3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Деновиве излезе од печат редизајнираниот двоброј  (1-2) на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ за 2021 година. Двобројот опфаќа 49 прилози на 306 страници, вклучувајќи: 15 прилози поезија, 4 прозни прилози, 11 прилози од преведени автори, 10 прилози од рубриката интерпретации, 6 рецензии, драмски текст и книжевни разговори.





Бројот е отворен со поезија од акад. Богомил Ѓузел, по него следи избор поезија од поети кои доминантно припаѓаат на помладите генерации: Стефан Костоски, Исток Улчар, Ерол Туфан, Мане Манушев, Павлина Атанасова, Диме Данов, Андреј Ал-Асади, Љубица Шопова, Марина Мијаковска, Мира Смаќоска Танеска, Стефан Марковски и други. Александар Прокопиев, Димитар Арнаудов, Љубинка Донева и Анде Јанков се застапени со проза. Во бројот е застапена и драмата „Драма изгубена во времето“ од Сашко Насев актуелна во моментов по премиерната изведба во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово, а со афоризми е застапен Васил Толевски. Поезија и проза преведена на македонски јазик имаме од авторите: Надија Реброња, Едвард Харенц, Зоран Ѓериќ, Ариан Лека, Роза Бојанова, Наталија Недјалкова, Дастин Пикеринг, Енес Халиловиќ, Бојан Богдановиќ, Владан Шиповац и Сузана Ловриќ.

Во делот на есеистиката и критиката застапени се трудови на Славчо Ковилоски, Васил Тоциновски, Мишо Китаноски, Исток Улчар, Иван Антоновски, Сузана Мицева, Ана Витанова Рингачева, Верица Мукоска, Лилјана Пецова Илиеска, Љубинка Донева, Никола Алтиев, Снежана Стојчевска и други.

Крајот е отстапен за интервју со чешкиот писател Михал Вивег кое го водеше Тони Димитров.

Илустрациите во овој двоброј се дело на Иванка Ниба, а истиот може да се најде во книжарниците на „Антолог“, „Литература.мк“, „Три“ и „Или-Или“.