Hristos.sv.Nikola4.jpg

✣✤✣ Писмо до Јуда ✣✤✣

Драг Јудо! Еве, те ословувам „драг“. Кај нас, значи, овде на земјава, „драг“ е вообичаен помодарски збор (што се користи) на почеток на писмата. Бидејќи се работи за тебе, многу е опасно (човек) така да се изразува, иако сите ние велиме дека љубовта нема и не смее да има граници.

Ти го пишувам ова писмо после поприлично двоумење и сè уште се плашам ова писание да не доведе до недоразбирања во мојата блиска околина.

Претпоставувам дека секоја година, токму во ова време, добиваш мноштво „писма“ во кои твоите браќа – луѓе те напаѓаат. Значи, штом се спомене името Јуда, тоа е веднаш синоним за зло, нешто негативно – за предавство. Данте Алигиери во својата „Божествена комедија“ те постави рамо до рамо со самиот ѓавол. Евангелијата исто така не постапуваат баш нежно со тебе. Кога евангелистите ги наведуваат дванаесетмината, ти си на крај, обично со додавка која ни малку не ти оди во прилог. Евангелистот Јован те нарекува „ајдук“, а и самиот Учител слично говори, дека за тебе би било најдобро да не се беше родил. Кратко кажано: веројатно ниту еден лик во христијанството не бил од почетокот толку омразен, и со векови толку оцрнет колку тебе.
Јудо, имам одредени проблеми во сфаќањето на твојата личност, загонетки кои овие денови ме окупираат и мачат. Затоа ти го пишувам ова замислено писмо, оти никако не можам да го одгонетнам твоето житие. И освен тоа, секогаш притоа сум затекнат, и ми доаѓа на Исус да Му го поставам истото прашање како и апостолите, откако им навести, а не го кажа името, дека еден од нив ќе го предаде: „Да не сум можеби јас, Господи?“ Кој си ти, Јудо? Ти, кој како и сите други апостоли, остави сè за да го следиш Исус. Мислиш ли дека Исус ќе те избереше за гласник на Благовестието и како таков ќе те чуваше покрај себе ако те сметаше за непоправлив проклетник? Кога беше толкав среброљубец, како можеше да издржиш три долги години со својот Учител во така сиромашна заедница? Со Учителот кој „немаше место каде глава да приклони“. Како се осуди Исус на Последната вечера да ти ги измие нозете, и тоа со рацете кои „требаше“ ден потоа да ги прободеш со своето предавство?

Зошто го издаде? Да го издадеш својот пријател за неколку кованици, кои и онака подоцна ги фрли… И онака можеше полесно да се снајдеш, да ги земеш од заедничката каса. Кажи ми, Јудо, дали си ти навистина потполно „изгубен“? Зарем не стана, пред сè, жртва на својата осаменост? Не ја имаше среќата на Петра, кој по трикратното откажување од Учителот сепак го сретна неговиот поглед, кој толку многу го трогна, што горко заплака. Ти не го чу пеењето на петлите и никој не ти помогна да заплачеш. Беше сам, и „беше ноќ“, и уште полошо, ѓаволот беше влегол во тебе и ти не можеше да излезеш на крај со тој страшен сопатник.

Јудо, зошто не допушти во твојата длабока осаменост да одѕиваат зборовите кои Исус еднаш ти ги упати? Зборови на потполна доверба од првиот ден, зборови кои можеа да ја уништат темнината на твојот очај: „Пријател мој“. Сакаше да побегнеш од својот сопствен живот, и се обеси како последен никаквец. Зар не знаеше дека ќе паднеш во Божјите раце и дека стануваш жртва на неговата бесконечна љубов? Оти, оној кој беше проповедал дека ниту еден од оние кои му се доверени нема да погинат освен Синот на погибелта, уште додека на крст висеше, го молеше својот Отец да им прости на сите луѓе. Со таа последна молитва Исус склопи договори со секој грешник, и со тоа ја отстрани можноста за судење според нашата праведност, и така оттогаш се важи само Божјото милосрдие. Целиот проблем на злото, предодреденоста и слободата, судот и спасението, по твојот живот и смрт се усложни до недоглед.

Јудо, не знам каде ќе те затекне ова мое писмо. Те поздравувам, и се надевам дека Бог ќе има обѕири кон тебе!

авторот е францискански монах и проповедник
извор.агапи.мк