УТРЕНА
Канон Песна 5


Ирмос: Со Твојата божествена светлина, Благи, душите на оние што порануваат кон Тебе со љубов, се молам, озари ги, за да Те познаат Тебе, Слово

Божјо, вистинскиот Бог, Кој од мракот гревовен нè повикува.
Да се потрудиме да ги подражаваме добродетелите на фарисејот, а смирението на митарот да го следиме, мразејќи ги, и во едното и во другото, претераната вообразеност и опасноста од грешењето.
Патот на правдата стана суета, кога фарисејот ѝ ја додаде вообразеноста, а митарот за сопатник ја придоби високотворната добродетел – смирението.
Фарисејот мислеше дека ита врз колата на добродетелите, но митарот пеш ја претекна колата, кога ги впрегна заедно смирението и состраданието.
Откако сите ја разбравме со умот параболата за митарот, пријдете да ја подражаваме со солзи, принесувајќи Му на Бога смирен дух и барајќи простување на гревовите.


Слава: Како разумни, да го отфрлиме фарисеевиот суетен и злобен, горделив и дрзок, лут и фалбаџиски карактер, за да не се лишиме од Божјата благодат.


И сега: богородичен: Предобра (Дево), жезолот на силата испрати ни го нам, на сите, кои тебе ти приоѓаме, давајќи ни да одиме напред среде сите непријатели и од секоја напаст ослободувајќи нè.


Кондак, глас 4.
Да бегаме од фалењето на фарисејот и да се научиме на смирението митарево, со покајание викајќи: Спасителу на светот, очисти ги слугите Твои.


Втор кондак, глас 3.
Да му принесеме на Господа воздишки како митарот и, ние грешните, да Му пристапиме како на Господар, бидејќи Он го сака спасението на сите луѓе, им дава прошка на сите што се каат, оти  заради нас се воплоти Словото Божјо, Кое е собеспочетно на Отецот.


Икос: Сите ние, браќа, да се смириме самите себе со воздишки, со плач да ја биеме совеста, та на вечниот суд да се покажеме верни, невини и да добиеме простување, зашто таму е вистинското олеснување, за кое ние сега се молиме да го видиме, таму каде што нема ни болка, ни тага, ни длабоки воздишки, тој прекрасен рај – Едем, што ни го обезбеди Создателот Христос, Кој е Бог, беспочетен со Отецот.


Кој живее фарисејски, тој останува далеку од Црквата.
А Христос е внатре и смирениот Го прима.

 

Извадокот од богослужбата е од Посен Триод

 

За Преминпортал подготви: Т.С.