Скопје, 25 јануари (МИА) - Роденденот на починатата македонската музичка легенда Тоше Проески денеска беше одбележан со промоција на новиот албум на англиски јазик „The Hardest Thing“, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје.

Албумот, што се промовира за 28-те години од раѓањето на Тоше, е со првичен тираж од околу 150.000 примероци  за пазарите во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и  Словенија.  

Покрај насловната „The Hardest Thing“, промовирана минатата година на Хрватскиот  радиски фестивал, „Арија“ – дуетот со италијанската пејачка Џана Нанини и дуетот со неговиот внук Кристијан (My Little One), што беше промовиран на концертот за Тоше во Скопје,  албумот ќе содржи и други песни непознати за јавноста. Тие се снимени  во Лондон, Јамајка и Ирска, во соработка со англискиот композитор Енди Рајт и требаше на Тоше да му ги отворат вратите на светската кариера. Албумот во наредната седмица ќе биде промовиран и во Белград, Загреб и Сараево.

Фановите на Тоше од шест земји во декември со гласање на интернет ја избраа и обвивката за осмиот, постхумно објавен албум, меѓу четирите понудени. Дизајнирана е од Жарко Стојановски, на неа е ликот на Тоше, а во темно сина позадина е Крушево во ноќ и небо на кое симболично се истакнува една, најсјајна ѕвезда.

„The Hardest Thing“ уште денеска е пуштен во продажба, а од 12 февруари во киносалите во регионот ќе почне да се прикажува документарен филм за Тоше.

Во чест на роденденот вчера во родниот град на македонската музичка легенда беше поставен камен-темелник за спомен-домот со кој се втемелува бесмртноста на неговиот лик и дело.  Во спомен-куќата ќе бидат сместени сите лични работи на Тоше од неговиот живот и кариера. Објектот ќе биде на две нивоа со вкупна површина од 1.200 метри квадратни. За изградбата се вложени околу 2,5 милиони евра. Се очекува да биде завршен за една година, а внатрешно целосно да биде уреден за година и пол кога се планира да биде отворен и за посетители.

Тодор Проески (1981-2007) загина во сообраќајна несреќа на пат кон Загреб, во близина на Нова Градишка, на 16 октомври 2007 година. За една деценија стекна слава на голема музичка ѕвезда и стана идол на публиката од сите поранешни југословенски републики и пошироко на Балканот.  Зад себе ги остави албумите: „Некаде во ноќта“ (1999), „Синот Божји“ (2000), „Ако ме погледнеш во очи“ (2002), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006) и  „Игри без граници“  (2007). Покрај музичката големина и талент, Тоше останува запаметен и по своите хумани дела, за што оправдано ја носеше титулата амбасадор на УНИЦЕФ. Последниот негов незаборавен концерт, на 5 октомври 2007 на Градскиот стадион во Скопје, имаше токму таква мисија. хс/лв/22:11