Издавачите здружени во поход по 130 тома литература

Печатници и книгоиздателства се здружиле за да се конкуретни за големиот проект на владата

 

„Магор“, „Темплум“, „Слово“, „Абакус“ се дел од група издавачи и печатници што заеднички конкурираат за проектот „Македонска книжевност“. Нивната понуда, заедно со понуди од уште две наши печатници, завчера била отворена во Министерството за култура. На конкурсот учествувала и печатницата „Киро Дандаро“. За победникот деновиве ќе одлучува комисија во Министерството за култура. На конкурсот планираа да учествуваат здружено и книгоиздателствата „Феникс“, „Ѓурѓа“, „Три“, „Тера Магика“ и печатницата „Југореклам“, но се откажале зашто оцениле дека проектот е неисплатлив. Со проектот „Македонска книжевност“ до крајот на годинава треба да бидат објавени 131 книга од нашата книжевна историја и современост. Според прогнози во книжевните кругови, се очекува групата издавачи да добијат право да ги подготвуваат книгите. Тие во својата понуда нагласиле дека книгите ќе ги објават и пред крајниот рок.Иако се работи за многу книги, сите временски рамки ќе бидат испочитувани, а можно е делата да се објават и пред крајот на годинава. Заедничкото конкурирање е вообичаено кога се работи за проекти во кои е неопходен ангажман од повеќе луѓе. Еден издавач тешко дека може да ги објави сите книги толку брзо и со потребниот квалитет. Со организирана поделеност на обврските, се гарантира квалитетот на објавените дела - вели Никола Гелевски од „Темплум“.Премиерот Никола Груевски, кога пред еден месец го презентира проектот, најави дека до 24 Мај - Денот на македонските просветители св. Кирил и Методиј, ќе се објават повеќето од планираните дела. Од групата издавачи убедуваат дека објавувањето сепак ќе се одвива брзо. Како што велат од „Магор“, проектот ќе се реализира без застој зашто повеќето од книгите се веќе објавени кај нас.Нема да има пречка за брза подготовка и за печатење на делата. Дваестина дела, до 24 мај, секако ќе бидат објавени - вели Павлина Лазаревска од „Магор“.Шансите да победат на тендерот на групата издавачи им се големи, зашто, како што се вели во книгоиздателствата, другата група се „откажала од учеството. Неофицијално, директорите на тие издавачки куќи заклучиле дека предвидените 400.000 евра не се доволни за квалитетно објавување на планираните 131 книга.Од „Феникс“ велат дека речиси 200.000 евра ќе се потрошат пред да почне печатењето на книгите. Според директорот на таа издавачка куќа, Христо Петревски, половина од планираната сума ќе биде наменета за хонорари за членовите на Одборот кој ги селектира делата и авторите, за авторски хонорари, за предговори, за лектура.

- Уште пред да почне реализацијата на проектот, има недостиг од пари. Половина од нив ќе се потрошат пред некоја книга воопшто да се отпечати, а другите пари не се доволни за квалитетна изработка на делата. Овој проект нема да даде резултати. Наместо да се реобјавуваат книги што веќе ги има во книжарниците, подобро ќе беше парите да се вложеа за превод на дела од нашата литература на некој од светските јазици - вели Петревски.Проектот „Македонска книжевност“ е под покровителство на Владата. Според планираното, до крајот на годинава ќе се објават 131 книга со кои ќе се презентираат развојните процеси на македонската литература од времето на св. Климент Охридски до денес. Секој автор, без оглед дали е познат во нашата литература или е се' уште во почеток од своето творештво, ќе биде објавен со по една книга. Така, ќе бидат објавени „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Поезија“ од младиот поет Јовица Тасевски Етернијан, избор од творештвата на Матеја Матевски, на Гане Тодоровски, Радован Павловски. Книгите ќе бидат објавени во тираж од по 1.000 примероци.

Илјада евра авторски хонорар и за основоположник и за новајлија

По 1.000 евра авторски хонорар ќе им биде исплатен на сите автори чии дела ќе бидат дел од планираните 131 книга, вели Христо Петревски од „Феникс“. Постојат многу небулози во изборот на авторите што ќе бидат објавени, но и во тоа кој колкав хонорар ќе добие. Збунувачки е тоа што еднаков хонорар ќе добијат и автори што имаат напишано цел роман, и автори на поетска збирка од неколку странички. Истиот хонорар ќе важи и за познати автори, креатори на нашата книжевна мисла, но и за анонимци што објавиле по едно-две дела - вели Петревски.

Тоше Огњанов- Дневник