Свети Јован, великиот воспитувач на срцето човечко, златоусто го преточувал својот живот во жив збор. Тој имал и сè уште има духовна моќ да продира длабоко во суштината на битието на човекот и неговата личност и светодуховно да ги преобразува. Во една своја беседа, со векови пред современите европски социолози, рекол: „Нека е проклет човекот што прв во историјата на човештвото рекол: ова е мое“. По овој типично социолошко-економски феномен, човештвото се раслоило во неколку социјални и економски категории. Следејќи ја таа линија, доаѓаме до глобалната поделба на две категории: богати и сиромашни.

И токму денешното свето Eвангелие задира во срцевината на овој крупен сечовечки проблем во историјата на меѓучовечките односи. Нашиот спасител, богочовекот Христос, вообичаено опкружен од своите чудесни ученици, ја раскажал следнава парабола. Еден човек, богат и облечен во порфира и свила, секојдневно раскошно се веселел. Живеел отмено и ништо не му недостасувало. Градел идолопоклонички однос кон светот и сладострастел. А пред портите негови, сиот во гној, лежел сиромашниот Лазар. Чекал да се насити од трошките што паѓале од трпезата на богатиот. Само кучињата доаѓале и го лижеле гнојот од раните.

И, како што Бог благословува да се родиме од утробата на мајката, така Бог благословува и допушта секој во свое време да биде примен од утробата на земјата. Тоа се случило и со богатиот и со сиромашниот. Кога умрел сиромашниот, ангели го однесле во лоното Авраамово. Потем, умрел богатиот и го погребале. Лазар знаел зошто страда. Тој ја познавал смислата на страданието. Во овој свет живеел подобно на праведниот Јов. Го носел радосно крстот на животот свој. И станал свет жител на Едем, на вечната едемска градина, на Едем на вечното и невечерно царство на триипостасниот Бог. А богатиот – жител на маките, жител на пеколот станал. Таму се случувало плач и крцкање со заби. Богатиот ги подигнал очите свои и оддалеку го здогледал патријархот на стариот Израил Авраам, а и Лазар во лоното негово. Потем, извикал и рекол: „Оче Аврааме, смилувај се над мене и прати го Лазар да го накваси врвот од прстот свој во вода и да ми го разлади јазиков, оти многу страдам во овој пламен“.

Во лоното Авраамово

Во лоното Авраамово

Одговорот на праотецот ја потврдил постојната онтолошка провалија меѓу луѓето од геенскиот свет и едемитите, светите жители на вечниот и небесен град. „Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар – злото; сега, пак, тој се утешува, а ти се мачиш. Освен тоа, меѓу нас и вас е поставена голема провалија, така што оние што би сакале да преминат одовде кај вас, не можат, ниту оние оттаму кај нас“. Чувме како богатиот го замолил Авраама да го испрати Лазар во домот „на отецот“ негов, при неговите пет браќа, за да им посведочи, та да престанат да живеат живот што ќе ги одведе во местото на мачење. Меѓутоа, одговорот што го добил од Авраам бил безнадежен. Авраам, патријархот ненадминат во праведноста, дал одговор во кој ќе треба да се најдеме ние и сите луѓе: тие „го имаат Мојсеј и пророците, нив нека ги слушаат“. Во законот се содржани правилата на живеење во овој свет. Ако не сакаме да го чуеме гласот Божји во законот, ако не сакаме да ги примениме – во сета наша слобода и љубов – правилата на живеење во светата Црква Божја, попусто ќе е сведочењето на мртвите, попусто ќе е воскресението на мртвите заради благовестење на вистината. Ние не ќе поверуваме. Затоа, на забелешката на богатиот дека браќа му ќе се покајат само под услов некој од мртвите да отиде при нив, Авраам одговорил: „Штом Мојсеј и пророците не ги слушаат, и некој од мртвите да воскресне, нема да се уверат“.

И навистина, возљубени мои, само во доменот на чистата слобода и на теренот на чистата љубов, вистинските боготрагачи ќе се овенчаат со целта и смислата на постоењето. Никакви чудеса, никакви волшепства и магии, ниту лажните ветувања на моќниците белосветски и на која било и на каква било светска сила и асоцијација што применува насилство врз личностите и народите, – не можат да усреќат. Но, да се вратиме назад, да се вратиме на прозбата на богатиот упатена до Лазар, со натопување на врвот на прстот со вода да ја згасне жедта во устата негова. Ние знаеме, возљубени мои, дека рајот и пеколот не се географски, туку духовни поими. Тие не се и не смеат да бидат материјализирани. Затоа, во нив нема место ниту за оган, ниту за вода. И водата и огнот на симболичен начин ги отсликуваат духовните состојби на паднатост и оттуѓеност на човекот од Бога. Бог е источникот на жива вода и оган благодатен, кој гори, а не согорува. Оттуѓени од него, гладни и жедни, умираме по капка живот. Писокот на богатиот е писок по капка живот. Бистрите води на животот се живоносните врутоци на сесветиот и животворен Дух, кој источува изобилие на благодатни сили и енергии. Без нив, возљубени мои, никој не ќе може да каже дека е жив, вистински жив, дури и тогаш кога биолошки и физиолошки функционира. Зашто, тогаш функционира како жив мртовец во пазувите на овој свет, свет претворен во гробница. Та затоа, возљубени мои, да се бориме со добар подвиг и да пиеме од водата од која пиеше сиромашниот Лазар.

Да не дозволиме жедта и страста по богатствата да ги угаснат жедта и гладот по Бога. Бога живиот да го прославиме! Врз него да се накалемиме и неговиот светодуховен крвоток да потече и да го нахрани нашиот жив, духовен, душевен и телесен организам. Така напоени и нахранети со водата и лебот на вечниот живот, да се удостоиме со вечно постоење.


Амин.

Отец Стефан Санџакоски

 

Извор:http://agapi.mk/beseda-lazar-bogatiot/