Од завчеравечер во галеријата "Даутпашин амам" можат да се видат вкупно 52 досега неизложени дела, (слики, мозаици и зграфито) на бардот на македонската модерна уметност Лазар Личеноски, донација на семејството на Личеноски

Вкупно 52 досега неизложени дела, (слики, мозаици и зграфито) на бардот на македонската модерна уметност Лазар Личеноски, од завчеравечер можат да се видат во галеријата Даутпашин амам". Во овие дела кои претставуваат несебична донација на семејството на Личеноски на Националната галерија на Македонија и воопшто на државата, уште еднаш може да се препознае бескрајната љубов на уметникот кон македонските пејзажи и мотивите со селски, градски и домашен амбиент. Ова беше доволна причина галеријата да биде преполна, а задоволството на љубителите на уметноста можеше да се слушне на секој чекор. Значењето на изложбата, според министерката за клултура Елизабета Канческа-Милевска, е уште поголемо со оглед дека се отвора во година кога Македонија слави две децении независност, а се чествува и јубилејот 110 години од раѓањето на Лазар Личеноски.

Имаме неповторлива можност да видиме дел од историјата на македонскиот ликовен идентитет, олицетворена во делата на врвниот уметник, големиот промотор на македонската ендемичност во европското и во светското семејство на уметноста. Овие вредни 11 мозаици изработени од 1940 до 1963 година, заедно со претходната донација на повеќе од 100 дела, ќе бидат сместени во трезорите на Националната галерија која се вбројува во редот на институциите кои поседуваат непроценливи дела од еден врвен уметник како што е Личеноски. Гледајќи ги вечерва повторно делата на големиот експресионист, на уметникот преку чии дела ќе ја запознаете Македонија и без да сте ја посетиле, ќе ги препознаете корените на современата македонска уметност. Преку нив уметникот е повторно меѓу нас...., истакна на отварањето министерката Канческа-Милевска.

Според директорката на Националната галерија, Маја Крстевска, љубовта кон родната Македонија секогаш била инспиративна и стимулативна за овој голем уметник, кој творел во разни техники.
- Донација на семејството Личеноски со импозантен број од вкупно над стотина дела со издржан квалитет е реткост во национални рамки и пошироко. Ексклузивна е можноста на едно место да се видат толку многу дела на еден од најзначајните македонски автори, истакна Крстевска, која и самата е еден од директните потомци на Личеноски.

Во рамките на изложбата која ќе биде отворена до 5 октомври, можат да се видат 36 слики, 11 мозаици и 4 зграфито.

 

http://vecer.com.mk/?ItemID=061B4EEFE67CD74DA3FA98C54B269E53