ЗАПОЧНА 42. МЕЃУНАРОДЕН СЕМИНАР ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК


Ѓурчинов: Никој не треба да се плаши од македонскиот јазик и култура


Академик Ѓурчинов се надоврза на мислењето на претседателот Ѓорге Иванов според кој "традицијата на овој Семинар е повеќе од потребна поради извесниот страв од македонскиот јазик и Македонците воопшто кој произлегува од непознавањето и затвореноста на одредени луѓе и групации кон македонскиот јазик и култура"


Присутните 90 учесници од 27 земји во светот, на вчерашното отворање на 42. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, ги поздрави ректорот на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", Велимир Стојковски:
-Секое навраќање кон минатото значи и потсетување дека и покрај тешките денови за македонската држава и многуте историски премрежија, јазикот, литературата, културата, обичаите и фолклорот отсекогаш биле нишката што го одржува идентитетот на македонскиот народ - рече на отворањето ректорот Стојковски, и потсети дека токму просветата, и првата богослужба на старомакедонски јазик со писмото на солунските браќа имаат епохално значење за културниот развиток на сите словенски народи.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, потенцираше дека традицијата на овој Семинар е повеќе од потребна затоа што се уште постои извесен страв од македонскиот јазик и Македонците воопшто:
- Како искрени пријатели на Македонија и Македонците, вие секако знаете дека тој страв и воздржаност произлегува од непознавањето и затвореноста кон нешто што можеби изгледа необично и нејасно. Наспроти затворените луѓе, ние слободно ги славиме јазикот, говорот и комуникацијата меѓу луѓето. Токму затоа, вашата улога која и досега на блескав начин ја вршите е да допрете до што повеќе срца, да ја пренесете вистината за Македонците и за Македонија.
-За директорот на Семинарот, Емилија Црвенковска, оправдани се напорите за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура:
- Очекуваме од ова издание на Семинарот да стекнеме уште други нови пријатели, млади македонисти кои ќе ја продолжат афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура. Според неа, големиот интерес за учество на семинарот говори дека македонскиот јазик не е загрозен, но, потребна е поголема поддршка од државата за лекторатите кои се од големо значење на Република Македонија.

Академик Милан Ѓурчинов, пак, рече дека никој не треба да се плаши од македонскиот јазик, литература и култура. "Ние треба да внимаваме со некои непретпазливи, предимензионирани изјави да не предизвикуваме сомнежи кај некои луѓе кои никогаш не изразиле такво сомневање во овие 42 години , а тоа што некои одредени кругови во Грција се занимаваат со тоа, е нивна работа", додаде Ѓурчинов.

Според него македонскиот идентитет никогаш не бил посилен отколку сега, затоа што, како што рече "Македонија создава литература, наука, уметност... и би било апсурдно сега некој тоа да го негира".

Инаку, учесниците на семинарот освен за јазикот ќе дебатираат и ќе учат за нашата култура и историја. Покрај лекторските вежби, во рамки на семинарот што ќе трае до 27 август, ќе има преведувачка работилница, и предавања на истакнати македонски академици и автори. На 25 и 26 август ќе се одржи и 35. Научна конференција, а традиционално и годинава ќе бидат организирани и курсеви за учење македонски ора.

ФОТО: Оhridnews

Извор: Вечер