20.02.2014 год.

 
Воведување во Постот (2)

Ова го гледаме во параболата за митарот и фарисејот – првата, остра, целосна осуда којашто истовремено е и човечка и Божја, зашто и двете се совпаѓаат. Доколку се запрашаме како е возможно фарисејот да биде толку горд, и покрај неговото големо знаење за Бога и Божјите нешта, и како е можно митарот да биде толку вистински смирен, и покрај тоа што е прост, мислам дека одговорот може да го најдеме во следново: фарисејот се повикувал на Законот, на словото на Законот. Човек може секогаш да биде праведен што се однесува до Законот и словото. Човек може секогаш да ги исполнува правилата и заповедите. Човек може да ја има „извршено својата должност“ и да се чувствува беспрекорно.

Митарот, пак, се повикувал на други нешта. Тој не бил добар човек. Неговото познавање на Законот било следново: некои делови од Законот го осудувале, бидејќи тој знаел каков е самиот. Други делови пак, од Законот, тој можел да ги користи за да изнуди што и да сака од другите луѓе. Законот за него бил една моќна, сурова и тешка алатка во неговите раце или во рацете на Бога. И тој знаел, како што знаел од животот, знаел совршено добро дека единственото избавување од Законот е човечката милост, човечкото сострадание, еден човечки пристап и став еден кон друг. Тоа било единственото нешто што можело должникот да го спаси од затвор, или изнудувачот од осудата на судијата: еден човечки допир.

И така, тој бил растегнат меѓу законот, кој бил непоколеблив, неумолив, сила којашто не може да биде исполнета, зашто тој бил преслаб за неа од една страна, и законот којшто иако можел мошне сурово да биде употребуван против другите, сепак би можел да биде исцелен преку човечките односи, од друга страна.

Митарот се повикувал на луѓето, на неговите ближни, вклучително и неговиот невидлив ближен, на Бога. Заради тоа тој можел да стои на влезот од храмот, безнадежно удирајќи се во градите: и покрај сиот ред на нештата, тој знаел дека во неговиот свет на тешки, сурови, неумоливи луѓе, постојат моменти кога сѐ станува возможно, оти човекот може да биде човек дури и кога неговото срце е закоравено, сурово. Така е и со Бога. Законот е тука да го осуди човекот, но Бог е „Некој“. Тој не е само Законодавец. Тој не се грижи единствено за Законот да биде запазен. Тој е слободен во Својот Закон да се однесува со човечност. Ваквото знаење го смирило митарот пред Бог, оти сега имало и надеж, а заедно со надежта и милост, сожалување, сочувствителност. Ова направило сѐ да биде можно, и покрај тоа што да се биде љубен, и спасен преку љубовта е мошне засрамувачки.

+++

Истата вистина ни се открива и на поинаков начин во следната парабола, онаа на блудниот син. Тука повторно гледаме двајца мажи, еден праведен и друг којшто е неправеден. Блудниот син е само поинаков вид на митар, а постариот брак е ист со фарисејот. Но, тука сме соочени не само со спротивставеноста меѓу Законот, којшто е објективен, а со тоа и мртов, и милост, којашто е субјективна, односно жива и личносна, туку сме соочени и со темата на самиот грев. Што значи да се пребива во грев? Ова може да биде јасно објаснето преку краткиот разговор меѓу синот и таткото на почетокот од параболата. И, доколку сакаме да употребиме посовремени и погруби зборови од евангелските, (би рекле дека) се сведува на ова: „Татко, сакам да живеам, а ти ми стоиш на патот. Сѐ додека си жив, богатството е твое. Умри, да претпоставиме дека веќе си мртов. Немам време да те чекам да умреш. Ајде да се согласиме дека што се однесува до мене, јас немам татко, но го имам богатството во наследство од него.“

Ваков вид на говор среќаваме, со можеби иста или помала грубост, во многу наврати меѓу децата и нивните родители, меѓу луѓе поврзани едни со други на овој или оној начин. Преку него се вели: „Како личност, ти не си важен. Ти стоиш на мојот пат. Единственото нешто што има вредност за мене е она што можам да го добијам од тебе. А, за да го добијам сето тоа од тебе, ти мора да се откажеш дури и од твоето постоење. Мора да прифатиш да не постоиш“.

Ова е грев, грев во однос на Бога, и грев во однос на човека. Во однос на Бога, ние сме среќни ако земеме сѐ што ни дава, и потоа Го исфрлиме од нашите животи. Среќни сме ако одиме во туѓа земја и го трошиме сето она што Тој ни го дал, одрекнувајќи го Неговото постоење со истата безобразност со која, во Страстната седмица, војниците ги покриле очите Христови за да не гледа, за тие да можат уште послободно да Му се потсмеваат.

Истото честопати важи и за нашите односи со луѓето. И ова, исто така, е грев. Сржта е следна: да се отфрли другиот, зашто тој не е битен. Битни се стварите – и тоа што јас можам нив да ги употребам.

И така, еве уште еден аспект од оваа парабола: градот, незгодите, осаменоста, сите оние нешта што толку многу ги мразиме во животот, ни доаѓаат како единствено спасение, зашто сѐ додека сме окружени со комфор, не ја забележуваме нашата вистинска состојба. Ние не сме способни да се повлечеме во себе и да согледаме дека сме осамени среде оваа толпа, дека сме бедни среде овие богатства. За нас е важно да сфатиме дека сета горчина, потешкотија, сето она што во нашата алчост и страв го мразиме, а нѐ снаоѓа – тоа е нашето спасение. Да бидеме лишени од нешта за нас е најважно. Ако не сме лишени од нешто, тогаш мора да се научиме да се лишуваме самите до моменткот кога ќе станеме свесни дека сме соочени со Живиот Бог во нашата конечна, целосна голотија и запоставеност, каква што е нашата состојба кога не се криеме позади стварите.

Има една прекрасна приказна во Приказни на побожните, во која се раскажува за еден човек, рабин, кој живеел во ужасна мизерија, па сепак, секое утро и секоја вечер Му благодарел на Бога за Неговиот великодушен дар. Еден од оние што ја чуле неговата молитва му рекле: „Како можеш да си толку лицемерен? Зар не гледаш дека Бог ништо не ти дал?“ А овој му одговорил: „Не, грешиш. Бог ме погледна и помисли, ‘За да биде спасен, на овој човек му треба глад и жед и лад и осаменост и болест и запуштеност’. И токму овие нешта и ми ги подари во изобилие.“ Ова претставува вистински христијански став, став на верник за когошто душата навистина е важна. А токму тоа ни го покажува и освестувањето на блудниот син.

Но, исто така ни покажува и едно друго нешто. Блудниот син се враќа назад, повторувајќи ја својата исповед, и вели: „Згрешив пред небото и пред тебе. Не сум веќе достоен да бидам наречен твој син. Дозволи ми да бидам еден од твоите слуги.“ На, таткото не му дозволува да ги докаже последните зборови. Секој од нас може да биде блуден син, блудна ќерка, недостоен син, недостојна ќерка, недостоен пријател. Но, она што ниту еден од нас не може да го направи е да се постави себеси под своето ниво во една врска. Ниту еден недостоен син не може да стане достоен наемник. Не можеме да отстапиме од стекнатото право со првородството, од правото што љубовта ни го дарила. И затоа, не можеме да бараме компромис или правни нагодувања со Бога, велејќи: „Не можам да Ти го подарам срцето, но ќе се однесувам добро. Не можам да Те љубам, но ќе Ти служам“, итн. Ова е една лага, еден однос кој Бог не е подготвен да го прифати и ќе го одбие.

(продолжува)

Антониј, Митрополит Сурожски
Извор: „Тавор“, бр. 2

 http://koe.mk/voveduvanje-vo-postot-2/