Неделава се осеќам како комплетен кретен. Не се снаоѓам во муабети, во соговорниците зјапам со поглед набиен со неинтелигенција а во друштво штрчам како парче магдонос на горна двојка. Тотален инвалид околу кој не вреди да се труди ниту природата ниту општеството. Блиските се помалку имаат нерви да ме социјализираат, далечните уживаат во далечината, институциите креваат рамења, невладините организации се вадат на скромниот буџет.

Дури ми се чини дека и обичните минувачи почнаа да  забележуват дека нешто не е в ред со мене. Ме меркаат некако чудно, им ги затвораат очите на своите дечиња кога се разминуваме а потоа ги тешат дека мама и тато нема да дозволат кога ќе пораснат да бидат како чичкото што помина.

Да се разбереме: не сум лепрозен, не ми пораснала гигантска тртка на носот, не сум навлекол мистериозна сексуална болештина и не се облекувам во комбинација резеда -циклама -песок боја - трула вишна.

Единствената причина што неделава сум напуштен, анатемисан и протеран од околината е тоа што не гледав доволно телевизија. Испуштив чекор со другите, утнав неколку клучни  ТВ дневници и сега неможам да ги пофаќам конците и да и се придружам на останатата, прописно озрачена популација.

Жива брука сум, ме прашуваат што мислам за контролните пунктови а јас појма немам што мислам за нив. Ми помагаат со потпрашања: дали сум за тоа да се тргнат, да останат, да добијат градежна дозвола за надградба, да се префарбаат... "Стварно не знам", им признавам искрено, молејќи ги да ми дадат неколку дена фора за да ја совладам материјата. Главно ја одбиваат молбата и ми свртуваат грб додека во облачето над нив јасно се испишува: "Боже не сачувај, секакви ги има".

Мојот ТВ целибат не беше плод на свесна одлука; демек, да се деконтаминирам од радиодифузната радијација и да ја издувам катодната цевка. Просто, така испадна. Дента кога Љубчо и Латас "си ги гладеле", заглавив на работа, утредента кога Доста ги фрлала чиновите во Вардар заглавив на друго место а викендот емигрирав во планински предели каде што почисто се фаќа Ал Џезеира отколку МТВ.

И ете ме мене, надишан свеж воздух и лути цигари, во понеделникот се враќам  во мојот роден смог, информативно хендикепиран и политички неосвестен. Појма немам што се случува. Цела недела ментално запнувам за да го составам мозаикот и  да ги реконструирам настаните. Си препишав дупла доза вести само за да се вратам меѓу нормалните пациенти ама не ми оди баш најдобро. Ми недостасуват деталите, нијансите, оние ситници што живот мачат.

Го пропуштив омилениот дресерски ритуал - Водици. Фрлаш нешто во вода, твоите миленичиња се пуштаат по него а најбрзото од нив го погалуваш со зборови и му даваш телевизор за награда. Се што разбрав од пријателите за овогодинешниот сајбер хепенинг е дека  дедо Стефан имал добар трзај, дека  го заџиткал крстот со олимписка норма и дека оној што го фатил прво се залетал по цвеќето а дури потоа го зграбил добитниот купон во облик на крст што носи длабоко религиозна награда - телевизор. Добро, и ова не се малку информации  ама ми фалат уште милион детали: дали бидермаерот бил фрлан со фалца, дали трзајот бил од рамо или од лакт, во каква јамболија бил завиткан среќниот добитник...

Јас со години ги анализирам суптилните разлики во фрлањето на крстот меѓу нашите (Господин Господин / Дуран Дуран) поглавари. Еве, да го земам за пример блаженоупокоениот Гаврил (сте приметиле ли дека сите ние умираме а само тие блажено се упокојуваат?; сите се разделуваме од животот отсечно, само поглаварите заминуваат во логичен фејд аут).

Г.Г Гаврил  имаше интересен стил на фрлање: "на сец". Ќе замавнеше отсечно со крстот, натпреварувачите ќе се пуштеа по реката, ама крстот остануваше во раката на дедо Гаврил кој виртуелно ги крстеше водите на светата река Мајкл Јордан. После неколку такви сеца, ГГГ конечно ќе се смилуваше, ќе решеше да оди на наддавање и да го фрли крстот, ама дотогаш, половина од пријавените кандидати веќе беа отпливани до Велес, Демир Капија или Солун.

Од друга страна, ГГМ беше брилијантен  во оној дел кога се прогласува победникот. Оној прочуен библиски стих: "Чееедо боожје, Радио Такси Вооодноо ти подарува телевииизор во боојааа....", дедо Михаил го кажуваше со такво сугестивно тремоло во својот глас, човек да помисли дека Мојсие химселф проговара низ него.

За жал, годинава не ги одгледав ниту снимките од фрлањето на крстот во оние места кои немаат толку централизирана канализација како Скопје па затоа и немаат толку издашна река како Вардар. Онаму каде што крстот се фрла во поток, базен, када или пипета. Не сум сигурен дали и таму телевизорот е главна награда ама длабоко ме трогнува метафората на тој чин: телевизорот како симбол на нашата вера во севишните вести, како духовна матица која не чува од сопствените богохулни мисли.

Нејсе тоа. Ќе ми го објасни ли некој ова што се случи меѓу Доста и Љубчо? Па јас бев убеден дека попрво средата ќе се одвои од четвртокот отколку да се одлепат тие двајца. Види го ти наш Љубчо на какво дереџе сам се доведе: да бира меѓу цајкан и плавуша. Епска  виц дилема. Како што знаете и подобро од мене, го одбра цајканот. Сега Љубе и Љубчо, фатени за рачиња како Телма и Луиз, го турираат моторот, спремни да се учукаат во провалија и да си го направат меракот до крај. И ги заболе дундата за тоа што мислиме ние кои со години чучиме во гепекот. За среќа, колку што ме држи сеќавањето, тоа беше игран а не сериски филм.

јануари 2002

Извор: ОННЕТ

Посети: {moshits}