Игор Валерјевич Котов
професор на Институтот за современи науки, Минск


Мозокот на човекот, кој по својата структура е материјален орган, врши духовни функции. Материјалната и социјалната средина со својата разновидност и постојаните промени се одразуваат врз состојбата на нервните клетки; од своја страна, содржината на психичките процеси влијае врз нервниот систем во целост, менувајќи ја неговата работоспособност. Практично сите фактори на социјалната средина влијаат, позитивно или негативно, врз состојбата на човекот.

Откако ќе се проучат факторите што влијаат врз човечката психа, може да се поделат на две поголеми групи. Од една страна, психичката состојба на човекот зависи од многу биолошки фактори кои влијаат врз неговиот нервен систем како на материјален дел на организмот. Од друга страна, психичката состојба на човекот зависи од социјалната средина и од способноста на мозокот неа да ја одразува.

Ќе се обидам да докажам дека Црквата може и мора активно да се вклучи во профилактиката на психичките заболувања и во зачувувањето на психичкото здравје на народот земајќи го предвид влијанието како на биолошките така и на социјалните фактори на човечкото битие.
Биолошките фактори на различен начин и во различно време можат негативно да му влијаат на нервниот систем, а со тоа на психата. Нивното влијание може да се покаже уште во периодот на зародувањето на организмот, во ембрионот или во текот на животот.

Посебна група биолошки фактори кои влијаат врз психичката состојба на човекот претставуваат наследните особини - и ова е првата етапа од формирањето на психата. Според мислењето на генетичарот проф. В.Ростовцев, неморалното, аморалното однесување, животот во гревови и склоноста кон зголемување на гревовите како особено бреме паѓа врз потомството, пренесувајќи се како генетско наследство. Придржувањето кон правилата на христијанскиот живот, утврдени со многувековниот опит на Црквата врз основа на Светото Писмо и Светото Предание, - непосредно влијае врз психичкото здравје на потомството.

Следната етапа на формирањето е процесот на зачнувањето. Во последно време се појавија научни трудови во кои се истражува проблемот на најповолните временски периоди и другите околности за зачнување; се вршат споредбени истражувања на здравјето на децата зачнати за време на црковните пости и на оние зачнати при придржување кон сите соодветни црковни прописи; исто така, предмет на проучување е и влијанието на самите услови за зачеток врз здравјето на идното дете. Постојат научни истражувања што ги потврдуваат повеќевековните народни набљудувања и заклучоци за тоа дека децата зачнати за време на постите се одликуваат со послабо здравје.

Наредната етапа почнува по зачнувањето на детето. Со какви мисли, чувства и грижи го носи жената своето дете? Народното искуство препорачува на секаков начин да се заштитува психата на бремената жена. За што размислува жената денес кога е во кругот на семејството, одејќи по улица, седејќи покрај телевизискиот екран? Ако од различни причини Црквата денес не може да повлијае врз целото општество, тогаш врз одделен негов дел - бремените жени - може, така што ќе ги одвои од составот на парохиската паства и ќе соработува со соодветните државни медицински структури.
Ќе наведам пример. Во секое женско советувалиште, каде што може да се забележи апсолутно мнозинство жени уште од најраниот период на бременоста, со нив се водат разговори за хигиената на бремените, во таа смисла и за психохигиената. Непосредно учество на таквите советувања на компетентни во оваа област претставници на клерот и на паствата - е првата можност. Исто така може да се издаваат брошури во поголеми тиражи кои ќе содржат конкретни црковни препораки во врска со заострените полови проблеми, со бременоста и раѓањето деца и со нив да се снабдат женските советувалишта. Се разбира, ова се само почетни чекори, но тие може да се остварат уште во најскоро време.

Биолошките фактори што ги определуваат особеностите на човечкиот живот се толку тесно испреплетени со социјалните, што понекогаш е тешко да се разграничат. Разните токсични материи, инфективните болести, траумите, нарушувањата на размената на материите и другите надворешни влијанија кои се одиграле за време на бременоста на мајката, можат да му нанесат и, за жал, му нанесуваат штета на плодот што се развива. Нервниот систем, како најчувствителен на вакви влијанија, може да биде повреден значително побргу. Според тоа, проблемите на состојбата на околната средина и еколошките особености на исхраната на идната мајка се поважните фактори за формирањето на здравјето на идното поколение.
Понатаму ќе ги разгледаме социјалните фактори. Врз формирањето на човечкиот организам во утробата не влијаат само температурата, храната, составот на воздухот, микробите и отровите - туку и стресните ситуации, чија содржина и квалитет се определуваат од повеќе социјални фактори. Врз рамништето на психичката активност и врз формирањето на психичкото здравје не влијае само состојбата на мозокот како материјален орган, туку исто така и содржината и карактерот на самите психички процеси. А психичките процеси се тесно поврзани со социјалниот живот на личноста.
Според својата содржина, психата е одраз на средината што го опкружува човекот. Перцепциите, претставите, мислењето и придружните чувства го одразуваат односот на индивидуата кон познајното. Сите појави што од гледна точка на човекот се полезни, предизвикуваат кај него позитивни чувства: задоволство, радост, восхит, мир и сл. Појавите кои го спречуваат задоволувањето на човечките потреби предизвикуваат негативни чувства и емоции - огорченост, тага, омраза, страв, очај и др. Самите чувства според интензивноста може да бидат различни во зависност од силата и од социјалната значајност на факторите што го предизвикуваат нивното пројавување. При афектите со послаб интензитет промените во нервниот систем се незначителни и се компензираат со силата на волјата на самиот човек. За време на силните афекти работоспособноста се нарушува на некое време. Продолжителното дејство на слабите дразби со негативен карактер, особено ако се непрекинати, на крајот доведуваат до нарушување на функцијата на нервниот систем.

Да обрнеме внимание на промената на структурата на заболувањата кај населението во последните десетлетија: при општото сопоставување може да се забележи дека преовладува порастот на психичките болести и на граничните психички состојби наспроти позабавеното зголемување на нивото на детската смртност и бројот на инфективните заболувања. Ваквата промена на сликата на бројот на заболувањата во последниве години е поврзана со распадот на огромната единствена држава и со осиромашувањето на луѓето иако општите тенденции се зачуваа: темпото на раст на психичките заболувања само го престигна темпото на раст на детската смртност и на инфективните болести, кои воопшто не се намалуваат, туку исто така ги зголемуваат своите параметри. Оваа тенденција не е присутна само во постсоветскиот регион, туку и во сите развиени западни земји.

Научниците ја поврзуваат оваа појава со информатичкиот и технолошкиот подем, со забрзувањето на темпото на современиот живот и со социјалната напнатост и секојдневните стресови кои доведуваат до нарушување на психичката адаптација. Во последните десетлетија почнаа да преовладуваат т.н. "болести на цивилизацијата" и психосоматските заболувања (гранични нервно-психички растројства, хипертонична болест, исхемична болест на срцето, атеросклероза, чир на желудникот и на дванаесеттопрсното црево, ревматоиден артрит, дијабетес и други хронични заболувања). Погубноста на забрзувањето на темпото на животот се состои, покрај другото, во тоа што човекот катастрофално ја губи способноста да ја оцени својата сопствена душевна (и уште подобро - духовна) состојба; тој престанува да се загледува во себе и да го оценува своето битие од позиција на вечните, неменливи вредности и веќе не умее да се восприеме себеси како круна на творението, како образ и подобие Божје. Затоа затапува во својата самоперцепција, а состојбата на прав што ветрот го растура по земјата (Псал. 1:4) станува природна за него.

Психохигиената на современиот човек подразбира две области на истражување: профилактика на психичките растројства и откривање на граничните форми на неврози со цел неширење на ова психичко заболување. Профилактиката на психичките растројства кај современиот човек меѓу другите прашања посебно го разгледува проблемот на режимот на психолошката оптовареност. Нашите татковци и дедовци не биле исправени пред такви проблеми. А ние денес не можеме да дишеме без компјутер. Затоа времето што детето или возрасниот го поминуваат покрај компјутерот неопходно е строго да се дозира и периодите на работа да се комбинираат не просто со физичка активност, туку со посебна гимнастика.
Христијанската црковна самосвест í го отсекува на личноста множеството информации што не í се нужни ниту на душата ниту за творечкиот раст. Времето на лична молитва и црковна богослужба му ја возвраќа на човекот способноста за внатрешно светосозерцание, го детерминира во системот на координати на Божественото светоздание и ја поттикнува личноста да ги разбере вечните прашања, одредувајќи го нивното решавање во согласност со сопственото личностно битие.
Освен веќе наброените, особено внимание заслужува проблемот на психичката траума. Сите настани кои предизвикуваат негативни чувства и емоции психијатријата ги разгледува како трауми. Дел од нив се еднократни, дејствуваат со определена интензивност, и тоа се акутни психички трауми. Другите не се толку силни по својот интензитет, но дејствуваат во текот на подолго време непрекинато или со чести повторувања, и ова се хронични психички трауми.

Животот на секој човек објективно претпоставува неизбежни акутни психички трауми: смртта на блиските луѓе, на пример, е секогаш неочекувана и секогаш тегобна. Но постојат и акутни психички трауми кои имаат масовен карактер. Историјата на последниве години изобилува со такви примери: чернобилската катастрофа, земјотресот во Ерменија, несреќите во копнениот, морскиот и воздушниот сообраќај, политичките трагедии (државни удари и оружени граѓански судири), терористичките акции и локалните војни, политичкото спротивставување со типични митинзи и демонстрации... Ваквите нагли нарушувања на секојдневниот вообичаен живот го подложуваат на искушение нервниот систем на човекот и неговата реактивност и се главниот фактор од масовен карактер кој ја повредува психата не само на поединците, туку понекогаш и на огромна група луѓе, на одделни општествени слоеви, дури и на општеството во целост. Во зависност од вродените особини за перцепција на овие психички трауми, а исто така и од состојбата на нервниот систем во даден момент - реакциите на луѓето со различни типови психа, темперамент и душевна конституција може да бидат различни.

Луѓето со цврст и урамнотежен нервен систем се способни при најсилните потреси и несреќи да го зачуваат спокојството, ладнокрвноста, јасноста на мислата и способноста за адекватни реакции, без оглед на силината на емоционалното доживување. Други луѓе при силен психички потрес ги губат на некое време вообичаеното спокојство и работоспособноста. Кај трети настанува значително растројство на нервниот систем.
Во вакви ситуации навистина се "блажени миротворците". Проповедта за општествено помирување денес зазема посебно место во пастирското служење на Црквата. Да се сетиме на настапот на Патријаршискиот Егзарх на цела Белорусија на Себелоруското народно собрание на 19-20 октомври 1996 година во Минск и на неговиот позитивен одглас во општеството!

Хроничните психички трауми се предизвикани од долготрајниот внатрешен немир кога станува збор за посебен тип на нервен систем на човекот. Внатрешните конфликти можат да настанат поради противречноста меѓу желбите и способностите, поради чувство на вина за дозволена грешка или извршен престап, поради неизвршена должност. Разорувачкото влијание на хроничните психички трауми врз душевното и менталното здравје се одвива, главно, со посредство на два механизма.

Од една страна, кругот на мисли и претстави поврзани со конфликтната ситуација образува во психата на човекот една постојана доминанта која има силно дејство. Ако кај акутната психичка траума доминантата е краткотрајна и нејзиниот интензитет се намалува, тогаш кај хроничната психичка траума доминантата е долготрајна и нејзината сила постојано расте. Од друга страна, истовремено со конфликтната ситуација се одвиваат и негативните состојби предизвикани од неа: возбуденост, незадоволство, навреденост, депресија, страв. Тие не се толку силни како кај потресните случувања, но се постојани и имаат тенденција на растење. Поради тоа што кај хроничната психичка траума силата и на патолошката доминанта и на негативните состојби (кои, од своја страна, уште повеќе го засилуваат дејството на доминантата) е долготрајна и се зголемува, психичките растројства во овој случај имаат потежок карактер.

Свештениците што комуницираат со луѓето кои доживуваат вакви психички растројства треба да имаат барем најнеопходен минимум психијатриско и психолошко искуство за да можат адекватно да го поведат разговорот и да дадат делотворен совет. Опитните духовници во вакви ситуации дејствуваат според широкото практично искуство, како личното така и исцрпеното од Светото Писмо, од хагиографската и богослужбената литература, поставувајќи во основата на своите благослови (совети и препораки) засилена молитва во која им се открива волјата Божја. Меѓутоа, и ним често им недостигаат чисто научни медицински знаења. А младите отци често се судираат со мошне сериозни тешкотии дури и во разрешувањето на чисто медицинските психијатриски прашања, зашто немајќи духовно и практично искуство, неоправдано го пренебрегнуваат тесноспецијалниот медицински опит.

Неспособноста да се открие психолошката доминанта и сестрано да се запознае ситуацијата доведува до тоа"книшките" совети, иако правилни од богословска гледна точка, соговорникот да не ги прифати, зашто тие не го наоѓаат потребниот одзив на неговото лично психичко рамниште и во неговата моментна душевна состојба. Очигледно дека е дојдено време во наставните програми на духовните школи да се воведе изучувањето на основите на медицината, психијатријата, психологијата и на педагогијата.

Уште посложен процес е подготовката на психијатрите и на психолозите во световните високообразовни установи. Црквата може да иницира издавање на непознатите кај нас трудови на истакнати психијатри и психолози кои биле христијани, на пример, на познатиот психолог и богослов В.В.Зењковски. Црквата може да го иницира и пишувањето учебници и хрестоматии по овие дисциплини за да им бидат достапни на студентите заради изучување на различните гледишта за причините за настанувањето на психичките заболувања, и начините и методите на нивното лекување.
Разгледувајќи ги аспектите на психичките трауми, не смееме да не го споменеме погубното влијание врз човечката психа на дејноста на разни псевдорелигиозни секти и проповедници, парапсихолошки и отворено окултни школи со кои во последно време е преплавена не само Белорусија, туку практично сите словенски земји на Средна и на Источна Европа. Државата е правно обврзана да ја уреди со закон дејноста на религиозните организации, да ги оценува од гледна точка на историските религиозни и културни традиции на својот народ и историскиот придонес на една или на друга конфесија или религија во националното и државното формирање на својата земја. Ова непосредно се сооднесува со интересите на националната државна безбедност и не смее да не биде внесено во нејзината концепција затоа што деструктивните секти и школи го поткопуваат темелот на животната активност на секој народ, на секоја нација и на секоја држава.

Одовде произлегува неопходноста од највнимателен пристап кон давањето можност да се проповедаат нетрадиционални религиозни учења во сите државни установи. Разумно би било да го исползуваме познатото искуство на оние европски земји, како Германија, на пример, каде што на државните школи може да предаваат само луѓето со христијанска вероисповед, која е традиционална за оваа земја. Сектантите, зад какви образовни програми и да се прикриваат (како, на пример, сектата Мун), во школите не се допуштени. Овде на браникот на културно-религиозните традиции, кои ја оформија германската нација, стои законот.

Соработката меѓу Црквата и државата денес е апсолутно неопходна заради решавање на проблемот на зачувувањето на психичкото здравје на народот. Само со заедничка работа и со организирана координација на активностите и вложување заемни усилби може да се дојде до позитивно решение на овој општонационален проблем.


Превод од руски:
Ирена Кепеска