Скопје, 7 декември 2010 (МИА) - Во пресрет на Денот на Свети Климент Охридски - 8 Декември, денеска се одржа четвртата научна средба на тема  „Св. Климент Охридски и Охридската духовна и книжевна школа“.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Миле Бошески истакна дека на научните средби се разработуваат различни теми и оти повеќе од 30 научни и стручни трудови со искучителна професионална и научна сензибилност, фрлаат нова научна светлина во зацврстувањето на цивилизациските вредности и одржувањето на сјајот и пламените одблесоци на Свети Климентовото дело.

Бошески потсети дека посебно внимание посветуваат на процесот на дигитализација на книжевното културно наследство. Тој информира дека од денеска во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје има симетричен оптички интернет, со 30 мега бита, со 97 отсто стабилност во текот на 24 часа.

Координаторот на четвртата научна средба, проф. д-р Илија Велев рече дека Светите Климент и Наум Охридски заедно важат како најистакнати Кирилометодиеви ученици и како највлијателни продолжувачи на афирамцијата на сесловенската богослужба и просветителство.

- Во медијавилистиката и во палеославистиката особено се нагласува нивниот историски и цивилизациски влог при основањето на Охридската духовна и книжевна школа, од каде што проникнува и изворно се манифестира современата (словенска) македонска духовна, културна и писмена традиција и од каде што се поттикнувале нејзините врски со останатите духовни и културни средини, рече Велев.

На годинашната научна средба која НУБ ја организира и посветува на својот патрон, учествуваа: проф. д-р Ратомир Гроздановски со трудот „Библискиот дух и светоглед на Светиклиментовиот универзитет“, проф. д-р Марко Китевски со излагање на тема „Свети Климент Охридски чудотворец во спомен на народот“, проф. д-р Лилјана Макаријоска со темата „Охридските традиции во развојот на македонската цековнословенска писменост“, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ со трудот „Свети Климент Охридски како основоположник на Охридската книжевна школа“, д-р Викторија Поповска-Коробар со темата „Претставта на седмочислениците во контекст на сликана програма во Славничкиот манастир“, проф. д-р Јане Коџабашија со излагањето „Историскиот развој на црковното пеење во Охридската архиепископија и во Македонија“ и м-р Марија Паунова со темата „Охридските традиции и јазикот на натписите во црквите во Македонија“.

Во рамки на одбележувањето на патрониот и државен празник промовирана е интернет-страната на Дигиталната библиотека на Македонија  (www.dlib.mk) и почетната збирка на дигитализирани ракописи, ретки книги и ретка периодика.

Во новиот објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, во кој е сместена Дигиталната библиотека на Македонија, откриена е скулптура на „Св. Климент Охридски“ од авторот Томе Серафимовски.мд/дма/14:51