„ЧОВЕЧУЛЕЦ“ ВО ГОЛЕМИОТ СВЕТ 

Англиската верзија на збирката раскази „Човечулец“ на Александар Прокопиев, во превод на Вил Фирт и во издание на лондонскиот „Истрос“ продолжува да ги интригира критичарите и уредниците од англиското говорно подрачје. За неполни пет месеци по објавувањето на книгата, одделни раскази од книгата беа преземени во неколку списанија, а се појавија и низа позитивни критики.
Така, во најновиот број на британското списание „Поем“ е објавен подолгиот расказ „Автобајка“ (под наслов “Once Upon A Prokopiev”)   

Неодамна, критичарот Скот Пак кој го води книгоиздателството „Aadvark Bureau“, специјализирано за преводи на француски наслови на англиски, во својата рубрика „Јас и моите куси раскази“ го издвои од познатата Dalkey антологијата „Најдобритe европски раскази 2015“ токму расказот на Прокопиев, „Змиулче“. Во својата препорака, Пак признава дека за прв пат чита македонски автор и дека сега едвај чека да прочита уште нешто. Според Пак, станува збор за „многу шармантен расказ, со атмосфера на бајка“.

„Човечулецот“, инаку книга што ја доби наградата „Балканика“ за 2012, досега е преведен на полски, српски, хрватски и англиски, а веќе се потпишани договори за превод за следната години со уште неколку европски издавачи.