TViTer599

Ana Bunteska
  ·
Оние кои ги љубиме
Посебен мирис имаат
Свој
А сепак како твој да е
Па ти иди да ги вдишуваш
Додека нежно не те поттурнат
И низ смеа ти речат
“аман, истај се, доста е”
А тебе убо
Оти на ликојте им гледаш
Дека и ним убо им е
И гледаш како со очи те пијат
Како да си нешто што не виделе
Оние
Ете тие кои ги љубиме
Мирисаат на доаѓање дома
За душата да ти одмори
И коските да ти се стоплат
На разгорено огниште
Во кое долго време само пепел имало
И во младоста те враќаат
Та си ја чувствуваш кожата
Како се измазнува и свети
И срцето како споулавено кај што чука
А рацете те болат за да ги допреш
Со оние
Со оние кои ги љубиме
И чиј мирис засекогаш во нас ќе остане
Со нив времето застанува
Ништо не постои околу
Освен нивното присуство
И сите мисли ко џамлии на сонце ти светат
И замолчуваш
Ете молчиш оти убо ти е
Оти сиот свет во нечија дланка ти лежи
А ти спокоен си
Ко да знаеш дека ќе го пазат
Дека тебе ќе те чуваат
Тие убави и ретки луѓе
Кои ги љубиш
Чиј мирис во тебе се вкоренил
И станал ТИ
Станал ...ТИ

 

Ноември 2022 лето Господово