Ни денес не разбирам: зарем не е возможно да применувам јога со името Вадим? Се воспитував во атеистичко семејство и прво се заинтересирав за јогата поради развој на физичката сила. Потоа почнав да се бавам со теоријата на јогата, со нејзиното учење за човекот и космосот, со теоријата за постоењето на некој енергетски апсолут. Јогата никако не се вклопуваше во рамките на моите поранешни материјалистички претстави за светот, и ова ме натера да почнам да се бавам со прашања за кои некогаш ми се чинеше дека се конечно решени. Почнав да читам христијанска литература и во неа го најдов она што не можеше да ми го даде ни дводимензионалниот и вулгарен материјализам, ни метафизиката на самата јога. Но јогата беше првиот поттик кој ме пробуди и натера да Го барам Бога. Можеби да не беше таа ќе поминев покрај вратата на храмот. Имам двојбен однос спрема јогата: ја негирам како поглед на свет и истовремено сметам дека тоа е единствен систем за развој на физичките и психичките моќи на човекот. Асаните ми помогнаа да се излечам од некои болести од кои патев од детството, а медитацијата, како што ми се чини, го подобри моето паметење.
А и нашите наставници, кои користат индиска терминологија, на пример „кундалини” ,„карма” или „астрален план”, не излегуваат вон границите на хата-јогата. А кога сознаа дека неколку пријатели и јас редовно одиме во храм, го одобрија тоа и рекоа дека христијанството е преубав пат кон Бога, иако не е единствен. Меѓутоа, прашањето за мене не е решено до крај: дали христијанството е споиво со јогата? Ако можете да ми објасните: дали јогата смета или не на мојот духовен развој како христијанин? Нас медитацијата нѐ учи на усредоточување на некоја сила или идеја. Ви признавам дека кога ја држев вашата рака во текот на разговорите медитирав и сакам да ве прашам што чувствувавте.”

Духовникот одговори: „Искрено говорејќи чувствував само едно – желба да задремам, зашто малку спиев ноќта спремајќи се за службата и го отфрлав сонот со напорот на волјата.”

Вадим рече: „Можеби тоа се случи затоа што и јас исто така бев уморен од патувањето, инаку, како што многумина потврдуваат, од моите раце излегува енергија која личи на електрична.”

Духовникот одговори: „Ако експериментот е завршен ве молам да ја пуштите мојата рака. А сега ќе се обидам колку што можам да ви одговорам на прашањата. Во јогата се содржат религиозни, космолошки и антрополошки претстави од шиваизмот. Во хата-јогата постои учења за светската енергија – праната, за духовните центри, кои се наоѓаат во `рбетот и во големиот мозок на човекот, за енергетското депо во сончевиот систем итн.. Притоа хата-јогата посебно внимание посветува на сексуалната енергија на човекот и можностите за нејзина трансформација. Сето тоа несомнено е неспоиво со христијанството. Потоа, во јогата како еден од најважните елементи присуствува активната вообразеност. Јогинот треба да ја вежба умешноста за создавање живописни видливи слики. Ова исто така во корен ѝ противречи на христијанската аскетика која предупредува на тоа дека на вообразеноста близок ѝ е светот на страстите и затоа во неа лесно се впиваат, како паразити, демонските сили. Контролата на својата свест, која кај христијанските подвижници се нарекува трезвеност воглавно е борбата против вообразеноста.
Следна задолжителна вежба во јогата е медитацијата. Тоа е концентрација на одредени идеи или повторување мантри – изреки. Медитацијаата е заснована на шиваистичката антропологија, поточно на претставата за тоа дека човечкиот дух по природа е истоветен на апсолутот, и затоа медитацијата е замена за молитвата или молитва упатена сам на себе. Вашите инструктори тоа го нарекуваат автотренинг. Всушност, тоа е таен облик на самообожување: јогинот се бави со самиот себе. Ако ги изговара имињата на боговите, тоа е само модификација на апсолутот, а бидејќи себе се смета за едносуштен апсолут, тоа е работен модел за самиот себе. Човекот кој се бави или дури се бавел со медитација со голем напор се учи на молитва. Нему му се чини дека во молитвата не делува личносниот Бог, туку неговата сопствена енергија, која претставува создавачка сила и тој преку зборовите на молитвата ја восредоточува и ја насочува.
Христијанинот во молитвата чувствува нешто спротивна состојба од јогинот, заправо својата ограниченост и оскудност, и воопшто не се обраќа со некакви скриени резерви на својот дух, туку на Бога – живата Личност, Бог со Кој не е врзан со природата, туку со љубовта. Тој не ги поттикнува и не ги надразнува оние психички центри за кои учи јогата, не ја трансформира со посредство на вообразбата својата сексуална енергија, туку чистејќи го умот и срцето од сликите, помислите и страстите, Го моли Бога за помош. Молитвата се извршува и исполнува со силата на Божјата благодат, односно со силата која се наоѓа вон границата на човечката природа.
Што се однесува на мантрите, дури и ако во нивниот текст нема имиња на паганските божества, се подразбира дека се упатени кон нив: зашто мантрите се земени од свештените ритуални книги на хиндуизмот. Затоа, човекот изговарајќи ги, се вклучува во духовното поле на Ведите и Упанишадите, во светот на битијата кои јогините ги сметаат за модалитети на единствениот Брахман, кои окултистите ги нарекуваат космички духови и посредници, а христијаните ги нарекуваат демони. Јогата во вас создала лажни психички поставки и комплекси и затоа вие христијанството го доживувате во изопачен вид – преку тенката призма на паганските поими поради што и сте престанале да го сфаќате. Ако ви се допаѓа, тоа може да се нарече „его-христијанство”.

Вадим праша: „Значи, вие мислите дека јас доаѓам во храмот со ум изгнасен од „сезнаењето”?”

Духовникот одговори: „Можеби подобро би било тоа да го наречеме потсвест. Таа не само да е изгнасена и деформирана, туку после секое вежбање јога се гнаси сѐ повеќе."

Вадим не се сложи: „На тренинзите речиси цело време се бавиме со физички вежби. Некои од нив личат на обична гимнастика, а другите имаат своја специфичност: тоа се асаните – статичките вежби, позите во кои човекот како да се замрзнува. Тие го регулираат дотокот на крвта до болните органи, ја активираат нивната работа.”

Духовникот му објасни: „Па сепак бавењето со овие вежби, особено кога човекот се бави со нив многу години, не е безопасно: доаѓа до вештачко кочење на човечката психа, и затоа луѓето кои долго се бават со асаните се одликуваат со успореност во размислувањата која може да изгледа како тупавост. Дури и погледот на овие луѓе губи живост и постанува некако заледен, како мртов. Асаните се поврзани со одреден начин на живот и диета, а човекот кој живее во условите на современиот свет со неговата непрестана дејствителност и нервни оптеретувања може после сличните вежбања да добие болест на срцето и висок притисок. На тоа самите јогини ги предупредуваат нестрпливите Европејци. Воопшто, секоја гимнастика со која човекот се бави треба да одговора на неговиот начин на живот.
Да разгледаме уште еден аспект на овие вежби. По учењето на светите Отци човечката душа вклучува и растителна и животинска душа, можеби поточно речено, нивните функции. Значаен број асани е земен од набљудувањето на животните и растенијата и овде позите на лав или тигар може да оживеат во човековата потсвест некои мрачни инстинкти, кои се кријаат во човечката душа, на извесен начин да ги ослободат на штета на човечкиот дух.
Постои уште и трета опасност за христијаните: некои од источњачките вежби се земени од паганските ритуали, односно содржат во себе генетска врска со демонизмот.
Што се однесува на вежбите за дишење ни тие не се така невини како што на прв поглед изгледаат. Запознавајќи го ученикот со техниката на овие вежби учителот на јога преминува на психичките вежби кои се поврзани со дишењето. Ученикот треба да замисли дека ја голта праната – космичката енергија, основата на битијата, потоа треба во такт со дишењето и заедно со дишењето да ја насочува оваа прана во 'рбетот и сексуалните центри, т.н. лотоси. Притоа праната понекогаш се замислува во облик на змија која влегува во човековиот 'рбет. Мислам дека не треба детално да објаснувам кој во таквите вежби се уфрлува во човечката свест.”

Вадим праша: „И во други гимнастички системи, вклучувајќи ја медицинската гимнастика се содржат вежби за дишење. Кај Кинезите, па дури и кај маздеистите постојат сопствени вежби за дишење, зошто вие категорички ги отфрлувате?”

Духовникот одговори: „Јогините за т.н „потполно дишење” не говорат како за вежбање, туку како за правилно дишење, односно овој начин на дишење треба да биде вткаен во човековиот секојдневен живот. Меѓутоа, во суштина кај нив постои друго, алтернативно дишење, успорено и површно, врзано за долги паузи, кои тие ретко јавно го користат. Долготрајното потполно дишење може како обилната храна да постане одвишно за организмот и да предизвика пореметување во системите за размена на кислород и крв. Затоа со вежбите за дишење треба да се биде внимателен. Но јас говорев за друга опасност, за тоа дека истите тие, пречекорувајќи ја линијата на физиологијата, може да упаднат во областа на психата и да се соединат со медитативните претстави деформирајќи ја „религиозната свест".

Духовникот продолжи: „Јогата учи распоредување и преносување на енергијата. Како што се сеќавате, нашето познанство почна од тоа што ја зедовте мојата рака и долго ја држевте во своите раце. Вие сакавте да го демонстрирате феноменот на преносување на енергијата, но поради нешто тоа затаи. Што мислите: каква енергија е тоа, која е нејзината природа? Дали таа е ваша или е стекната на часовите по јога од некои непознати духови? Зошто оваа способност во вас не се открила пред бавењето со јога? Како вие го сфаќате самиот збор „енергија”, која смисла ѝ ја давате?”

Вадим одговори: „Енергијата е организирана, структурирана сила.”

Духовникот рече: „Значи, енергијата на вашиот организам има одредена структура. Тоа е, може да се каже, структура обележена со вашата индивидуалност. Ќе наведам пример. Постојат различни крвни групи. Ако на човекот му се даде крв која не е од неговата група резултатот може да биде најжалосен: туѓата крв за него ќе се претвори во отров кој ќе го убие. Од каде можете да знаете како вашата енергија, која поседува одредена структура, ќе делува во другиот организам? Можеби овде ќе дојде до она што се нарекува некомпатибилност и оваа енергија на човекот прво ќе делува како допинг, а потоа како агресор ќе му нанесе нови разорувања, ќе создаде хаос во неговите енергетски структури. А кај вас ќе се создаде дефицит на енергија, сличен на големиот губиток на крв, чија последица ќе биде неочекувана и неизлечива болест. Биоенергетичарите ретко го завршуваат својот живот среќно. Притоа болеста кај нив се одвива со огромна брзина, како малиген тумор и има летален исход – тие како да изгоруваат. А ако на тоа се додаде и енергијата на мрачните сили, паднатите духови, кои даваат за да би одзеле, кои под маската на доброто чинат зло, во каква замка тогаш сте упаднале?”

Вадим прашаа: „Што мислите, каква енергија е тоа: моја или демонска?”

Духовникот одговори: „Тешко ми е да одговорам каква енергија овде делува: вашата и туѓата заедно или само една – демонска.”

Вадим рече: „Ќе имаме советување во врска промената на текот на реката поради што прети еколошка катастрофа и упропастување на тајгата. Дали може и вас да ве повикам? На моите пријатели ќе им биде драго.”

Духовникот одговори: „Јас не сум стручњак за слични прашања, но пренесете им на своите пријатели дека сакам сибирските шуми и натаму да постојат.”

 Архимандрит Рафаил Карелин

 

 

Избор одфб профил на

Климент Арнаудов