Constantinople

 

Богословските односи помеѓу Исток и Запад секогаш биле под взаемно влијание до 12 век. Истокот покажува значително богословско влијание врз западниот свет. Делата на големите источни отци (Василиј Велики, Григориј Богослов, Григориј Ниски, Јован Дамаскин и др.) биле преведувани и многу често биле објект на коментари. Делата на псевдо – Дионисиј Ареопагит се преведени од ирскиот монах Џон Скот Ериугена. Од 12 век до паѓањето на Константинопол се забележува едно обратно движење, силно западно влијание врз Византија. Тоа влијание се совпаѓа со последните три века на Византиската империја, кои што покрај политичко – економскиот пад, во кој што влегува империјата, стануваат векови на големо духовно обновување. Тој период дава мноштво филозофи, математичари, лекари и други видни представители на науката. Периодот на духовното возобновување на Византија се формира во два правци: хуманистичко и светоотечко – богословско.

Развојот на хуманистичкото возобновување започнува со филозофот Михаил Псел и неговиот ученик Јован Итал (9 век), наоѓајќи голема поткрепа во лицето на императорот Михаил VIII Палеолог, кој што е познат по своите хуманистички идеали. Хуманистичкото движење во Византија е сходно со тоа во Италија од истиот период, а некои од византиските хуманисти се наоѓаат под силно влијание на западните истомисленици. Тука треба да одбележиме дека  изворот на вдахновение на византискиот хуманизам не бил антирелигиозниот дух, како што често било на Запад, и покрај тоа, византискиот хуманизам на Божественото откровение давал второстепено значење, поставувајќи го во прв план хуманистичкото образование. Христијанските авторитети биле заменети со големите филозофи од Античноста, големо влијание одиграле Платон и Аристотел, а нивното учење повторно навлегло во сите училишта во Византија. Древните филозофи станале фундаментален критериум за толкување и интерпретација на различните богословски проблеми.

Точно во тој период се остварува средбата помеѓу православието и схоластичкото богословие. Познатите византиски латинофили, хуманистите Максим Плануд (1260 – 1310) и браќата Димитриос (1325 – 1398) и Прохор (1330 – 1370) Кидонис станале главни двигатели на таа средба. Првиот ги превел на грчки делата на св. Августин, а браќата Кидонис делата на Тома Аквински (1225 – 1274). На тој начин во Византија навлегло богословието на Августин, кое што во својата суштина се појавува како синтеза на христијанството и платонизмот – неоплатонизмот, а заедно со него навлегува и богословието на Аквински, кое што представува синтеза на христијанстовто и аристотелизмот. Главниот преведувач на делата на Тома Аквински – Димитриос Кидонис, е образован државен чиновник, кој служи кај императорот Јован Кантакузин (1347 – 1354) и Јован V Палеолог (1354 – 1386). Живеејќи во време на активен богословски и политички дијалог помеѓу православните и латините, Димитриос доаѓа до заклучок дека без добро познавање на латинскиот јазик тешко ќе се справи со својата служба. Тој започнува да учи латински јазик кај еден монах од редот на домениканците, кои што во 13 век се населуваат во Константинопол и започнуваат да го шират латинското учење преку догматско – полемичките дела, насочени против православието. Едно такво дело е Contra errores Graecorum, кое што според околностите го користеле домениканците, но и како помошен текст за учење на латинскиот јазик. На тој начин Димитриос Кидонис доаѓа во контакт со латинското богословие и делумно со делата на големиот схоластик Тома Аквински. Восхитот од Тома Аквински му бил толку голем, што почнал да го преведува на грчки, почнувајќи од поголемиот дел од огромното творештво и постепено и сам се обраќа кон римокатолицизмот. Еве еден список на делата на Тома Аквински, преведени од Димитриос Кидонис:

 

1) Summa contra Gentiles (Сума против јазичниците) – дело со филозофско-апологетски карактер,2) Summa theologiae (Сума на теологијата) – богословско-систематско дело,3) од систематското дело Quaestio dispytate ги превел главите Quaestio potentia (За силата) и  Quaestio dе spiritualibus creaturis (За духовните творенија),4) De rationibus fidei contra Saracenos, Graecos et Armenos аd cantorem Antiochenum – полемички трактат против сарацините, грците и ерменците,5) De articulis fidei et Ecclesiae sacramentis – трактат за таинствата  на Црквата,6) Devotissima expositio super symbolorum Apostolorum – изложение на Апостолскиот Символ,7) Sermo dе festo corporis Christi hobitus in consistorio pleno – Похвала за Телото Господово.Превод на делата на Тома Аквински прави и братот на Димитриос Кидонис – Прохор. Така, на пример, тој го превел De mundi aeternitate (За вечноста на светот).

Со преводите на Тома Аквински византискиот свет влегува во тесна врска со схоластичкото богословие, кое што се формира во 9 век на Запад. Целото тоа богословие е поставено како толкување на верата преку разумот, како резултат дека верата е во потполна согласност со знаењето, а Божественото октровение со филозофијата. Схоластичкото богословие се базира на филозофијата на Аристотел, чија што филозофија е преведена и пренесена на Запад од арабите. Средбата на филозофијата на Аристотел со западното средновековно богословие раѓа схоластика, кое што реално представува аристотелизација на христијанското богословие. Тој нов богословски систем започнал да се предава во манастирските училишта на Запад и затоа бил наречен схоластика, т.е. учлишен. Со разработување на делото на Тома Аквински схоластиката го достигнува својот врв формирајќи посебен богословско – филозофски систем, кој што е наречен томизам. Тома бил наречен princeps scholasticorum. Тома Аквински верувал дека правилното расудување, т.е. човековата логика, како дар од Бога, е во согласност со „Божествената“ и не постојат противоречности помеѓу нив. На тој начин ние можеме да се доближиме до Божественото Откровение и да го истолкуваме преку логиката, доколку, како што вели Тома, „со христијанската вера е согласна аподиктичната (доказната) вистина“, и „познатото преку верата  Божествено Откровение не може да биде спротивно на природното знаење“. Човекот може да се доближи до Бога, потпирајќи се на човековиот разум. За погубните последници од системот на Тома во однос на божествените догми укажува византискиот богослов од 14 век Јосиф Вриениј: „Гледам, Тома многу греши… Тој вели, дека Божествената суштина е видлива и ги соединува идеите на Платон со Божествената природа, прифаќајки дека во Бога – суштината, силата и енергијата се едно исто. Освен тоа, вели дека во Бог суштина и лице е едно исто и учи, дека Божествените лица имат четири својства… “ во 21 глава на своето прво богсловско дело Тома вели: „Некои сметаат, дека Бог е видлив во светлоста на Божјата светост, кое што означува дека достојните ја гледаат Божјата суштина“. Исто така во 26 глава од истото дело Тома вели: „Во Бог нема сила и енергија, има само суштина…“ во 30 глава повторно забележува: „Во Бог суштина и лице е едно исто…“ Тоа се само некои од акцентите на Јосиф, со кои што тој сведочи против Тома.Тоа ново латинско богословие, дошло во Византија со преводите на делата на Тома, наоѓајќи позитивен одговор кај многумина од византиските хуманисти, кои што се наречени филотомисти.

Тие пишуваат дела во заштина на схоластиката. Како филотомисти во Византија се појавуваат браќата Кидонис, Мануил Калека, браќата Андреј и Максим Хрисоверг, кој што подоцна станува кардинал со името Висарион. Во исто време во Византија се формира голем отпор против томизмот, а носителите на таа идеја биле наречени антитомисти. Тие започуваат со пишување на многу антитомистички дела. Како најпознати антитомисти во Византија се појавуваат Нил Кавасила, Матеј Панарет, Макариј Анкириски, Јосиф Вриениј, Димитрос Хрисолар, Марк Евгеник и големиот исихаст од втората половина на 14 век, Калист Ангеликуд Мелнички. Сите тие се претставници на светоотечкото богословие, кое што е спротивно на хуманизмот. Мнозинството антитомисти се монаси – исихасти, претставници на главното движење, исихазмот. Нивниот идеал бил соединување со Бог по патот на добордетелите и аскетиката. За достигнување на таа цел тие го посветувале целиот свој живот. Живеејќи во епоха на богословско обновување, тие биле воспитувани и своето образование го добиле во истиот дух како и хуманистите. Но, разликата помеѓу нив и хуманистите била во тоа што тие земале од различните филозофски системи само некои надворешни елементи чувајќи го Божјото Откровение неповредено. За нив, средбата помеѓу православното и схоластичкото богословие представувала можност да се запознаат со латинското богословие и на тој начин да ја зачуваат својата вера, како во преговорите за обединување на Црквата, така и при секој обид на латинското богословие да се вгнезди во православното вероучение. Како последица на разлчноста во тие движења, доаѓа до сериозно судрување.

Едно многу важно антитомичко дело, кое што задолжително треба да се спомне, е делото на преп. Калист Ангеликуд Мелнички против книгите на Тома Аквински, наречено „Против јазичниците“. Во своето дело преподобниот, глава по глава го изобличува делото на Тома Аквински  –Summa contra Gentiles. Следејќи ја структурата на делото со кое што полемизира, преп. Калист во својот труд го вклучува следното: Богословието и надворешната премудрост, или За односот помеѓу верата и човековиот разум; простотата, суштината и енергијата на Бог; познанието на Бог или Боговидение; за односот помеѓу лицата на Пресвета Троица и за излегувањето на Св. Дух. Интересно е да се спомнат називите на некои од деловите на таа книга: 

I Познанието на Бога согласно Тома  

  Блаженството и крајната цел, кон која што човек се стреми    Блаженство и неподвижноста на душата    Дејството на Божјата суштина за познанието на Бога или За озарението    Видението на Бога (Боговидението) само како есхатолошки настан. 

ІІ За Боговидението и озарението на нетварната светлина согласно Калист Ангеликуд

1. За блаженството и неговата природа    Појаснување на блаженствата    За тоа, што е богословие    Ум. Неговите карактеристични својства и преобразувањето    За срцето    Озарението и Божествената светлина    Карактеристични својства на Божествената светлина    Непристапноста на Божествената суштина.

Од насловите на делото на преп. Калист  доволно е јасно дека светителот имал совршено богословско разбирање за „болните“ богословски прашања, кои што ги спомнавме и кои биле осудувани помеѓу православните и западните схоластици, како и помеѓу православните византијци и нивните сонародници, наоѓајќи се под влијание на схоластичкото богословие.

За да ги разбереме причините за разликите помеѓу схоластичкото богословие и православието, треба, подобно на преп. Калист и другите православни автори, да се потпреме на вистинското учење на Црквата, кое што е во тесна врска со догмите, како и духовниот живот, а истовремено неопходно е да го познаваме и западниот модел на мислење и воопшто духовната состојба на Запад. За православните богослови и учениците на Светите Отци, кои што (учениците) и самите имале богат духовен опит, вистинска вера и здрави духовен живот, секогаш биле тесно поврзани помеѓу себе, а најстрашно оддалечување од учењето на Црквата била схоластиката, во што византијците се увериле од преводите на Тома Аквински и другите автори од тој период. Доаѓајќи до заклучок дека воведувањето на схоластиката, се состои не само во погрешното разбирање на определени догми, туку и во самиот начин на кој се приоѓа кон богословието на Црквата. Како доказ за сето тоа, голема улога имале исихастичките спорови, кои што настанале како реакција на западното схоластичко мислење. Спорот помеѓу исихастите и схоластиците ги убедил византијците дека православната вера и православниот начин на разбирање на богословието е единствена вистина. Византиските антитомисти – антисхоластици, вистинските наследници на таа исихастичка традиција во духовниот живот, и во богословието, сакат да покажат дека најголемата разлика помеѓу истокот и западот е токму во начинот на кој се приоѓа кон тајната на богословието. Источните богослови го следат светоотечкиот опит, а западот схоластиката.

Разбирањето на таа разлика во богословието се јавува како прва препрека за разбирање на тоа, што, пред сè, треба да биде направено, за да се достигне вистинското единство во верата – исклучително актуелно прашање во таа епоха. Еве зошто Византијците, гледајќи и разбирајќи ја грешката на западниот дух, во кој што преовладуваат рационалистичките начела на Аристотел, заклучуваат дека само со враќање кон апостолско – светоотечкиот образ на расудување за божествените нешта може да биде надмината схоластиката и дека тој образ се изразува пред сè, во придобивањето на духовниот опит преку животот во Христос.

Се разбира, схоластиците го почитувале и користеле учењето на Светите Отци, но го анализирале во рационалистички дух, давајќи особено значење на знаењето и разумот. Тој начин на размислување ја намалува улогата на Св. Дух во животот и учењето на Црквата, настапува разумот кој што се обидува да ги разбере догмите со човечки силогизми. Божествените догми ни се дадени од Св. Дух преку Отците и тоа е вистината на автентичноста на нашата Црква. Догмите – тоа е самата вистина, а вистината нема потреба да се испитува, ниту да подлежи на прочистување. Доколку човековиот разум се обидува да стигне до областа на надразумната вистина, тоа означува, дека човекот се обидува да го заземе местото на Бога. Во таков случај ние повеќе би требале да веруваме на луѓето отколку на Бог. Со слични тенденции западното богословие станува многу филозофско и рационалистично. Тоа постојано се обидува со помош на филозофијата да го истолкува тоа што е над природата. Со помош на филозофијата, човек не може да проникне во тајната на натприродната вистина. Затоа Бог не може да биде предмет и цел на филозофијата, туку само на богословието. Богословието ги надминува човековите познавателни способности и може да достигне до вистината за натприродното, тоа е православниот метод на богословието на Светите Отци на Црквата, кој што секогаш се потпира на основите на верата, а не на човековите мисловни процедури и докажувања. Насочувањето кон Светото Писмо и повикувањето на Св. Отци и Вселенските собори се појавуваат како гаранција за знаењето и вистината, бидејќи само во нив се наоѓа вистинското знаење, доколку вистинското знаење е знаење во Св. Дух. Сите писатели од тој период уверуваат дека човечките силогизми го помрачуваат умот, додека учењето на Светите Отци ја просветлува душата. Силогизмите се измислени од луѓето, честопати како невистини и лукави, додека пак кажаното од Св. Писмо и Св. Отци е плод на Св. Дух. Еве зошто тие не прифаќаат сè што се претставува како вистинска догма на Црквата од страна на човечковиот разум, и не дозволуваат богооткриеното богословие да се потчини на филозофијата, која што се обидува со природни средства да го докаже тоа што е натприродно и надразумно. Последното се случува само тогаш кога ние ја губиме верата во Божественото откровение и учењето на Св. Отци и ја примаме филозофијата и схоластичката логика како неопходност за достигање до вистинското знаење.


RossanoGospelsFolio007vGoodSamaritan

 

Милостивиот Самарјанин Rossano Gospels, 4 век

Но, православните христијани знаат дека христијанската вера „не е од човек… но преку Исус Христос и Бог Отецот…“(Гал. 1:1), како што вели апостол Павле. Христос затоа ја покажал вистинската вера, за да поверуваат луѓето, дека Бог реално се јавил во тело и дека единствена вистинска тајна на благочестието е тоа, што ни е дадено преку апостолите. Според Јосиф Вриениј најголемата слабост на латините се состои во стремежот, по секоја цена да ја докажат „божествената“ сила со човечки силогизми. Конкретно, тука станува збор за схоластичкто приоѓање кон Божествените догми, нешто, што Византијците јасно го разбираат. Се разбира, противниците на схоластиката целосно не ги отфрлаат човековата логика и филозофијата, но сакаат да покажат, дека тие имаат второстепено значење, кога станува збор за богоотриените догматски вистини. Тие даваат и примери од Светите Отци, кои што, зборувајќи за Бог, исто така користеле силогизми и логични докази. Но, тоа го правеле во критични моменти, кога вистинката вера била во опасност да биде искривена од различните ереси, кои што со силогизми и човечки заклучоци ја променувале и искривувале верата. За богословието на Св. Отци човековиот разум никогаш не бил краен критериум и секоја негова употреба во силогизми го ограничувала. Токму затоа ги употребувале само во време на догматски спорови и само за да се спротивстават на еретиците. Со такви светоотечки ставови Византијците антисхоластици ги разобличувале учењата на латините во тој особено критичен момент за Црквата. Тие сметале дека е неопходно да се одговори на латинските теории, кои што во голем дел биле чисто умствени заклучоци, и со помош на силогизми, за да стане јасно, дека тој метод не е толку туѓ за Православието, но истовремено да покаже, дека со него не може да се докаже вистината. Вистината се крие во светоотечката мудрост, т.е. во Св. Дух, кој што ја открива догматската вистина преку мудроста на Св. Отци, и не може да биде опфатена со човековиот разум. Конкретно, кога било неопходно да се докаже несогласувањето помеѓу Fileoque со догматското предание на Црквата, како и множество други заблуди кои што произлегуваат од Fileoque, тие без колебање користеле силогизми, на тој начин посрамувајќи ја логиката со логика. Ете зошто, обраќајки се кон латините, тие честопати велеле: „Доколку сакате, ајде денес, кога ништо сериозно не ни пречи да ги провериме нашите „логички“ разлики, за да видиме кај ве води логиката“. Тие исто така се служеле со примери и образи, но не како доказ, туку за подобро појаснување. Од кажаното до тука, јасно се гледа, дека силогизмите, кои што се употребувани од Св. Отци, не секогаш имаат догматски карактер, но се појавуваат како една „икономија“, која што помага за подобро разбирање на Божественото учење. Грешката на латините, не е во употребата на логиката, туку во негирањето и непризнавањето дека човековата логика е ограничена, има своја област, и дека не може да достигне вистинско знаење, кое што се открива само од Св. Дух. Западните схоластици не ја разбирале областа на човековиот разум и вистинското богословие, додека православните разбирале правилно, дека човековиот разум е ограничен, поради што доброволно се потчинувале на личниот, благодатен и духовен опит на Св. Отци, кои што се појавиле како вистински и автентични богослови, за кое што докажува „нивниот ангелски образ на живот и големата сила“. Таков свет и благодатен опит имале византиските антисхоластици и антитомисти и затоа јасно проповедале, дека нашата православна вера не се содржи во сложеноста на зборот, ни во силогизмите, туку во вистинската смисла и во „непроменливите по природа“ нешта. Средбата на православното и схоластичкото богословие во Византија е од големо значење, православните можеле да се запознаат со латинската схоластика и на тој начин да можат да ги видат разликите во разбирањето на вистината, повторно да направат изложување на православниот метод на богословие, и на тој начин не само да го продолжат дијалогот со Запад, туку да стане образ за тој диалог во следните епохи.                                                                          

Архимандрит Николаос Јоанидис

Извор:

http://www.pppe.mk/2016/%d1%81%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%b1%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b0%d0%b2%d0%be%d1%81%d0%bb%d0%b0%d0%b2%d0%bd%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b8-%d1%81%d1%85%d0%be%d0%bb%d0%b0%d1%81%d1%82%d0%b8/#more-9362