ГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ

Мирисини Вигипулу

    Наскоро сигнуваат до последните куќи на Ти-Градот, а Пркос никаде не гледа палата. Палатата во Јас-Градот господари со центарот на градот. Сите ја гледаат, и таа може сите да ги види.
   
    Се искачуваат низ мало возвишение. Можеби е зад ова ридче-размислува Пркос. Децата продолжуваат кон последната куќа. Нејзиниот двор е полн со цвеќиња. Едно мало бело куче, приметувајќи ги, почнува да лае и трча кон Пркос. Тој застанува на момент и го гледа прекорно. Ведрана се наведнува и го милува.
    -Не плаши се, тоа е Лав! Излезе да нè поздрави.
    -Каков Лав! Личи на трошка. Туку, кажи ми, каде е палатата на кралицата?
    -Не постои палата. Ова што го гледаш пред себе е нејзинaта куќа. А овој овде-зборува смеејќи се -е нејзиниот вратар кој ја известува за посетите.
   
    Учителката, откако ги слушна децата, излегува да ги поздрави. Уште од вратата им посакува добредојде. Тие радосно трчаат кон неа. Само Пркос застана како скаменет. Таа насмеана оди кон него.
    -Добредојде во Ти-Градот Пркос!
   
    Кога се најде пред неа, Пркос занеме. Не е возможно! Смирена! Таа му помогна да влезе во Ти-Градот. Замисли! Смирена е кралица и учителка! Се сети дека тогаш на заминување не ѝ се ни заблагодари.
    -Што ти се случило?-го прашува Ведрана.
    -Ништо, ништо не му е! Само е возбуден што ме гледа прв пат-одговара Смирена наместо него.
   
    Тоа «прв пат» го погоди како гром. Секако, не би  му се допаднало да им раскажеше таа на децата како му помогнала да влезе во Ти-Градот. Нешто му застанало во грлото и неможе да изусти ниту збор. Ведрана, сакајќи да го ослободи од таа незгодна ситуација, почна да ѝ раскажува на учителката што им се случувало изминатите денови. Учителката ги прегрна двајцата и заедно појдоа накај куќичката. Често му ја стега раката на Пркос, обидувајќи се така да го охрабри.
   
    Во дворот на куќата, покрај едно поточе, се наоѓа голема бука. Децата веќе седат под нејзината крошна и уживаат во ладовината. Пркос го посматра кралскиот «салон под ведро небо»: големи трупци служат како столици, а во средината се наоѓа долга дрвена маса. На  неа, две корпи полни со разно овошје.
   
    Децата сами се послужуваат. Пркос се сети на кралските одаи во Јас-Градот. И таму постоеа големи салони украсени со најразновидно овоштие. Но, никој не се осмелуваше да пружи рака и да допре нешто, а камоли да земе. Смирена го поставува да седне покрај неа. Сето време, додека зборува со другите деца, го држи за рака. Тој полека се смирува. Сета таа едноставност го смирува. Прв пат се кае за своите лаги. Нејзината топла насмевка и нежен допир, го охрабруваат да проговори.
    -Смирена, може ли да те прашам нешто лично?
    -Прашај ме што сакаш!
    -Зарем ти, како кралица, не би сакала да имаш голема палата, стражари, вратари и свита?
   
    Смирена се насмевнува.
    -Ако побарам од овие луѓе да ми изградат палата, биди сигурен дека би ми изградиле најубава. Но, со тоа не само што мојот живот нема да стане поубав, туку тоа ќе ми го отежне. Старажари, свита, толку луѓе за кои треба грижа... Исто така, ни моите сограѓани не би биле среќни. Би ја изгубиле топлината и едноставноста на општењето.
    -Вака како што ми говориш, ми се чини дека имаш право. Но, зарем е лошо да се имаат желби? Зарем не треба да се трудиме да го подобриме нашиот живот?
    -Сите тоа го сакаме но, потребно е внимание. Може да се случи тоа подобрување, всушност, да е замка и така животот да нѝ стане потежок. Пожелно е и нашите желби да ги ограничиме. На тој начин го почитуваме и се радуваме на она што го имаме. 
   
    Децата се сложуваат со учителката. Не сакаат ниту да замислат како би било при секое доаѓање кај неа да мораат да бараат дозвола од вратар.
    -Сигурно тоа нашите животи би ги направило тешки-заклучува Благороден.
   
    Пркос мисли на својата кралица. Кога би отишол кај неа да ѝ го раскаже сето ова, би ги викнала стажарите низглава да го исфрлат од палатата.
    Смирена, сакајќи да им се заблагодари на децата, предложи да одат на прошетка.
    -Ќе се симнеме до теснецот и така ќе дојдеме до изворот на реката.
    -Можеби ќе сретнеме и некоја дивокоза-додава Ведрана. -Пркос, дали некогаш си видел дивокоза?
    -Никогаш!
    -Да се надеваме дека среќата ќе ни се насмее!
    По неколку мига тргнуваат пеејќи.


    Извор: „Из Ја Града у Ти Град” (издание на Беседа-Нови Сад 2007 година)

    Подготви: Маја Белева

Друго:

http://preminportal.com.mk/component/search/?searchword=%D0%9C%D0%B8%D1%80%D0%B8%D1%81%D0%B8%D0%BD%D0%B8%20%D0%92%D0%B8%D0%B3%D0%B8%D0%BF%D1%83%D0%BB%D1%83&searchphrase=all&Itemid=278