Последен чекор на нашиот пат кон Постот е оној што ни ја покажува параболата на овците и козите. Пред нас го поставува следниот проблем: што ќе судиме и за што ќе ни се суди? А одговорот е потполно јасен. Во овој процес на судење можеби си мислиме дека ќе бидеме судени дали имаме едно длабоко знаење за Бога, дали сме богослови, дали живееме во оностраната стварност. Значи, оваа паралела потполно јасно ни покажува дека Божјото прашање за нас, пред да можеме да влеземе во било кој вид на божествената стварност, е ова: „Беше ли човек? Доколку не си бил човек, тогаш не си замислувај дека ќе бидеш способен да станеш како Бога Кој човек стана, како Богочовекот Исус, Кој е мера за сѐ“.

Ова е многу важно, зашто ние постојано погрешно судиме. Гледаме колку сме побожни, колкаво знаење за Бога имаме, ја испитуваме нашата „црковност“. Но, прашањето коешто Христос ќе ни го постави е следново: „Дали си човек или под-човек?“ Со други зборови, „Дали си способен за љубов или не? Јас бев гладен, Јас бев жеден, Јас бев во затвор, Јас бев болен. Што стори ти за тоа? Беше ли способен да одговориш со своето срце на мојата беда, беше ли способен да одговориш по било која цела и со сета твоја човечност – или не?“

Во овој момент мора да се потсетиме на претходно кажаното за митарот и фарисејот. Христос не бара од нас да го исполниме Законот. Тој нема ги брои векните леб или чашите вода или бројот на посети во болниците итн. Тој ќе го измери одговорот на нашето срце. А ова е објаснето со Христовите зборови во еден друг дел од Евангелието, кадешто вели: „Па така и вие, кога исполните сè, што ви е заповедано, речете: »Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме. “ (Лк. 17,10). Извршувањето значи ништо. Ние стануваме луѓе во моментот кога, како митарот, како блудниот син, навлегуваме во сферата на скршеното срце, во сферата на љубовта којашто е одговор на божествената љубов и човечкото страдање. Тоа не може да се измери. Ние не можеме никогаш, на тоа ниво, да речеме: „Сигурен сум. Ќе се појавам пред Судот и ќе бидам на страната на овците“, зашто тоа нема да биде прашање на исполнување на Законот, туку дали овој Закон станал толку наш, што прераснал во тајна на љубовта.

Тогаш, во тој момент, ќе бидеме на работ, на самиот праг на влегување во тој извор на животот, таа обнова на животот, таа свежина на сите ствари, на Постот. Ќе ги имаме поминато сите тие фази на Судот, и ќе излеземе од слепоста и од Законот во една визија за таинскиот однос што може да се нарече „милост“ или „благодат“. И ќе бидеме лице в лице со бивањето луѓе. Но, мора да запомниме дека да се биде човек, не значи да се биде „како нас“, туку „како Христа“.

После сето ова може да влеземе во постот и преку читањата во Црквата, преку молитвите на Црквата, преку процесот на покајание, да почнеме да го искусиме откривањето на делата на божествената благодат, единственото нешто што може да нѐ води кон раст до мера на полната возраст на Христовото совршенство.

Ве доведов до портите. Сега мора да ги преминете.

Антониј, Митрополит Сурожски
Извор: „Тавор“, бр. 2
  23-ти февруари, лето Господово 2014

 http://koe.mk/voveduvanje-vo-postot-3/