02.02.2014

Живееме во еден чудесен свет, чија совршеност отсекогаш го збунувала умот на човекот. Неговото совршено функционирање ги збунува умовите на великаните на науката. Космосот е тајна запечатена со седум печати. Со напорот на сите човечки генерации се одгатнува загатката на светот, но на луѓето не им поаѓа од рака да го допрат дното на мистеријата. Трае само восхитот пред тајната. Восхитот од убавината на космосот претставува стоење пред типосот на иконата што приведува кон живото присуство на архетипот – творецот на животот и на светот.

Но, постојат луѓе философи чија претстава за односот меѓу антропологијата и космологијата е погрешно обликувана. Старите далечноисточни народи: Кинезите, Индусите и Јапонците, како и древните Хелени и Римјани, го третирале човекот како елемент или дел од космосот. Човекот бил еден од бесчислено многуте елементи на космосот. Антропологијата ѝ била потчинета на космологијата, односно човекот му бил потчинет на светот. Со тоа, чудесната и повеќезначна улога на антропологијата се стеснува во рамките на космологијата. Светото писмо, пак, нè соочува со обратната перспектива. Човекот на позитивистичката и феноменолошката философија, соочен со библиското поимање на односот меѓу антропологијата и космологијата, благо речено, останува шокиран. Станува збор за исклучителната улога на човекот vis à vis светот. Светот е создаден заради човекот, а човекот носи огромна одговорност за светот. Спасението на светот е во строга зависност од спасението на човекот. И токму поради тоа што човекот не е создаден заради светот, човекот не е и не може да биде елемент на светот. Него Бог го создаде како микрокосмос во космосот, на физички план, и како макрокосмос vis à vis космосот, на духовен план. Со други зборови, браќа и сестри, Бог светот го ставил во рацете на човекот и оттогаш човекот е одговорен за судбината на светот.

Што значи тоа, мили мои? Тоа значи дека Бог од рацете на човекот ќе го побара светот, сочуван, разубавен и спасен. Човекот не смее да се изживува над светот, не смее да го разградува во името на некаков прогрес на технократското општество. Но, ако е светот создаден за да му стане дом и украс на човекот, според точното значење на грчкиот збор kosmon, тогаш е сосема извесно дека учењето на Светото писмо за човекот како hommo adorans (човек свештеник) го одредува учењето на Библијата за космосот како храм на првиот свештеник – Адам. Човекот-свештеник во храмот на космосот живеел литургиски, т.е. богослужбено, принесувајќи молитви на благодарност и славејќи го Бог – Троица, творецот на човекот и светот.

Човекот, очигледно, по природата своја е свештенобитие. Затоа сè што Господ создал во светот, го создал за да го стави во служба на човечкиот живот. Така, на пример, Бог не ја благословил храната само за задоволување на биолошките потреби на човекот, колку да се преживее. Туку ја создал така што ја ставил во функција на духовниот живот и неговата вечна смисла. Да почнеме од пченицата. Господ пченицата ја создал за да ја сомелеме и да ја претвориме во брашно, а од брашното да замесиме леб. И јадејќи го лебот, телото да го одржуваме во живот. Но, подлабоката смисла на лебот не е во тоа што ќе ни го наполни стомакот, туку во неговото претворање во натсуштествен леб, односно во тело на Спасителот. Негово тело е светата Црква, а тој ѝ е глава. Таа му е невеста, а тој ѝ е женик. Господ го благословил плодот на лозјата, грозјето, не само за да нè напои, да нè нахрани, туку виното добиено од грозјето да се преобрази во крв на богочовекот, во неговата спасителна крв, пролеана на крстот, за спасение на човекот и за живот на светов. И сè што во животот се прима како храна, има своја подлабока смисла. Без најдлабоката смисла, храната од човекот примана, создава слика за човекот како едно од многуте бесловесни животни. Обесловесениот човек, зграпчен од смртта, ќе биде положен во пазувите на земјата. Во темните и студени пазуви на земјата ќе исчезне, претворувајќи се во земја. Таквото постоење е бесмислено. Луѓето што доаѓаат до тој заклучок ја губат смислата на животот поради недостаток на вера. Потем, немајќи сили да живеат си го одземаат животот.

Закхеј

Закхеј

И ете, очите на спасителот денеска го видоа нискиот по раст цариник Закхеј. Штом чу дека Христос доаѓа во Ерихон, посака со свои очи да Го види. Но, беше низок. Затоа, решително се искачи на едно дрво. (Тоа дрво е познато под името сикомореја, бидејќи е добиено со вкрстување на смоква и црница. Дрвото на кое се искачи Закхеј за да го види Христа постои до денеска во Ерихон. Господ ми благослови со свои очи да го видам при моето поклоничко патување во Палестина.) Христос однапред знаеше за потребата на Закхеј да оствари жива и блиска комуникација со Бога. Затоа ги подигна очите кон Закхеј и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денеска треба да бидам во твојот дом“. Беше цариник, а цариниците беа луѓе што ги бие лош глас. Бргу слезе и го прими со радост. Но, народот сметаше дека одлуката Христова да го посети неговиот дом е погрешна. Закхеј покажа подготвеност половината од својот имот да го раздаде на сиромаси, а ако зел од некого нешто несправедливо, четворно да го врати. Исус рече: „Денеска дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов“. Синот човечки дојде да го побара и спаси загубеното. Оваа постапка Христова е утешна за нас, возљубени мои. Не е Христос некој што ги дели луѓето по која било основа. За Христос сите луѓе на светов се еднакви и подеднакво му се мили. Тој умре за спасение на сите луѓе и за живот на светов. Затоа, знајте дека логиката Христова е надлогична. Односите со секој човек посебно не ги гради по логиката човечка, заробена од предрасуди. Христос е сушта љубов божествена и го прегрнува секој што сака со окото на духот да го види, да го возљуби и да сожителува со него во царството небесно.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Извор: Агапи