jazici

Словото кое е дело единствено на разумот не ја менува душата, оти е телесно. Словото Божјо, кое е родено од Духот Свет, има божествени енергии и ја менува душата. Светиот Дух не слегува на некаков механички начин – поради тоа богословието нема врска со некаков чисто научен дух. Духот Свет Самиот слегува кога во човекот ќе наиде на соодветни претпоставки. А духовната претпоставка е [тоа] да ја тргне ‘рѓата од својот духовен проводник, да биде добар проводник, да ја прими струјата на духовно просветление, и така да стане духовен научник, богослов. Кога велам „богослов“, мислам на оние богослови кои го живеат богословието и чијашто диплома единствено има вредност. Не мислам на оние кои имаат хартија без никакво покритие, и чија диплома е како банкнота од некоја земја што не постои.

Умот честопати со години се заморува за да научи еден или два странски јазици. Во нашево време многумина знаат странски јазици, но овие јазици немаат никаква врска со јазиците од Светата Педесетница, зашто живееме во великиот Вавилон. Големо зло е кога со богословие се занимаваме само со помошта на нашиот разум, и кога нашиот разум го претставуваме како присуство на Светиот Дух. Ова се нарекува „мозгологија“ која ја раѓа Вавилон, додека во богословието постојат многу јазици, многу дарови, но сите јазици се во склад, зашто Еден е нивниот Господар, Светиот Дух на Педесетницата, а јазиците се огнени.

– Старче, зар не се вели во химните дека Светиот Дух „сè дава…“?

– Да, дава, но само таму кадешто е присутен. А ако не е присутен, како да даде? Повреден е еден збор од искусниот и смирен човек, што со болка излегува од длабочините на неговото срце, отколку многуте зборови од надворешно мудриот човек кои, поради спретноста на јазикот излегуваат брзо, и од кои душата нема корист, зашто таквиот јазик е телесен и не е огнен јазик на Светата Педесетница.

Старец Паисиј Светогорец

Извор: http://pravoslavie.mk.

 

 

 

 

 

 

03.06.2017