Македонскиот женски камерен хор "Света Злата Мегленска", под диригентско водство на Летка Полизова, ги освои највисоките признанија на меѓународниот фестивал на хорови во Сент Луис, Соединетите Американски Држави, кој се одржа минатиот месец


Македонскиот женски камерен хор "Света Злата Мегленска", под диригентско водство на Летка Полизова, ги освои највисоките признанија на меѓународниот фестивал на хорови во Сент Луис, Соединетите Американски Држави, кој се одржа минатиот месец. Хорот освои прва награда Гран при во категорија по слободен избор во која беа изведени композициите од македонски автори Тодор Скаловски, Драган Шуплевски и Запро Запров, додека во категоријата за фолклор освои трето место со изведба на композициите на Драган Шуплевски, Тодор Скаловски и Александар Лековски. Членовите на хорот вчера не го криеа своето задоволство, од претставувањето.
- Овие награди имаат посебно значење за нас бидејќи бевме избрани во конкуренција на 1000 хорови од цел свет кои аплицираа за учество. Во најтесен избор влеговме заедно со уште пет хора два од Америка, од Саудијска Арабија, Конго и Филипини. Инаку, значајно е што фестивалот особено значење му дава на квалитетот на изведбата, вели Полизова.

Инаку, на светската ранг-листа од 1000 светски познати хорови, Света Злата Мегленска" е на 479. место. Но, според Полизова, овие награди, како и минатогодишното прво место на фестивалот во Римини, Македонија, под уставно име ќе ја рангира на многу подобра позиција.
Хорот во Америка настапи и на првата глобална конференција на обединета дијаспора во Вашингтон, во Њу Џерси и во Лос Анџелес, каде се претставија со духовна музика која е и основната програма на хорот, но и со фолклорна музика.

Настапот на овој македонски, женски, хор беше поддржан и од Министерството за култура.
- Нивните награди се практичен доказ дека уметниците се наше најголемо национално богатство и најголеми амбасадори на Република Македонија во светот, а од нивната финансиска поддршка државата секогаш има бенефит, велат од ресорното Министерство.

Членови на хорот идни оперски певици
Според диригентот на "Света Злата Мегленска", Полизова, хорот ги презентираше нашите идни оперски певици.
- Во хорот учествуваат дипломирани и студенти по соло пеење, меѓу кои мора да ги издвоиме Катерина Стојановска, која со својот настап во слободниот дел, во придружба на хорот, доживеа овации, потоа Николина Јаневска и Јулија Карамитрова. Дури и во стручната оценка на жири-комисијата беа потенцирани нивните гласовни квалитети, вели Полизова.

(Д.Т.)