✤✣✤

Догматите може да ги знаеме како петте прста на раката, можеме постојано да се занимаваме со нив, но нешто недостасува и не можеме да ги промениме луѓето, така што да ја познаат вистинската Христова вера. Кога еден човек се запознал со Свети Порфириј, тој рекол: „Сега познав еден нов Христос – една нова Црква! Едно ново Православие!“

Тој не ги променил догматите во коишто верувал, тие останале истите. Но кога ќе познаеш луѓе преобразени од Христа, смирени, урамнотежени, со блага душа, со сите убави нешта, тоа те привлекува и ти велиш дека „Ова е вистинското!“ Не се одлепуваш од таму. А нас нѐ гледаат другите луѓе и не само што не ни се доближуваат, туку и се одвраќаат од нас, бидејќи со нашето однесување стануваме причина тие да се соблазнат.

Во краен случај, Православието означува строгост, не кон другите, туку само кон себеси, означува голема снисходливост, молитва за другите и надеж во Христа дека Он може да ги промени. Кога ќе се допреш до вистинскиот православен живот, кога на вистински начин ќе го примиш, престануваш да бидеш формалист и да го правиш она што го реков уште на почетокот, и од кое се жалат младите: „Што и да правам во црквата, како однапред да знам што ќе ми кажеш. Знам! Ако ти речам дека сакам да појдам на стадион, ќе ми речеш – не, ако ти речам ќе го направам тоа – не, и ако ти речам ќе го направам она – не!“

И сметаат дека сѐ е „не!“ Децата сметаат дека тоа е православниот дух, на сѐ да велиме „не!“ А Црквата вели дека таа самата е „да!“ и „Амин!“ Христос вели „да!“ на сѐ убаво. Но прашање е на каков начин го пренесувам тоа на другиот.

Кога Св. Сергеј Радоњешки изградил манастир, го нарекол „Света Троица“. Го прашале зошто и тој одговорил: „Затоа што сакам животот на отците тука да биде колку што е тоа возможно подражавање на Света Троица!“ А што значи Света Троица? Три Лица во една природа, различни, но и обединети. Такви треба да бидеме и ние. Сите да Го љубиме истиот Бог, да ги кажуваме истите молитви, да бидеме соединети, но и секој од нас да ги запази своите црти и карактер. Тоа значи Света Троица во мојот живот. Светите некако така ги гледале догматите.

Еднаш зборував со еден јеховист и ми се сврти во умот, навистина не можеш да се разбереш со нив, најпосле му реков нешто едноставно:

-Да те прашам нешто – ако во овој разговор почувствуваш нешто, дали си спремен да се промениш? Или однапред си велиш дека нема да се промениш, па дури и светот да се сврти наопаку? Тој се сврти кон мене и ме праша:

-А ти?

Му реков: „Да!“

-Е како? Нели си свештеник?

-Ако сакаш верувај, спремен сум. Ако животот, Црквата и реалноста ми покажат дека нешто не ми дава спокој, нема да бидам тоа што сум.

Со други зборови, му реков дека не случајно сум православен и тоа уште повеќе сега, кога станав свештеник, зарем нема да се обратам или променам! Не! Ако ме убедиш на дело, во душата и во опитот, дека она што го велиш е вистина, ќе го оставам тоа што го правам. Но јас не можам да го оставам токму поради она истото што Св. Поликарп епископ Смирненски му го кажал на џелатот што го терал да се одрече од Христа: „Толку години Го љубам и Он никогаш не ме разочарал!“

Да ме беше разочарал ќе се откажев од Него. Зошто сега би се откажал? Православието е вера којашто не те разочарува, но и не те прави фанатик. Ние веруваме не затоа што така некогаш се случило и оти ти сега да се менуваш! Не мил мој, ако зборуваш за нешто вистинско,  направи го! Побарај го! Црквата нема од што да се плаши. Колку повеќе го бараш Православието, толку повеќе се убедуваш, толку повеќе се поклонуваш на Бога и велиш: „Во какви возвишени нешта веруваме!“

Убавината на Православието се гледа во гонењето, во критичните моменти, таму каде што отстапуваат второстепените нешта, нашите безумства и личните проблеми и се открива вистинското. И да ја завршам мислата, сите имаме потреба од тоа да сфатиме дека во името на Христа, многу пати ги вршиме нашите предавства, ги исполнуваме својата волја и своето мислење. И наместо да веруваме во Божјото Откровение, веруваме во нашите идеи.

Еден човек сакал да оди во САД, пошол кај Свети Пајсиј Светогорец и го прашал:

-Отче, ќе одам во САД, но ќе се занимавам со рок музика. Пречи ли?

Свети Пајсиј му одговорил буквално:

-Јас не се разбирам ни од рок, ни од ксе- рок. Оди кај што сакаш. Само љуби Го Христа и никогаш не го оставај!

Јас би му рекол да не оди, татко му би му рекол да се оттргне од тие работи, гревовите се навистина гревови. Но тој млад човек тогаш не би поднел да го слушне тоа. Православието значи да знаеш како да му го кажеш на другиот тоа што сакаш да му го кажеш, и тоа во вистинскиот момент, за да го прими без да го отфрли. Во спротивно – што да правиме? Треба да го кажеме правилното и на правилен начин, за да може неговата душа да го прими и да не се воспротиви.

Кога Го прашале Христа, малку ли се оние што ќе се спасат – кои ќе се спасат – колку, многу, малку, ние, другите, православните? Христос рекол: „Подвизувајте се за да влезете низ тесната врата!“

И Св. Јован Златоуст вели: „Гледате ли? Едно Го прашале, друго им одговорил. Тие Го прашале ’многу или малку ќе се спасат. Ние или другите? Што се случува со спасението? ‘“ И Христос вели:

-Не прашувајте го тоа што не е ваше да го знаете! Вие само подвизувајте се.

Православен ли си?  Подвизувај се за вистински да станеш православен. Ние не сме вистински православни, но можеме да станеме такви. Треба да бидеме онакви, што другиот да мисли дека Го гледа Христа во живо до себе. Кој од нас може да се пофали дека е таков православен? Затоа да се подвизуваме.

Крај

Извор: Бигорски манастир

Друго:

http://preminportal.com.mk/polezno-i-potrebno