TVITer602

Има ли полоша работа од фалбите?


Може има, ама и фалбите се катастрофа. Многу
е лошо да те фалат. Ужасно е. А најлошо е тоа
да ти се допаѓа. Тогаш си готов. Ќе почнеш да
се мислиш посебен, голема работа, сите ти
делат фалби, ти ова – ти она, без тебе ништо,
и ќе завршиш ко пропалица, морална, или
и материјална, конечно човечка. Ќе се сетиш
некогаш си знаел да правиш нешто, да можеш,
а сега ти се зело, и веќе е доцна. што дечки
знам што ги биваше за нешто, ама млади им
кажаа колку се добри, на нив е светот, и толку...
после ги снема, се упропастија... им се зема
дарот. Рано прецветале? Не, не ни процветаа.

Те фалат ли многу, пази да не завршиш
како Чаушеску или Гадафи, а тие мислеа дека
сè најдобро за народот си прават и тој ги сака,
вера прави од нив...кога тоа...не било баш така.
Ги отепаа како кучиња.

Опкружи се со ласкавци, изгуби се и умри, има
ли таква максима? Ако нема, да се измисли.

Има и нешто полошо од тоа да те фалат, а тоа е:
сам да се фалиш. Јас ова, јас она... јас па јас. Кој
сака самобендисани? Никој. Може мајка им, а
може ни таа. А се пофалиш, треба некој да те
перне по глава. За памет. Може нема да се
фалиш ко ќе пораснеш... ако пораснеш.

За своите фалби да кажам, што да кажам? А се
пофалам – мрак. И пак не ми доаѓа памет.
Во Охрид бев најдобар пациент, почнав да се
фалам, сум си прошол како на одмор, права
уживанција... операција – голема работа, и оп-
си дојдов дома, компликации постоперативни,
инекции во стомак, нема одење, лежи и мисли...
лежи со месеци... И пак исто... почнав да се фалам
овој пат, дека најдобро инекции си ставам... штом
се пофалив така, си ставив една, и оп – крв од мевот.
Па фали се пак...

И пак исто...еве вчера, ставам јас Леонар Коен
на фб...и Игор ми вика, „почнавме посериозни
работи“...и јас, не издржа срце, сива клетка...
одговарам: „почнав да спијам ноќе“.

3.angeli.so.truba

Ајде? Значи спиеш, а? Е оди сега заспиј да те видам,
фалбаџи прост...еве, сега е веќе 5.35, ново утро
осамна, а јас око не сум склопил цела вечер...
се препушив... чекам
некој да стане... за муабет.
Да се пофалам како не сум спиел.

 

26.03.2013

Избор од фб профил на

Тихомир Јанчовски

 

Друго:

Тихомир Јанчовски: „Одамна не се плашам од ништо...“

Тихомир Јанчовски:„Има една сорта чудни луѓе...“

Тихомир Јанчовски: „Руми - ДВА СВЕТА“

Тихомир Јанчовски – Страст за револуција

 

Тихомир Јанчовски – поет, колумнист и преведувач (14.03.2016)

Тихомир Јанчовски: Коста  

Подари книга - Тихомир Јанчовски (25.12.2015)

Тихомир Јанчовски: Азбучна песна

„Два света“ од Руми, во избор и превод на Тихо

 

 p.p.

Декември 2020 лето Господово