ВО СКЛОП НА АКЦИЈАТА "СО КНИГА НА ПЛАЖА"


Идиотски приказни и диџеј сет на Иван Иванов


Инспирирани од легендата за љубовната приказна помеѓу Мустафа Кемал Ататурк и Елени, под балконот од куќата на Елени Каринте на Широк сокак вечерва ќе се случи ноќен книжевен перформанс!


Со диџеј сет на Иван Иванов, син на претседателот Иванов, со танцови латино двојки и коктели завчера на Булеварот на книгите во клубот Матица, а во склоп на акцијата "Со книга на плажа" се случи дружење инспирирано од книгата на младата авторка Ксенија Николова со наслов "Идиотски приказни".

Уникатниот начин на спојување на танцот и книгата беше заокружен со дружење со авторката, која потпишуваше примероци од своето дело.

Од Матица веќе најавуваат и дека нивниот хит на летото "Последната пролет во Париз" од Јелена Бачиќ Алимпиќ го започнува својот пат низ Македонија (вечерва од 18 часот во Битола), и тоа со инвентивен настан, под балконот на љубовта на Мустафа Кемал Ататурк, Елени Каринте!

"Заедно со уште 1000 нови наслови, градот Битола ќе ја има честа да го доживее првиот ноќен книжевен перформанс. Инспирирани од легендата за љубовната приказна помеѓу Мустафа и Елени, истиот ќе се одржи на Широк сокак, под балконот од куќата на Елени Каринте. Настанот е замислен како спој на љубовната легенда од минатото со новите книжевни љубовни страници од сегашноста", велат од Матица.



"Настанот, покрај големиот избор на наслови и автори, како и цените димензионирани за сечиј вкус и за сечиј џеб, ќе понуди и многубројни изненадувања и подароци. Секако тука ќе биде и кругот на читатели со кој сите членови на Клубот од Битола, а и сите заинтересирани читатели ќе имаат можност да ги добијат своите омилени наслови по уште пониски цени", додаваат од таму.

Настанот е замислен како можност посетителите да се дружат со книгите до доцна во ноќта и затоа е предвиден да трае се до полноќ.

(Де.Т.)-Вечер