Esen.manastir1.jpg

Скопје, 26 декември 2009 (МИА) - Нови 22 стручни книги од проектот за превод на учебници кои се користат на врвни универзитети во САД и во Европа, беа промовирани денеска на Филозофскиот факултет. Новите изданија се од областа на културата и со нив досега се преведени и објавени вкупно 165 книги од 500, колку што се планирани во првата фаза на проектот.

Тој треба да заврши идната година, а со одлука на Владата донесена вчера, ќе има и втора фаза и превод и етапно печатење на уште 500 нови книги и 50 изданија од областа на информатиката. Целиот проект треба да заврши на крајот на 2011 или на почетокот на 2012 година со отпечатени 1.050 стручни книги кои се дистрибуираат до универзитетските библиотеки.

 Esen.manastir1.jpg

- Тоа се учебници кои се врв на научната мисла. Ова е голема придобивка за студентите и идните генерации, кои не само што ќе се стекнат со многу поголеми знаења, туку и ќе имаат и огромна самодоверба кога ќе излезат од границите на Македонија да бидат на исто рамниште со оние кои студирале на врвните универзитети во светот. Затоа, апелирам до деканите и професорите овие учебници да ги користат како прв и обврзен учебник, а не како помошни и необврзни. Студентите да бидат фокусирани на учебници од кои се учи на Харвард, Оксфорд, Кембриџ..., а не некој напишан пред 20 години од локален автор, истакна премиерот Никола Груевски на десеттата промоција од проектот кој почна годинава.

 Esen.manastir1.jpg

Новите 22 наслова се од областа на ликовната, музичката, театарската и филмската уметност, археологијата, етнографијата, музеологијата и библиотекарството. Меѓу нив се „Принципи на археологијата“ на Даглас Прајс, „Основи на археологијата“ на Клајв Гембел, „Етнологија - принципи во практиката“ на Мартин Хамерсли и Пол Аткинсон, „Кембриџ, историја на западната музичка теорија“ на Томас Кристенсен...

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека книгите ќе им користат на студентите кои ги изучуваат општествено-историските науки.

 Esen.manastir1.jpg

- Овие учебници претставуваат вистински чекор кон збогатувањето на научната и стручната литература во нашата земја и се голем предизвик за сите поклоници на максимата на Бекон дека сувереноста на човекот се крие во неговото знаење, кое само по себе е моќ, додаде Канческа-Милевска. Стручните книги се распределуваат во библиотеките на факултетите, но Владата му дозволи на приватниот сектор кој ги превел и испечатил доколку сака да допечати примероци и да ги продава во слободна продажба. хс/лв/16:13