Проф. д-р Георги Шоптрајанов (1907-2001) зад себе остави блескаво творештво


ЦВЕТА ТОДОРОВСКА


Според поранешниот француски претседател Франсоа Митеран, Георги Шоптрајанов е „еден од најголемите македонски франкофони, научник од светско реноме, општественик и културно-просветен деец“. А според мене, тој со својата активност е извонредна личност и затоа неговата дејност е блескава со творештво и обемност.

Професорот ќе остане во трајно сеќавање по својата трудољубивост кон својата родна земја Македонија, ќе им остане во сеќавање и на поранешните студенти на Филозофскиот факултет. Неговата мотивираност, енергичност, ги восхитуваше младите. Тој беше пример како најголемите интелектуалци остануваат во служба на својата татковина. Ја задолжил македонската, франкофонската и светската научна мисла со забележителни дела што ќе се читаат со генерации.

Георги Шоптрајанов е роден во Велес на 2 февруари 1907 година како најмалото дете на Диме и Пандора Шоптрајанови. Годинава се навршуваат 100 години од неговото раѓање. Го посетувал основното училиште во Велес, бил талентиран ученик и имал авторитет кај своите сокласници. Станал претседател на подмладокот на Црвениот крст во гимназијата, а го основал и литературниот кружок „Надеж“ („Нада“) и станал негов прв претседател. Тој му овозможил на неговиот другар Кочо Рацин, македонскиот бесмртен поет (иако не бил ученик) да ги изнесува своите први творби на македонски јазик. Уште како млад напоредно со револуционерната и партиска дејност на браќата и на најблиските соработници бил вовлечен во СКОЈ, во синдикатот и во Партијата. Редовно учествувал во револуционерните и партиски дејности и потфати. Проф. Шоптрајанов бил собирач и на народни песни и умотворби од градот и околината кои ги забележувал од постарите жени, особено од мајка му, на македонски јазик. Ова му го пренел како традиција на Кочо Рацин.

Од 1926-30 година Георги Шоптрајанов бил студент на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил основач и секретар на Академското потпорно друштво во 1927 година, основач и раководител на „Липик“ (Литература, Поезија, Критика). Овој прв литературен кружок всушност претставува зародиш на Друштвото на писателите на Македонија. На 4 мај во 1927 година, како истакнат млад интелектуалец, надарен и вреден студент, Георги Шоптрајанов бил избран за асистент и така станал прв Македонец со универзитетско звање (иако бил со сеуште незавршена втора година на студии). Дипломирал во 1930 година и работел како средношколски професор по француски јазик во повеќе југословенски градови.

Значаен момент во неговиот живот претставува добивањето на стипендија и специјализација на француски јазик и литература од француската влада. Во 1932 година посетувал посебен курс со цел да одбрани докторска дисертација во Франција. Неговите париски професори на Сорбона го испратиле во Бургундија на научно-истражувачки студии за епохата на францускиот хуманизам и ренесанса. Во Дижон и во други француски универзитетски центри засилено работел на дисертацијата. Во 1935 година со успех ја одбранил на тема „Етјен Табуро Дезакор - живот и дело (1549-1590)“ со што го оживеал значајниот Табуро, француски деец од средновековната ренесанса. Така, Георги Шоптрајанов станал првиот Македонец, доктор по лингвистички и литературни науки.

По докторирањето и покрај тоа што му била понудена работа во универзитетски центри во Франција и во Европа, тој ја одбил таа чест и се вратил во Скопје, во Македонија за да и служи на својата земја. На скопскиот Филозофски факултет професорот развил педагошка-научна дејност. Посебно се истакнал со драмската поставка на делото „Вообразениот болен“ чиј превод го направил самиот.

По идеја на Георги Шоптрајанов, а со помош на Васил Антовски Дрен и Страхил Гигов на 14 јули 1939 година била објавена публикацијата „150 години од Француската револуција“. Објавувањето на Крушевскиот манифест предизвикал интерес од научна дејност. По враќањето од Франција, тој се поврзал со напредни студенти и револуционери со кои развил повеќе димензијална политичка пропагандна дејност и покрај неговата богата наставно-научна дејност во Македонија. Токму затоа бил забележан од полицијата и дури од воените власти и бил квалификуван како политички сомнителен. Во 1940 година Георги Шоптрајанов е еден од инспираторите во студентското движење и штрајкот на студентите на Филозофскиот факултет во Скопје. Пред Втората светска војна тој бил повикуван често на воени вежби (Штип, Ниш и други места). Во 1941 година бил мобилизиран во специјална единица составена од комунисти. По разбивање на единицата на 6 април 1941 година се повлекол во Куманово, а потоа во Велес.

Во тие тешки времиња се движел на релација с. Рлевци (Велешко) Велес и Скопје. За да биде поставен за просветен работник во Македонија тој морал како и другите македонски просветни работници во текот на 1941 година да престојува во Софија за да се здобие со документ дека го посетувал „специјализираниот курс“ за бугарски јазик. Со својата научно-истражувачка дејност, а се согледало дека владее неколку странски јазици, се родила идејата Георги Шоптрајанов да биде избран за универзитетски професор на Софискиот универзитет. Но, тој пак претпочитал да се врати во Македонија која неизмерно ја сакал.

Како резултат на богатата научно-педагошка и просветно-општествена дејност, професорот се здобил со повеќе награди, одликувања, плакети, благодарници, меѓу кои и наградата „11 Октомври“ за животно дело, Златна плакета на град Скопје за исклучителни заслуги по повод 50 годишната научно-просветна работа, почесен академик на Академиите на науките, книжевноста и уметноста во Дижон, Клермон Феран, Париз, Безансон и Франш-Конте, Витез на Легијата на честа (Француски национален одред) Париз 1976...

Личноста на професорот д-р Георги Шоптрајанов е ненадминлива, неповторлива и ја поставуваме на највисоко научно-национално ниво.

Се истакнуваше со зачудувачки елан, трудољубивост, долготрајна работа, со извонредна ерудитска упорност во развојот на јазикот.



(Авторката е професорка по француски и латински јазик)

извор: Утрински весник