Esen.manastir1.jpg

ОДНЕСУВАЊЕ ВО СЕМЕЈСТВОТО


СЕМЕЈСТВО

Добро воспитаниот човек не се претставува со добар изглед само пред туѓинци, туку и во својот семеен круг ги почитува и ги спроведува правилата на доброто однесување, односно на утврдениот бонтон. И домаќинката исто така ќе се понесе правилно ако покрај готвењето, чистењето и извршувањето на други домашни работи, ќе се потруди да биде беспрекорно дотерана. Со тоа ќе им даде добар пример на членовите на семејството, во прв ред на своите деца.

Во семејството секој си има своја задача, но не се исклучува можноста и други членови на семејството да помогнат кога ќе се укаже потреба за извршување на некои работи што се поразлични од другите. Секој член на семејството има обврска да го заврши својот дел од домашните работи, зависно од неговата возраст, сила и способност. Децата почнувајќи од периодот пред да заодат во училиште треба да научат да поздравуваат, соодветно да се обраќаат, како и да го знаат редот и бонтонот при јадењето. Треба да ги навикнеме децата на самостојност, соодветно на нивната возраст, но никако не треба да заборавиме да ја проследуваме и да ја контролираме и нивната училишна работа.
Во семејниот круг треба секогаш да се трудиме да из-бегнеме избувнување на караница, зашто тоа може да значи лош пример за децата, особено кога тоа се случува меѓу двајцата родители.

Домашниот разговор треба да се одвива во рамките на учтивоста и тоа треба да биде редовно, а истовремено да внимаваме секој член на семејството да може на свој начин да се вклучува во разговорот.
Многу е важно: никогаш да не заповедаме, секогаш да замолуваме и да живееме со убедување дека е тоа возможно.
И децата треба да ги сметаме како наши рамноправни партнери. Треба да го имаме предвид и нивното мислење, кога ќе биде искажано. Учтивото, бонтонско однесување во воспитувањето на децата не може да се научи од најдобрите училишни книги, туку меѓусебното однесување на родителите, како и нивното поведение треба да им биде вистинскиот пример.


СЕМЕЈНИ ПРАЗНИЦИ

За празник зборуваме кога нешто ќе се случи поинаку отколку што се случува во обичниот живот, и кога евидентно се разликува од вообичаеното секојдневје.
Во животот на секој човек првата можност за празнување е крштевката, односно годишно празнување на роденденот или на именденот. За време на празнувањето на крштевката однапред поканетите кумови во такви пригоди обично даваат извесен подарок, што му останува како спомен на новороденчето. Исто така подарок на новороденчето му даваат и родителите. Таквиот спомен особено го продлабочува оно подарок во кој е врежан монограмот на новороденчето.

Роденденот и именденот спаѓаат меѓу оние омилени денови кои ги празнуваме не само во потесниот семеен круг, туку со нив им приредуваме радост и на нашите роднини, пријатели и колеги, а по повод нивните празници, ние со евоцирање на спомени и со изрази на благодарност им го разубавуваме денот. Меѓутоа, треба да се знае дека сепак роденденот повеќе прилега да се празнува во потесен круг, со семејно значење, додека имендените можат да бидат предмет на пошироко интересирање. Родендените се одржуваат во поинтимно друштво и атмосфера, но, се разбира, можеме да поканиме и повеќе пријатели и познајници, но предност секогаш има фамилијарното и роднинското славење. Прилега да се изразат честитки со предавање на внимателно спакуван подарок.

Таканаречените "заокружени" родендени, како да речеме, педесетгодишнината, ако сака славеникот, можат да се организираат со помпезен надворешен блесок. Во денешно време во мода е да се организира таканаречената "изненадувачка-партија", кога без да се праша славеникот тоа го организираат поголем број роднини и пријатели, па зависно од бројот, се празнува и надвор од дома, и тоа доста спектакуларно. Овој вид на празнување не ги навредува правилата на бонтонот.

Во животот на младите „осумнаесетгодишниот роденден" заслужува поистакнато празнување, бидејќи тогаш тие стануваат полнолетни.
Ако добиеме покана за одбележување на ученичка разделба или за доделување на дипломи, прилега да одиме и лично да им честитаме на славениците. Ако на некоја покана не сме во состојба позитивно да одговориме, тогаш учтиво е да испратиме писмо со изрази на честитки или со поздравна телеграма да му заблагодариме на славеникот.

На венчавки, освен членовите на семејството и роднините, вообичаено е да се покануваат и пријатели, колеги и познајници. За евентуално лично отсуство од такви свечености, пожелно е да се испрати поздравна телеграма со вообичаени честитки. Свадбен подарок не прилега да се даде на местото на церемонијата, независно дали се работи за црковна венчавка или за сала за венчавка.

За годишнините на бракот учтивиот сопруг и внимателната сопруга треба подеднакво да си спомнуваат. Учтивиот сопруг освен со букет цвеќе, својата сопруга треба даја изненади со подарок и со вечера во ресторан. А сопругата може да му приреди изненадување на својот сопруг со вечера составена од неговите омилени јадења, како и со подарок. Се разбира, и децата треба да им честитаат на родителите, но пожелно е тие да ги "ослободат" на една празнична вечера (во тој случај родителите на славениците треба да ги чуваат децата). На заокружени јубилеи, како што се златниот или сребрениот јубилеј од бракот, вообичаено е да се поканат пријатели и позна-јници.

Празнувањето на Божик, кај христијаните е најфамилијарниот и најинтимен празник, празник на љубовта. Подароците вкусно завиткани и обележани со името на секој член од семејството, обично се ставаат под украсената божиќна елка.
Велигден, како еден од најголемите христијански празници и наследство од верски карактер, чии корени се протегаат далеку во минатите времиња, се празнува во семеен круг.

Вечерта спроти Нова година, која означува збогување со старата и пречек на новата година, за разлика од семејните празници, не се празнува во потесен круг, туку во поголемо друштво, во весела атмосфера, со богата трпеза и добри пијалаци, често пати до раните утрински часови.
Распространет обичај е и знак на големо внимание, кога за време на Божик, Велигден и другите големи празници роднините и пријателите си праќаат разгледници, а по повод Новата година си посакуваат среќа и успех (подетаљно види во главата "Преписка"). Треба да внимаваме разгледниците што ги испраќаме по повод споменатите празници да стигнат на време до адресираната личност.

Esen.manastir1.jpg

ДОМА

За да се направи нашиот стан во наш вистински дом, не се потребни само голем труд, работа и пари, туку и добар вкус. И тоа понекогаш не трае само неколку недели и месеци, ами и неколку години, со нужните поголеми или помали измени и дотерувања. Како што се поправа и се подобрува нашата материјална состојба, така се развива и се менува и нашето задоволство, па, можеме да кажеме дека трагите на тие дејствија и промени се мошне видливи во станот.

Првиот впечаток на оној кој влегува во некој стан е уште на влезната врата. Затоа треба да посветиме голема грижа при изборот на материјалот на влезната врата, на бојата и на формата на клучалките и кваките. Бришалката за чевли на прагот од влезната врата треба секогаш да биде чиста, евентуално треба да се стави една украсена гребалка за чистење на калта што се залепила на чевлите.

Уредувањето на претсобјето секако бара поголема грижа. Потребни реквизити се: закачалка за алишта (или вграден долап за палтата), постамент за чевли и за чадори, како и соодветно огледало. За нас, како и за гостите, нашиот дом треба да има извесна привлечна "увертира", а секој од нас според својот вкус и според дадените соодветни пропорции и големина може да го збогати уредувањето на претсобјето.

Уредувањето на бањата обично се состои од када или "школка" (кабина) за туширање, мијалник (лавабо), огледало, полица или долапче за козметика, разни ризи за лице, раце и тело. Се случува и вецето (W/С) да биде тука вградено, впрочем добро треба да се економисува со просторот, за да може да добие свое место се што е нужно во бањата, особено тогаш кога нема посебно место за машината за перење (во спротивно и тие ќе треба тука да ги сместиме). Ако вецето се наоѓа во друга просторија, тогаш треба таму да има помало лавабо за миење на рацете, како и риза.

Уредувањето на кујната треба да настојуваме да го направиме така што покрај неопходното внатре да обезбедиме простор и за поедноставно јадење, како на пример, за утрински појадок или за вечера.

Ако е остварливо, тогаш треба да настојуваме секој член на семејството - покрај заедничките простории - да има своја соба. Во собата за спиење треба да има најнеопходен мебел, но во секој случај треба да има "ноќно" масиче покрај зглавјето со абажур или ламба вградена во ѕидот над главата. Ако сакаме да гледаме телевизиска програма и од креветот, тогаш, покрај телевизискиот апарат во дневната соба, треба и тука да имаме телевизор.

Бидејќи поголем дел од времето го минуваме во дневната просторија, треба првенствено на таа просторија да и вдахнеме домашна, пријатна атмосфера. Тука треба да им се најде место на повеќето делови од мебелот, зашто тоа не е омилено место само за членовите на семејството, туку токму тука ги пречекуваме и нашите гости, кои треба да се чувствуваат како "дома". Ако немаме посебна просторија за нашата домашна библиотека, тогаш тука треба да наместиме полици за нашите книги, зависно од нивниот број и големина.
Детската соба треба пред се да биде светла, пространа, со едноставен најнеопходен мебел, што можеме лесно да го чистиме од прашина, заради хигиената на децата.

Големо чистење дома можеме да направиме најмалку два пати годишно. Тогаш треба да се исперат завесите и теписите или да ги однесеме на хемиско чистење. Внатрешното чистење на орманите и разните фиоки, треба да го извршиме пред големото чистење. Книгите што стојат во собата за спиење, потребно е барем два-пати месечно да ги чистиме од зафатениот прав. Тоа се однесува и за уметничките слики, врамените семејни и други фотоси, како и разни други украсни предмети.

Еднаш неделно треба да го исчистиме правот во станот, со правосмукалка и со влажна крпа.
Треба да посветиме посебно внимание за осветлувањето на станот, бидејќи без соодветно осветлување станот е мрачен, студен и непријателски. Целисходно е да се обезбеди таканаречено осветлување со "цел": за читање, за вршење интелектуална работа и, се разбира, во споредните простории. Така, покрај осветлените простории со целисходно осветлување, нема потреба од употреба на други светилки, па и да користиме штедливи сијалици, тоа сепак подразбира дека ќе биде потребно и годишно чистење на домашната каса.

Уметничките слики ги креваат нивото и атмосферата на одделните простории и на собите. Доволно е да се има само неколку, но тие да бидат вредни и избрани со вкус. А за тоа треба да обрнеме посебно внимание.

Оформувањето и уредувањето на нашиот дом претставува еден бескраен процес што изискува и голем труд, но само така тој станува навистина соодветен и пријатен за секого.


СОСЕДСТВО

Во селата сите жители се познаваат меѓусебе. А во градовите, дури и оние станари кои со години живеат во една иста зграда одвај или воопшто не се познаваат одблиску. Ако нов станар се вселува во некоја зграда, прилега да им се претстави на старите станари, во прв ред на непосредните соседи. Кај децата тоа никогаш не претставувало проблем, бидејќи тие бргу се запознаваат, почнуваат да другаруваат и да си играат заедно. Ако во нова зграда истовремено се вселуваат станари, тогаш треба заемно да бараат воспоставување на познанство.

Понекогаш се случува да ги бараме нашите соседи не само поради одржување на воспоставената врска, туку и затоа што сме дошле до таква ситуација кога ненадејно, итно се јавува потреба од нешто што во тој момент го немаме во нашиот стан. На пример, треба да се позајми чаша со млеко или едно јајце итн. Во такви случаи треба да се трудиме што побргу да ги вратиме позајмените работи. Не е потребно позајмените работи да ги враќаме двојно или во поголемо количество, но ако со позајменото сме направиле некоја работа со која можеме да го послужиме позајмувачот, на пример, торта, колачиња итн., тогаш тоа ќе значи укажување на големо внимание.

Ако во станот немаме телефон, или моментно не работи поради некоја причина, во итни случаи можеме да се послужиме со телефонот на соседот, но во такви случаи треба да се трудиме да бидеме колку што е можно пократки во нашиот телефонски разговор. Ако сакаме да разговараме со странство, тогаш треба да го замолиме нашиот странски партнер или роднина да не побара, така ќе биде поевтино нашето телефонирање.

Во секој случај, учтиво ќе биде ако на соседот му ја понудиме цената на надоместокот, полесно е во врска со тоа ако на телефонскиот апарат постои мерач за направениот трошок или мерач за времетраењето. Да не инсистираме да платиме повеќе од направениот трошок, но пред се прилега да му се заблагодариме на соседот за неговата срдечна помош.

Силината на гласот на радиото, телевизорот, на ЦД-то, пожелно е да ја штимуваме така што да не им го нарушуваме спокојството на другите, особено кога е отворен прозорецот, треба да избереме некоја посовре-мена направа за таква пригода, апарат што се става на ушите итн. Не прилега и немаме право да ги вознемируваме другите со нашите звучни емисии, кои, освен тоа, можеби ним не им се "омилени" и не им значат она што ни значат нам. Ако се разбудиме од силниот глас на радиото пред одење на работа, тогаш треба да водиме сметка да не се разбудат од тоа малите деца во семејството или соседот пензионер, па на тој начин да предизвикаме несакан проблем. Особено тоа важи за последните денови во неделата или за време на некој празник кога обично секој сака малку повеќе време да поспие.

Одржувањето на чистотата не треба да се ограничува само во рамките на нашиот дом. Треба да се трудиме за чистотата и на нашата околина, па во таа смисла треба да ги почитуваме правилата: не е пристојно да ја поправаме или да ја миеме колата под прозорецот на нашиот сосед, да ја оштетуваме зградата, а ѓубрето треба да го изнесуваме во кесиња на определеното место за тоа, во контејнерот. Не е секогаш доволна работата на заедничкиот чистач, затоа и самите треба перманентно да ги одржуваме редот и хигиената, да го почистуваме нашиот дел во ходникот, како и делот пред лифтот. Ако нашите соседи дотогаш не го правеле тоа, ако не видат нас, можеби и тие ќе почнат да го прават истото.

Да внимаваме на тоа дека не само ние, возрасните, туку и децата треба да го одржуваат пропишаниот куќен ред, зашто и за нив се однесуваат наведените точки. На дечињата треба да им ја објасниме и да им ја покажеме правилната постапка во врска со оваа проблематика.
 Esen.manastir1.jpg
Родокрајно здружение Загоричани

Esen.manastir1.jpg


Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

КУЛТУРНО ОДНЕСУВАЊЕ

Д-р Лефтер Манче е роден во с. Загоричани, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. Во текот на граѓанската војна во Грција во март 1948 година, заедно со илјадници други деца, бил принуден да го напушти родниот крај и да биде сместен во детските домови во Унгарија. Таму завршил основно училиште, гимназија, факултет за физичка култура, а потоа се запишал на медицинскиот факултет во градот Дебрецен каде што дипломирал со одличен успех, поради што бил задржан како хирург во Клиниката на одделот за општа хирургија.

Во 1973 година по краток престој и специјализација во Копенхаген, се иселил во Канада, каде што му се придружиле сопругата и двајцата синови.
Во Универзитетската клиника во Отава, работел како хирург за абдоменални болести и со свои стручни трудови учествувал на голем број меѓународни конгреси, семинари и советувања и научни собири.

Во 1980 година во Отава ја отворил првата приватна клиника за естетска хирургија и тоа за липосукција, пластика на лице, очи, гради и пресадување на коса. Д-р Манче бил втор хирург во Онтарио кој извршил липосукција и ги има напишано првите статии за оваа проблематика во канадската и унгарската медицинска литература.

На неговите многубројни патувања во многу земји и светски метрополи и средби со еминентни стручњаци и личности, се запознал со различни култури и начин на убаво однесување што го поттикна да ја напише оваа книга, а посебни искуства од оваа област стекнал во ексклузивниот хотел Мариот - Будимпешта којшто е еден од најеминентните хотели во централна Европа и каде д-р Манче е редовен гостин од 1982 година.

 

Уредници: Паскал Гилевски Петре Наневски

Лектура и коректура: Надица Костадинова

Илустрации: Ана Цветковска - Панова

Ликовно обликување, корица и компјутерска обработка: Никола Наневски
Печат: Марида комерц
Тираж: 1000

Друго:

Сашко Насев: КУЛТУРАТА НА ОДНЕСУВАЊЕТО КАКО ПРЕДИЗВИК