Скопје, 21 октомври 2009(МИА) - Пијанистот Симон Трпчески ја отвори престижната интернационална пијанистичка серија на центарот Саут Банк  во Лондон. Целата сезона е посветена на 200-годишнината од раѓањето на Фредерик Шопен. Концертот на Трпчески во салата на Кралицата Елизабета беше поздравен со долготраен аплауз и овации, соопшти „КултурОп“.

По делата од Хајдн, Моцарт и Шопен, концертот заврши со суитата „Песни и шепотења“ на македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее и работи во Велика Британија. Во публиката имаше и група Македонци кои со посебно задоволство слушнаа неколку транскрипции на македонски народни песни, меѓу кои беа и „Ајде поминувам“, „Си заљубив едно моме“, „На Струга дуќан да имам“ и „Сербез Донка“, за која Трпчески напиша возбудлива каденца.

- Во текстот на програмата беа вклучени детали за потеклото и содржината на песните. Публиката со симпатии и интерес ги слушна овие македонски бисери, облечени во виртуозна пијанистичка фактура со очигледни џез влијанија, соопштува „КултурОп“.

Критичарот Пол Рид од веб-порталот „Класикал Сорс“ (Classical Source) со одушевеност пишува за концертот: „изведбата на сонатата од Хајдн беше грандиозна, енергична, покажувајќи ги карактеристичните контрасти на бура и стремеж. Двете збирки на варијации од Моцарт полни со досетливост и фантазија: воодушевувачка изведба на Трпчески!“ Рид ја истакнува и аристократски-елегантната и мајсторска изведба на ноктурната од Шопен. 

Посебно внимание е посветено на лондонската премиера на суитата на Панде Шахов. Рид објаснува дека основа на композицијата се четири македонски народни песни, но и два кратки цитата од Шопен. „Делото на Шахов е страствена пијанистичка композиција со возбудливи влијанија од џезот во стилот на Стравински и Пуланк. Композицијата со својата енергична виртуозност е во доменот на Рахмањинов и сосема му одговараше на пијанистичиот стил на Трпчески“.

Џорџ Хил од лондонски „Гардијан“, пак, потцртува дека изведбите на останатите дела беа авторитативни и рафинирано изведени: Хајдн – беспрекорно спакуван, а Шопен – тонски облагородено и внимателно звучен. Критичарот посебно се осврнува врз суитата на Шахов со уште повеќе детали: „композиторот покажа способност за креирање на пијанистичка фактура и му овозможи на Трпчески да создаде многу бои и атрактивна техника. Трпчески ја искористи оваа шанса со обете раце! Вистински богато и атрактивно дело, изведено од Трпчески со особена топлина и пожртвуваност“.

Возбудливата програма од овој концерт, Трпчески ќе ја изведе и пред домашната публика на концертите во Охрид (7 ноември) и Велес (8 ноември). хс/скс/12:04