Пабло Неруда (1904-1973), великан на светската поезија, со своето творештво ја обележа поезијата на 20 век. Величината на Неруда ни е на дофат во неговата најзначајна книга „Сеопшта песна“, која годинава беше објавена во издание на Македонската академија на науките и уметностите, а во препев и предговор на академик Матеја Матевски. Делото за жал не наиде на голем одѕив во јавноста, поради инертноста на нашата критика.

Изданието на „Сеопшта песна“ е избор од познатиот еп на Неруда објавен под истото име. Тој започнал да го пишува во 1939 година, а целосно е објавен подоцна. Како што веќе е забележано за оваа книга, „таа по својата карактеристична поетска градба е монументален еп со длабок лирски заграб и претставува, според самиот Неруда, негова најзначајна книга“. Поделена е на 15 циклуси, со 231 песна и 15.000 стихови. Тоа е еден голем поетско-филозофски и духовен споменик на целиот латиноамерикански континент. Лирските пасажи се вешто вградени во грандиозната структура, како секој камен што е вграден во големите палати на старите народи и цивилизации на тие простори. Лирско-епските нивоа наизменично се испреплетуваат, а филозофско-сентенционалната луцидност е' дава посебна продлабоченост и универзалност на поетската реченица.

Првичната идеја била тоа да биде еп за Чиле, но при една посета на Андите, се родила идејата да напише сеопшта песна за Америка, за што тој зборува и во своите мемоари: „Ги гледав одгоре, од онаа височина, древните градби, опкружени со високите врвови на зелените Анди. Се почувствував бескрајно силен во тоа камено средиште, во средиштето на опустошениот, горд и извишен свет на кого и јас на извесен начин му припаѓав. Почувствував дека и моиве раце работеле на ова место во некое дамна минато доба, длабејќи дупки и мазнејќи плочи. Се почувствував Чилеанец, Перуанец, Јужноамериканец. Во тие тегобни висови и отсечени урнатини, најдов нова сила и вера во продолжувањето на моето пеење“.

Стиховите беа поттик на Неруда да му се додели и наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1972 година. Тогаш беше објавена е и книгата „Пабло Неруда, поезија“ во превод на Матевски, Влада Урошевиќ и Луан Старова. Сепак поради настаните што тогаш се случија, тој не успеа да дојде и да ја прими наградата. Во времето кога беше прогласен за лауреат, Неруда беше амбасадор на Чиле во Франција. Матевски тогаш го посети Неруда во Париз, при што големиот поет ветил дека ќе присуствува во Струга. Но, развојот на настаните го попречија во тоа. Истата година Неруда беше опериран, а веќе следната 1973 година, се случија крвави настани во неговата земја. Изолиран и тешко болен, Пабло Неруда почина есента 1973 година.„Златниот венец“ посветен на Неруда се' уште се чува во Спомен-Домот на Миладиновци во Струга.

Пишува: Данило Коцевски