Гордана Апостоловска

Сликарката на 11 јануари во Пекинг ќе презентира цртежи изработени во мастило

КАTЕРИНА БОГОЕВА

Од Пекинг деновиве ја испративте информацијата за Ваша самостојна изложба која на 11 јануари ќе биде отворена во тамошната галерија „Zxong Fang Jiao“, во ликовната област 798.

Што ќе и презентирате на публиката и колку време и по кој повод сте во Кина?

- Моментално студирам графички дизајн на Централната Академија за ликовни уметности во Пекинг, која се смета за најдобра и најреномирана академија за ликовни уметности во Кина, во која исто така се сместени и одделите за архитектура и дизајн. Ова е моја втора година тука, минатата година студирав на Универзитетот за јазици и култура, каде го изучував кинескиот јазик.

Изложбата на која ќе бидат презентирани цртежи изработени со мастило, е наречена „Менување” и е производ на моите досегашни импресии и доживувања од Кина.

Кинеското ликовно творештво во изминатите години поинтензивно се шири во останатите делови од светот. Која беше пак Вашата лична провокација да продолжите со ликовната наобразба токму таму ?

- Добив стипендија од Кинескиот одбор за стипендии при министерството за образование на Кина, тоа беше причината поради која дојдов тука, и останав бидејќи ми беше предизвик. Кина е поразлична во секој поглед од тоа што го наоѓам во Европа, а оваа промена во секој поглед многу ми годи.

Пред се историјата и уметноста на Кина е многу различна од тоа што сум го видела досега. Во дизајнот повеќе црпам инспирација од традиционалната кинеска уметност отколку од современиот дизајн. Нивната уметност за мојот интерес претставува извор без дно. Пробувам да ги искомбинирам работите кои досега ги научив, со нивните навистина прекрасни графички елементи.

Во однос на ликовната уметност во Кина, би сакала да забележам дека освен традиционалната уметност, забележав и доста интересни кинески автори во областа на современата уметност.

Имате ли можност да ги проширите знаењата за рачно правење хартија стекнати на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и колку со оваа древна техника се користат денес кинеските автори?

- Во текот на моето студирање на ФЛУ ја посетував наставата по рачно изработена хартија кај проф.Симон Шемов во чија класа и го завршив факултетот. Во Кина таа се користи најмногу во традиционалното кинеско сликарство и графиката. На факултетот на кој сега студирам има предмет за рачно правење на хартија на одделот за графика. Од љубопитност го посетив овој предмет, но сега студирам дизајн затоа целосно сум фокусирана на ова поле, и сакам да извлечам што е можно повеќе од оваа област.

Колку вашиот критички став, моќта за ликовно запазување на местото на човекот во лавиринтите на денешната цивилизација, се менува откако не живеете во Македонија? Кои се вашите сегашни опсервации, преокупации во творештвото и во размислувањето воопшто?

- Среќна сум поради тоа што имам допирни точки до она што е актуелно во светот и можам сама да донесам личен суд за тоа што јас мислам дека е добро или лошо, без да ми биде презентирано од трета страна.

Откако дојдов тука, имам чувство дека Македонија е мала и затворена земја со многу ограничени можности. Моите погледи секако се сменија, бидејќи Пекинг во спротивно е многу голем град со отворени можности каде квалитетот си наоѓа место.

Понатаму Пекинг е град кој е моментално многу отворен за влијанието од надворешни искуства. Можеби имам вакво чувство, бидејки моментално Кина е центар на светскиот интерес и збиднувања поради забрзаниот економски развој на земјата, но и поради Олимписките игри.

Во Пекинг сега престојуваат голем број светски експерти од секоја област, неколку светски реномирани дизајнери го споделија своето искуство и одржаа предавања тука. Некои од нив моментално работат на проекти поврзани со Олимписките игри. На овие предавања имав можност и чест да се запознаам со дизајнерот од Њујорк Ленс Њуман , чие предавање ми остави најголем впечаток. Меѓу многуте негови големи проекти е и дизајнот и логото за Олимписките игри во 1968 година во Мексико.

Исто така имав можност да се запознаам и со професорот Том Грин, професор на „Humber Institute of Tecxhnology and advanced learning” во Канада, кој е дел од Адобе тимот. На ова предавање ни беа претставени идните трендови во веб - дизајнот, исто така и програми на Адобе за кои сега никој сеуште незнае, но ќе бидат премногу актуелни во иднина. По овие предавања навистина чувствувам дека сум отишла чекор напред.

Да не студирав тука немаше да имам можност да присуствувам на предавања од овој тип или пак да запознаам личности од овој ранг, бидејќи освен Интернетот навистина немаме допирни точки со тоа што се случува во светот, и со актуелностите. Сметам дека во Кина многу се вложува во пред се во образованието, но исто така и во културата, спортот поради што одат и со големи чекори напред.

Станува ли Пекинг со оглед на годинешното одржување на Олимписките игри и место за ликовен натпревар меѓу народите? Чија странска ликовна сцена е најзастапена во овој милионски град, од каде доаѓаат за Кинезите, најинтересните и најпровокативните сликари, графичари...?

- Од ликовната уметност, но и од дизајнот поради случувањата тука, многу автори од целиот свет имаат желба да изложуваат. Но пред се станува збор за презентација, лична, на сопствените достигнувања и на својата земја.

Јас имам лично видување за тоа што според мене од она што досега сум го видела е најинтересно, но не би можела да пресудам за тоа како размислуваат, бидејќи кинеските ликовни критичари најмногу се фокусирани кон кинеската уметност, за странските автори останува субјективниот суд на публиката.

 

Извор:Утрински весник