ПЛЕМЕ ОД ДВАЈЦА

Не е само тој мирис што ме распаметува:
во секоја пора од телото имам по зрно
од твојата суштина – лесно се навлеков
на тебе, на сите твои чудесни магии
кои низ мене прскаат секој еден ден.
зашто ти си: именувана и доживеана
потполно инстинктивно и совршено
точно – во некој само насетен ритуал
ние ја скокнавме иницијацијата
на сите познати племиња.
ние сме племе од двајца,
огнена моја, моја шумо
во која ловам и нè сокривам.
ти ловиш со мене и пред мене:
слушаш подобро, душкаш подобро;
кога ми се приспива, ти ми ја ставаш
главата во скутот. и им шепкаш
на птиците дека твојот љубен спие...
сето тоа го знам. јас сето тоа го знам.
ти го земам телото под своето
и долго, долго те топлам, за врела
да се разбудиш, полна сила
полна сокови од кои ќе се напиеме.
обилно и во тишина, додека птиците
над нашите намирисани тела упорно
нè повикуваат на игра.

25.11.2014, 04:40

Ова е последната песна објавена на неговиот Фејсбук профил.

 Почина Игор Исаковски, еден од најеминентните македонски поети