ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ
АНТОНИЈ ВЕЛИКИ

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

На Господи, повикав, земаме 8 стиха, и пееме стихири, глас 4.

Антоние, ти кој се просветли со зраците на Духот, кога жедта за Бога те разгоре толку што и душата навистина ти се издигна кон Врвната Љубов, тогаш ги презре телото и крвта, и го напушти светот за да се соединиш со Бога преку воздржување и тихување. Затоа се исполни со небесните добра, како што бараше, и блесна како ѕвезда, озарувајќи ги душите наши (3-пати).

Отче Антоние, кога со божествената благодат на Духот ги скрши лаковите и стрелите на демоните, и со твоите божествени поуки на сите јасно им ги откри нивните лукавства и злоба, озарен со Божјата светлина, на монасите им стана најбогозарниот светилник, и првиот украсител на пустината, а за болните најопитниот и чесен лекар, и оригинален образец на добродетелно живеење (3-пати).

Земен ангелу и небесен човеку, Антоние, чист по душа и срце, учител на девството, сигурно мерило на воздржанието, кој живееш со твојот Владика и, со ангелите и преподобните и со сите маченици, Му принесуваш непрестајно славословие, ослободи ги од неволи и прегрешенија, оние што го слават твојот свет спомен постојано (2-пати).


Слава, глас 6:

Откако го запази она, што е според образот ( Божји ) неповредено, со пост својот ум го направи господар на погубните страсти, и се издигна колку што е можно и кон богоподобието. А кога храбро ја потисна природата, побрза полошото да му го покориш на подоброто, и телото да му го потчиниш на духот. Затоа се покажа како врв на монасите, основател на испосниците, обучител на добронамерно дојдените, најсигурно правило на добродетелта. И сега на небесата, кога огледалата се скршени, отче наш Антоние, чисто Ја гледаш Света Троица, молејќи се непосредно за оние што со вера и љубов те почитуваат.

И сега, богородиченː

Кој нема да те нарече блажена, тебе, Пресвета Дево, кој ли нема да го воспее твоето пречисто рождество, зашто Единородниот Син, Кој безвремено засветли од Отецот, истиот Он излезе од тебе, Чиста, откако се воплоти неискажливо; Он, Кој е Бог по природа и Кој, заради нас луѓето, стана и човек по природа; не во две лица разделуван, но во две природи неслиено познаван. Него моли Го, чиста, себлажена, да ги помилува душите наши.

Литиски стихири на храмот, и на светиот, глас 2. Самогласни.
(Студитови)

 

 Откако на земјата собра мноштво испосници – твои ученици, преподобен Антоние, и сите страсни напади ги потопи во реките од твоите солзи, твојот боговдахновен живот на сите им стана познат како божествена и чиста скала што води кон небесата. А откако во себе ги покажа и плодовите на благочестието, со нив ги исцелуваш страсните немоќи, на оние што со вера ти викаатː Радувај се, златозарна ѕвездо на Исток, и светилнику на монасите, и пастиру! Радувај се, секогаш споменуван, најдоброто што го нахранила пустината, и непоколеблива  тврдино на Црквата! Радувај се, голем наставнику на заблудените! Радувај се, наша похвало, и светла радост на вселената!

Да му оддадеме почит на Антонија, ангелот на земјата и човек Божји на небесата, украсот на вселената и ризница на блага и добродетели, и похвала на испосниците; оти, насаден во домот Божји, процвета праведно и, како кедар во пустината, ја умножи паствата Христова од словесни овци, во светоста и правдата.

Преподобен отче, уште од младоста примерно обучен во добродетели, беше орган на Светиот Дух и, откако прими од него да правиш чудеса, ги учеше луѓето да ги презираат задоволствата. И сега, најчисто озаруван од Божјата светлина, просветли ги и нашите мисли, отче Антоние.


Слава, глас 5ː

Преподобен отче, кога го слушна гласот на Евангелието Господово, светот го остави, не сметајќи ги за ништо богатството и славата. Затоа на сите им викашеː Возљубете Го Бога и ќе ја најдете вечната благодат; ништо не претпочитајте пред љубовта Негова, та кога ќе дојде во Својата слава, да најдете покој со сите свети. По неговите молитви, Христе, спаси ги душите наши.

И сега, богородиченː

Те славиме, Богородице Дево, зашто од тебе засветли Сонцето на правдата – Христос Кој има милост голема.



Стиховни стихири, глас 5.



Радувај се, отче Антоние, кој престојуваш со ангелските чинови во висините, бидејќи навистина уште на земјата живееше како нив вежбајќи се во добродетелта, и се покажа како најчисто и неосквернето огледало, примајќи ја светлозрачната светлина на Духот, себлажени.  Затоа, озарен, си ја гледал иднината претскажувајќи сѐ, научен од Христовата божествена светлинаː Него моли Го, да им даде на душите наши милост голема.


Стихː Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите свети.

Радувај се, предводнику на испосниците и непобедлив поборнику! Зашто, сечејќи ги корените на страстите и на демонските напади, храборо им се спротивстави и нивната немоќ и душегубна прелест ја изобличи, а силата и непобедливото дејство на крстот Исусов ја покажа. Откако се препаша со неа, ги победи сите што го отфрлаат Христовото божествено јавување во тело. Него моли Го, да им даде на душите наши милост голема.

Стихː Блажен е оној човек, кој се бои од Господа, и кому му се мили Неговите заповеди.

Ти се покажакако светол столб утврден на добродетели, и облак за оние во пустината што сенка им прави, кој ги преведува од земјата кон небото оние што Го созерцаваат Бога. Откако со палицата на крстот го раскина морето на страстите и го победи духовниот Амалик (демонот), непречено го најде патот кон небото и нетленото наследство, богоблажени! Радосно, со бесплотните сили, стоејќи пред престолот на Христа, Него моли Го, да им даде на душите наши милост голема.

Слава, глас 8ː

Те почитуваме како наставник на мноштво монаси, отче наш Антоние, зашто од тебе научивме навистина по правиот пат да одиме. Блажен си ти, што Му служеше на Христа и ја изобличи вражјата сила, соговорнику на ангелите и другару на Павле Тивејски. Со нив моли се на Господа, да ги помилува душите наши.

И сега, богородиченː

Безбрачна Дево, која неискажливо Го зачна Бога по тело, Мајко на вишниот Бог, прими ги молбите на твоите раби, Сенепорочна, давајќи им на сите очистување на гревовите; примајќи ги и сега нашите молења, моли се, сите ние да се спасиме.


Тропар, глас 4ː



Подражавајќи ја со твојот живот ревноста на Илија, и правиот пат на Крстителот следејќи го, отче Антоние, ти беше жител на пустината, и со твоите молитви ја утврди вселената. Затоа моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.


Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

 


Подготви: Светланка Трајчева

 30ти јануари 2019 лето Господово

 

Друго: