Сте ја слушале ли Ирина?


Наумовска има 25 години и зад себе многу настапи во Франција, Малезија, Шведска, Италија, Португалија... Македонската јавност многу ретко ја гледа. Конечно, кон крајот на април во КИЦ, ќе ја видиме со концерт оваа врвна македонска пијанистка, добро позната на светските сцени, а за нас делумно непозната


Ирина Наумовска е македонска пијанистка, која моментно живее во Белград, Србија. Таму дипломираше на Факултетот за музички уметности, магистрираше, а во тек е со докторатот по музика. Има 25 години и зад себе многу настапи на светските пијанистички сцени во Франција, Малезија, Шведска, Италија, Португалија... Македонската јавност многу ретко ја гледа, последен пат настапи во декември минатата година. Конечно, кон крајот на април во КИЦ, ќе ја видиме со концерт оваа врвна македонска пијанистка, добро позната на светските сцени, а за нас делумно непозната.

Неодамна се вративте од настап во Јапонија. Кои се впечатоците?
- На 13 март се вратив од Јапонија, од градот Хамаматсу, музички центар на оваа држава, каде имав настап, по вторпат. Минатата година бев учесник на пијано академија во овој град и од 300 учесници организаторите одлучија повторно да ме повикаат. Овој град е музички центар на Јапонија, таму се наоѓа и фабриката за музички инструменти "Јамаха". Впечатоците се многу пријатни. Изненадена бев од односот на организаторите, но и од односот на публиката, која иако гостувам по вторпат, веќе ме знаеше. Воодушевена бев од тоа дека во една далечна земја, како што е Јапонија, знаеја која сум јас и каде се наоѓа Македонија. Концертот во Јапонија се снимаше и во очекување сум на ДВД кое ќе биде достапно и за јавноста.

Може да се направи споредба помеѓу тоа како е да се свири дома и надвор?
-Основната разлика е во организацијата. На пример, во Јапонија организаторите ми понудија да избирам помеѓу повеќе сали со различна температура и јас да одлучам која температура најмногу ми одговара за свирење. А кај нас, уметниците кога свират најчесто се смрзнуваат или се препотуваат.

Во Македонија многу ретко Ве гледаме. Зошто?
- Одговорот веројатно пак е во организацијата. Јас имам голема желба да настапувам дома, а веројатно има и луѓе што сакаат да ме поканат, но организацијата е таа што ги кочи работите. Најголема чест и предизвик е да свирите дома, бидејќи сите очекуваат да го видат вашиот напредок. Добро е што сега во Македонија има концертна агенција, па веројатно работите ќе се придвижуваат. Во Македонија три и пол години воопшто немав настапувано. Минатата година имав настап во декември, а сега можам да го најавам и мојот концерт кон крајот на април, кој ќе се случи во КИЦ.

Веќе седум години живеете во Србија. Има разлики во пијанистичката сцена таму и во Македонија?
- Во секоја поголема средина има повеќе културни збиднувања, а во поглед на професионалното ниво таму има подобра организација. Во Србија секој месец имам по неколку концерти, а за настапите надвор, иако немам свој менаџер, музицирањата најчесто ми се покани од светски фестивали. Во Србија има многу гостувања од надвор, а кај нас поради организацијата и концертните сали, истите тие гости не можеме да ги видиме и чуеме.

Млад човек со многу награди
Ирина Наумовска е лауреат на меѓународните натпревари во Таранто, Сан Бартоломео, Белград, Париз, Софија. Добитник е на првата специјална награда на меѓународниот пијанистички натпревар во Кралството Мароко во категорија до 35 години во 1998 година. На Меѓународниот натпревар во Сан Диего во 2003 година и е доделена почесна награда за високоуметничка изведба. Во Македонија има освоено 7 први награди на републичките натпревари. За нејзините достигнувања во 1996 година ја добива наградата "13 Ноември", потоа "Климентина Рафајловска", а за време на студиите во Белград ја добива наградата "Олга Михајловиќ" за најталентиран студент.

Анита ЈОВАНОСКА