Соопштение за јавноста
08.05.2014

„ПЕСОЧЕН ЧАСОВНИК“ ОД ДАНИЛО КИШ
ОБЈАВЕН НА МАКЕДОНСКИ
Данило Киш, „Песочен часовник“ (272 стр., Блесок, 2014)

    Со поддршка на Програмата за култура на ЕУ, во превод од српски на Катица Гароска Ацевска, Блесок го објави романот ремек-дело на Данило Киш, „Песочен часовник“, како четириесетти наслов во престижната едиција с.р. (современ роман / своерачно) а и како електронска книга.
    Данило Киш (1935-1989) поет, раскажувач, драмски писател, преведувач со огромна енергија и ерудиција кого Милан Кундера го нарекол величествен, а Салман Ружди го вброил меѓу десетте најголеми европски романописци. Преведуван е на многу светски јазици и добитник на многубројни меѓународни признанија и награди. За романот Песочен часовник, објавен во 1972 година ја добил НИН-овата награда која неколку години подоцна ја вратил.
    Романот Песочен часовник, роман за траумата на холокаустот, се смета за ремек-дело на Данило Киш. Во овој роман се среќаваат истите ликови и епизоди како во останатите две дела од трилогијата за еврејското семејство Сам (Бавча и пепел, Рани јадови), но овој пат фокусот е на ликот на таткото. Во шеесет и седум фрагменти поделени во поглавја чии наслови се повторуваат (Слики од патување, Белешки на еден лудак, Истражна постапка и Испитување на сведокот) евоциран е животот на Е.С. без некакво временско растојание. Неговите размислувања, сеќавања и сништа прикажани се во нивниот жив тек.
    Песочен часовник е роман со извонредна реконструктивна сила во кој низ судбината на таткото на семејството се пресликува логорската историја на XX век. Романот претставува голема сага на современата книжевност за потрага по таткото, по сопствениот идентитет и по можноста за сознавање на својот свет и на неговата историја. Заднината на сето тоа е геноцидот.