Nikola.Monashtvo.jpg

Nikola.Monashtvo.jpg

Овој наш критичар, во овој извонреден значаен труд ги дал клучевите за разбирањето на сето творештво на Славко Јаневски, истакна академик Влада Урошевиќ на вчерашната промоција на книгата „Слушате ли каинавелијци“ од Георги Старделов. Во делото, Старделов низ свои поетски, прозни и критичарско-есеистички осврти ги толкува сите дела од творечкиот корпус на Јаневски. Во книгата, која е објавена со помош од Фондацијата „Трифун Костовски“, Старделов најмногу се осврнува кон серијалот Кукулино, за кој пишува дека е наша историска уметност.

- Творештвото на Јаневски е едно грандиозно здание, единствено во македонската книжевност. По оваа обемна и речиси сеопфатна книга за неговото творештво, ниту едно ново приоѓање кон она што тој го создал не ќе може да биде реализирано без земањето предвид на ставовите и сознанијата до кои дошол Старделов. Оваа книга е комплетно остварување, кое сестрано го осветлува тоа што Јаневски го создаде, прикажувајќи го во сета негова разновидност, богатство и големина - истакна Урошевиќ.

За книгата „Слушате ли каинавелијци“ зборуваше и академик Катица Ќулавкова, кој истакна дека тие анализи ја покажуваат поврзаноста на творештвото на Јаневски со нашиот национален и културен идентитет.

- Логосот на Јаневски ги покренува суштествените прашања на постанокот, потеклото, историјата, опстанокот и битието на македонскиот народ. Логосот на Старделов е едновремено инспириран од оној на Славко. Тој ја пишува оваа книга како нова целина на своите одделни херменевтички есеи за Јаневски, токму во периодот на една конфузна историја на државата на македонскиот народ, историја што Јаневски профетски ја навести во циклусот Кукулино - рече Ќулавкова.

„Слушате ли каинавелијци“ е објавена по повод десетгодишнината од смртта на Јаневски. Во својата повеќедецениска творечка кариера тој напиша петнаесет романи, шест книги со раскази, единаесет книги поезија и осум книги за деца. (Т.О.)- Дневник
 

 Nikola.Monashtvo.jpg

  Nikola.Monashtvo.jpg