3.angeli.so.truba

(Извадок)

Галебот Џонатан Ливингстон

Џонатан е различен галеб од останатите во Јатото. За повеќето галеби најважно е да се јаде во текот на денот, за Џонатан, тоа не е доволно. Одлучен е да научи совршено да лета. Бунтовник кој има возвишена цел во животот. Место едноставно летање за да се најде храна околу бродовите, тој има поразлично сфаќање за животот.

Да се издигне над незнаењето, да се пронајде како суштество на совршенство, интелигенција и вештина, тоа за него е нешто што има најголема смисла. Идејата која го води во животот е идеја за слободата, слобода која сака да ја достигне преку совршенството на летањето. Конфронтиран пред останатите од Јатото, тој не се откажува од неговиот идеал. Не се поколебува ни пред советите на татка си кој упорно го тера да се откаже од неговите соништа. Тој притисок можеби за кратко го тера да се замисли и да почне да се однесува како останатите галеби, но тоа е нешто што се случува само за кратко, за да после одеднаш се враќа на своите желби, соништа и стремежи. Неговиот свет е летањето, вивнувањето во височините, пируетите, свртувањата, понирањето со огромна брзина, бавното ниско летање, освојувањето на далечните пространства. Неговиот свет е исполнет со секојдневно експериментирање во височините, со стремежи за достигнување на поголема брзина и подобро летање. Неуспесите не го обесхрабруваат, туку го водат да размислува поинаку. Да вежба понапорно и со поголема посветеност.

Еден ден се вивнува уште повисоко, уште подалеку над облаците, осознавајќи дека со собрани и згрчени крила може да биде многу побрз, далеку побрз, исто како сокол. Пресекувајќи го воздухот во слободен надолен лет, тој ја постигнува најголемата брзина дотогаш постигната во Јатото. Возбуден поради овој потфат очекува дека Јатото ќе му укаже најголема почит, дека ќе го искачи на пиедесталот на успехот и ќе го награди за барање на совршенството. Но, кога застанува пред Советот, неговиот свет уште еднаш е поразен. Старешините на Јатото го протераат поради неодговорно и срамно однесување. Неговите постапки се прогласени како прекршување на честа, достоинството и традицијата во фамилијата на галебите. Казната што следи е живеење осаменички живот далеку од Јатото, во просторите на далечните гребени.


Протераниот Џонатан станува отпадник, но никако не се откажува од својот сон. Неговата желба е уште поцврста. Да се достигне совршенството, да се совлада летањето, да се биде слободен. Неговата техника на летање постојано се усовршува. Веќе не му се потребни бродовите за да преживее. Знае сам како да лови риба. Се вивнува во небесата, а потоа нурнува во водата и лови риба и на поголема длабочина. И не само тоа. Учи и повеќе, учи да спие и да се одмара додека лета. Да прелетува големи далечини со леснотија, да јава на силните ветрови. Учи да се пробива низ маглата и да се издигнува над тешките облаци, да биде горе, кај сонцето, додека останатите галеби во тие услови воопшто не би се одделиле од земјата и само би зјапале во небото.

И таму горе, над облаците, доаѓа денот кога два галеби му се приближуваат и  му кажуваат дека се негови браќа, негови истомисленици, и дека доаѓаат да го одведат повисоко, конечно да го одведат дома. Вчудоневиден тргнува со нив, кон, како што му соопштуваат, неговото ново училиште.

Значи ова е рајот, си помислува кога присстигнува во новиот свет. И додека тоа му паѓа на ум, неговото тело станува се` побело а брзината на летање невидено му се зголемува. Сега е двојно побрз отколку што беше на земјата. Набрзо пердувите му стануваат совршено бели а крилјата перфектно мазни, како тенко исполирано сребро. Новото тело му овозможува за кратко време да ги сруши сите рекорди што ги имаше поставено на Земјата. Сега понира со брзини досега незамисливи за него.

Животот во новиот свет кај него наметнува многу прашања кои често знае да му ги постави на неговиот инструктор Саливан. А пак Саливан со големо задоволство одговара на неговите прашања и ја задоволува нескротената љубопитност на Џонатан. Зошто само толку мал број на галеби, прашува Џонатан? Затоа што за да стигнеш во Рајот, треба да поминеш илјадници животи, време кое е потребно за да сфатиш дека животот не се состои само од јадење, борба и моќ во Јатото, одговара Саливан. Потоа уште илјада животи за да сфатиш дека има совршенство, и уште илјада да се осознае идејата дека целта во животот е да се достигне тоа совршенство, продолжува со објаснување Саливан, додека Џонатан со широко отворени очи ја задоволува својата жед за знаење. Саливан исто така не пропушта да нагласи дека Џонатан е еден од ретките кои ова го постигнале во само еден живот.

За Џонатан многу работи се променуваат откако го запознава старешината Ганг. Случајно започнуваат разговор за тоа дали светот во кој се наоѓаат е рајот. Ганг, како искусен и мудар учител, објаснува за тоа дека не постои такво место како Рај. Дека Рајот не е ниту место, ниту време. Рајот е да се достигне совршенството, му објаснува на Џонатан. А совршенството не е во достигнување на невидени досега брзини, совршенството е да се биде таму, горе, истакнува старешината. Џонатан останува воодушевен пред зборовите на Ганг, но и пред неговата умешност и вештина на летање. Старешината има техника со која може да патува со невидени брзини, со брзина на мислата стигнува каде и да посака.


Така, љубопитниот Џонатан се здобива со нов учител. Старешината Ганг со задоволство прифаќа да го подучува Џонатан. Го подучува за летањето, но најбитно од се`, го подучува за животот и достигнувањето на совршенството. За да патуваш со брзина на мислата, мора да увидиш дека си заробен во тело, му кажува на Џонатан, додека освојуваа најголеми далечини и престојуваа на дотогаш невидени планети и светови. Неговите зборови полни со мудрост не престануваат да го воодушевуваат Џонатан. За скоро време ќе можеш да научиш да леташ низ времето, да се враќаш во минатото, да одиш во иднината. Но, најбитно е да ја научиш смислата на добрината и љубовта, го советува Ганг.

Деновите со учителот се одбројани. После еден месец Ганг исчезнува пред очите на Џонатан. Неговите пердуви почнуваат да стануваат се посветли и посветли, а неговото тело блеска во силен одраз кој постојано се губи. Продолжи да работиш на љубовта, се последните негови зборови упатени кон Џонатан.

Времето во новиот свет брзо одминува а Џонатан се повеќе и повеќе почнува да се прашува што се случува на Земјата. Дали таму има некој галеб што сака да постигне повеќе, некој што сака да го усоврши летањето, да го достигне совршенството. И колку што повеќе учи за добрината, за љубовта, толку повеќе  расти неговата желба да се врати на Земјата и да им помогне на галебите отпадници. Помислува како би било добро некој како Ганг да беше покрај него на Земјата кога го протераа од Јатото. Неговата одлука е конечна. Го напушта новиот свет и се враќа на Земјата.

Флечер Линд, млад бунтовен галеб се запознава со Џонатан и станува негов ученик. После само еден месец Џонатан има уште шест нови ученици. Сите отпадници од Јатото. Сите во потрага по нешто повеќе во животот. Љубопитни и со желба за знаење, со големо воодушевување го слушаат секој збор на Џонатан за летањето, за ограничувањата, за достигнувањето на совршеноста.

Еден утро, Џонатан носи храбра одлука. Да се вратат повторно во Јатото и да ја прекршат заповедта стара десетици илјади години. Во совршена формација во форма на буквата „в“ се приближуваат кон плажата каде што се наоѓа Јатото. Џон е напред, десно е Флечер Линд, а лево, Хенри Калвин. Осум илјади очи чудно ги гледаат додека се приближуваат кон Јатото. Некои ги игнорираат, некои потајно им се восхитуваат за тоа како добро научиле да летаат.

Од тој ден па натаму, Џонатан вежбите ги држи на плажата. Неговите ученици покажуваат одлични резултати во совладување на летечките вештини. Малиот Мартин Виалиам, Чарлс Роланд, Флечер, сите постигнуваа работи што дотогаш беа незамисливи за нив. Нивните успеси постепено почнуваат да привлекуваат други галеби. За време на ноќта, додека Џонатан им предава на своите ученици, некои љубопитни галеби од Јатото, пристапуваат кон групата и полусрамежливо наслушнуваат што учителот им кажува на своите ученици. А кога сонцето ќе почне да се појавува на хоризонтот, тие плашливо се распрснуваат на сите страни.

3.angeli.so.truba

После еден месец од враќањето се случува преседан. Еден галеб од Јатото бара да учи да лета. Така, Теренс Ловел станува осмиот ученик на Џонатан. А наредната ноќ им се придружува и Кирк Мејнард, галебот со дефектно лево крило, кој во крик и бодрен од Џонатан успева за првпат да се вивне во воздухот. Неговиот лет привлекува илјадници галеби кои љубопитно стојат во круг околу учениците на Џонатан. Веќе не се грижат дали некој ќе ги види или не, туку внимателно го слушаат секој збор на учителот кој им кажува дека не постојат ограничување и закони, и дека единствениот вистински закон е оној кој води кон слободата.

По само една недела Флечер доживува несреќа. Летајќи со голема брзина, губи контрола и се струполува на карпите покрај брегот. Жив е. Не може да поверува дека се`уште е жив. И останатите галеби неможејќи да поверуваат во тоа, нафрлајќи се околу него почнуваат да шепотат дека тој е  или син на Големиот галеб, или пак дека можеби е ѓавол кој е тука да го растури Јатото. Џонатан е тука да го потсети дека не е мртов, дека телото не е ништо друго туку мисла, дека секој галеб е неограничена идеја за слобода, и дека тој успеал да биде слободен.  Набргу после тоа, Џонатан засекогаш го напушта тој свет, пополека станувајќи проѕирен, за да на крај исчезне, оставајќи го Флечер да биде новиот учител кој ќе ги подучува младите галеби на нивниот пат кон остварување на слободата и совршеноста.

 
  Извор:

https://vladimirmarkoski.wordpress.com/2014/03/09/%D0%B3%D0%B0%D0%BB%D0%B5%D0%B1%D0%BE%D1%82-%D1%9F%D0%BE%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%BD-%D0%BB%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D0%BD%D0%B3%D1%81%D1%82%D0%BE%D0%BD/

 
    Друго:

„Ова е приказна за луѓето кои ги следат своите срца и создаваат сопствени правила... луѓето кои сакаат да направат нешто добро и за другите, не само за себе... луѓето кои знаат дека животот е многу повеќе од она што го гледаме: тие ќе го следат Џонатан, летајќи повисоко и побрзо отколку што сонувале.

Галебот Џонатан Ливингстон не е обична птица. Тој верува дека секој галеб има право да лета, да ја достигне крајната слобода на предизвикот и на откривањето, наоѓајќи најголема награда во подучувањето на младите галеби за радоста на летањето и за моќта на соништата.“

 


Ричард Бах, роден на 23 јуни 1936 година, е далеку познат писател на некои популарни бестселери, меѓу кои е и „Галебот Џонатан Ливингстон“. Повеќето книги на Бах се полуавтобиографски и тој користи вистински или измислени настани од животот, за да ја илустрира неговата филозофија. Покрај другите, тој е познат и по својата книга „Мост преку вечноста“.
 
    
„Во ова дело се раскажува за галебот Џонатан Ливингстон кој повеќе од се сака да научи совршено да лета. Поважно му е да лета отколку да лови храна и поради ова е избркан од групата.
     Џонатан не е како другите галеби, тој за останатите мисли дека немаат никаква цел во животот, а пак сите останати за него мислат дека тоа што го прави е премногу глупаво.Со текот на времето Џонатан се усовршува во летањето. Тој веќе многу добро зане и самиот да лови риби, да се одмара додека лета...
    Една ноќ додека Џонатан летал до него се приближиле два други галеби. И тие како и Џонатан знаеле да изведуваат многу акробации, па Џонатан ги прашал кои се тие.Двата галеба му одговориле дека ќе го однесат во неговиот вистински дом.Сите тројца почнале да летаат нагоре и одеднаш Џонатан се нашол на крајбрежјето каде имало многу други галеби.Џонатан дознал дека тука сите се како него, сите ја имаат истата цел и многу се израдувал.Старешината Ганг го научил многу работи кои Џонатан дотогаш не ги знаел.По некое време Џонатан станал галебот кој лета најсовршено од сите и почнал да ги подучува младите галеби кои доаѓале.
    Можеме да заклучиме дека ако нешто навистина сакаме треба за тоа нешто да се бориме и еден ден ќе се оствари.Џонатан кој е многу решителен,упорен,храбар на крајот успеа да ја постигне својата цел.Никогаш не треба да се откажуваме од она што го сакаме.„