TViTer287

Јована Матевска Атанасова


Од новата збирка раскази, наградена со Книжевен круг за проза 2022


Војните бувнаа, ни го зачадија умот и окото.  Со ракија расповивавме утро и дочекувавме разденување на сончевата живожарица онаму кон Кајмакчалан. Веќе немаше кој да го поздрави зракот со срп или јадица, останавме неколцина, ко сиришта да одмастуваме деној, побргу да помогнеме да се распраи светот , со надеж ѓомти ламбада догорлива. Доплива, во тој ден, во тоа куково лето, до мене граѓа раскршена, одронета од целина. Липот и ламтеж и ромон одекна по селото. Плачеше мајка стара, Султана, ама некако очите ко суводолици ѝ беа. А сум гледал јас многу ќедер во езерската шир, чамецот доплива сам, без тело, без парче облека, без алиште или џамаданче, скоро како човек да немало зад веслата, како голокож враг да пловел . Немаше протуѓер тогај, да разгласи за Зафира, ама ветрецот кодошлија, шепотеше. Сум видел баеги кајчиња погодени од бесот на Господа и никојпат не допливале без давеникот.
Повторуваше по неколку пати исти реченици, така се ветрееше неговата бистрина под гнилеж на сетнината.
          Дури ние гиневме и снага оптегнавме небаре висиме на кремастаре, Зафира исчезна. Не од малихерка, не од оловните јајца што се спуштаа од небото, погина од езерото, нашата карадевда. Неверие. Ама ние толку маки, с'клети видовме, што никој нит се опули во езерото, освен кога сакаше да го скрати јадосувањето со поповото венчание кон смртта на" Вечна ја памјат".
        Мајка му и татко му на Зафир погинаа во бомбардирањето на Битола. Писание. Се затекнале таму, во зевот на лајпрдата човечка. Таксират. Трагедиите во тоа раздробје, во злодобата, не нѐ тревожеа како сега. Секоја куќа беше згрба(в)ена од чумата ко родот по прекланската слама.
          И така, кога падна селото на колена, кога си отвори рани ко зрела мешунка, душманот собра сѐ што најде по куќите. Ги јагленисаа плевните и амбарите, гранапите, еснафските дуќани,  визбите и скришните одајчиња на таваните. Вриеше како во мравјалник. Сѐ што беше вредно ни зедоа, и чест и мировина, ни грабаа скриени од под мишки подварени зрнца грав и чубрика, од уста тутун недосушен. Се то(в)арија на чамците и отпловија кон Голем Град. Не ги видовме другаде.
          Ама, што да ти повелам, тешка беше пловидбата. Кијамет се крена ко десетдневна Република. Со себе понесоа маки печалбарски, свидетелства, клетви од чукундедо шепнати, семки на дрва векоити. И народни приказни за раскарани баџанаци и завидливи золви. Чамците им тежеа, вода од секаде влегуваше и на секој десеттина педи бран ги голташе. Езерото се крена, нѐ вардеше. Не ги удостои со мирна вода. И небото се намршти. Се вапца во сињак и спурнина. Ровја удираше шлаканици за нивната нечестивост саѓосана. „Врати се. Врати се!“, сјачуваше воздишка и кашлаше. Сакаа да нѐ нема. Да нѐ закопаат, ама тешко беше да копаат со казмите толку длабоки гробници или да трошат муниција. Ние ко коштрева се корневме, ко плевел од коските ново сонце ќе го искапеше средето. Знајни беа сите.  Ама без војска, без богатство шо ќе сториш? Сами меѓусебе ќе се сотриме. Ќе си ископаме парцели во очите. Таму ќе се погребаме. Оти ќе гледаме без да видиме и ќе зборуваме без да кажеме. Сетики литија на духови. Кој сме, што сме? Ничии. Да немаш солца в очи да си фрлиш за да оќориш пред далјанот на неправдината.
           Ги закопаа таму, нашите скапоцености, ги пикнаа подземи ко неживи, малтене да ја размирисаат земјата, да ги нахранат змиите. Да се налицкаат со кинџури и прстени, со златото на селаните кое со генерации го чувале за идните. Со ѓерданот на рајата. Осиромашени сме, оти не знаеме до каде черга да спростриме, сине. Јас немам што да ти препуштам, освен куќата, ѕидовите и темелите. Од нашите златници, од нашите китила, од нашите бесцености, не остана ништо. Тептисаа.

 

22 јуни 2022 год.