s.jpg

Сабота од Втора седмица на Великиот Пост

✤✣✤

За упокоените

(Родителска сабота)

✤✣✤

s.jpg

Св. Јован Златоуст: Не напразно се даваат приноси за упокоените, не напразно молитви, не напразно милостина: сето тоа го востановил Светиот Дух, сакајќи ние да стекнуваме полза еден преку друг.

Св. Филарет Московски: Доколку сепроникливата премудрост Божја не ни забранува да се молиме за упокоените, не значи ли тоа дека исто така е дозволено да се фрли јаже, иако тоа не е секогаш доволно сигурно, но понекогаш, а можеби и често, е спасително за душите кои паднале далеку од брегот на привремениот живот, но не ги достигнале вечните пристаништа?

Св. Филарет Московски: Ти плачеш поради тоа што упокоениот те оставил тебе, а не размислуваш за тие коишто тој ги нашол!

Свештеник Михаил, извадок од книгата „За покој на упокоените“: На надгробните плочи оставени на местото на погребените Христијани во раните постапостолски времиња, се среќаваат натписи: „Живи во Духот“, „Живи во Бога!“

Колку радост се крие во таквите пожелби на живите! Што може да биде поблажено за нив отколку да живеат во Бога.

„Живи во Бога!“ – во таа пожелба кон покојните, Христијаните ја изразувале и својата вера во светлата бесмртност на христијанската душа, соединета со вечно Живиот Бог, и радоста на заедницата на живите и мртвите во Бога, бидејќи Бог „Не е Бог на мртвите, туку на живите, бидејќи во Него се сите живи“ (Лука, 20, 38).

Заедницата на верникот со Бога со блажена радост се доживува од неговата душа. Заедницата со Бога е истовремено и општење на Христијанинот со сите други верници. Пребивајќи во Христа, ние општиме со сите наши упокоени роднини, нашите предци, и со сите оние чијшто прав е расеан по целата земја пред стотици и илјадници години. Нас сите – и мртвите и живите – нѐ обединува Христос; и ние сите – и мртви и живи – живееме во Христа. Каква радост е да се живее во Христа!

Но живееме ли ние во Христа? За жал, не, не живееме.

Што ни е потребно за да живееме во Христа и Христос да живее во нас? 

Одговорот е еден: да не грешиме. Сѐ што му е противно на Господа, „сѐ што Му е мрско ти не треба да го правиш“ (Сир. 15, 11), а треба да постапуваш во животот така како што Он постапувал. За Христос да пребива во нас ние „треба да ги имаме истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Фил. 2, 5), а тоа е толку тешко! Подвижниците на благочестието преземале големи напори за да ја разгорат во себеси љубовта кон Бога и да се приближат кон Него. Непрестајната молитва, придружена со внимателно запазување на заповедите Божји, го помага нашето приближување кон Бога.

И колку повеќе во нас има љубов, толку поблиски сме ние до Бога, и толку поцелосно ќе биде нашето пребивање со Бога и во Бога. „Бог е љубов, и оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него“ (1.Јов. 4, 16).

Ете дури тогаш, а не порано, ние живите ќе добиеме вистинска можност да општиме со нашите упокоени. Тогаш ние живите, и самите осветени од пребивањето во нас на Христа Бога, можеме и за другите да бараме во молитва помилување, и осветување, и спасение.

Сакате ли да добиете по смртта упокоение со Светиите? Трудете се, уште сега, додека живеете на земјата, да водите праведен живот: да ги исполнувате заповедите Божји, да творите милостина, да се поткрепувате со Светите Таинства во Црквата Христова, да се молите за прошка на своите претходни гревови, и да барате од Господа благодатна помош за да не грешите понатаму.

Сакате ли да се молат за вас другите тогаш кога вие ќе се упокоите? Молете се и вие сега за претходно упокоените раби Божји.

Извор. Бигорски манастир