НА АСТЕРФЕСТ ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ

 


-31 мај-
 

Со проекција на наградените филмови во НУЦК Антон Панов во Струмица, синоќа, заврши петдневниот празник на филмот Астерфест во чии рамки можеа да се проследат педесетина странски и домашни документарни, играни и анимирани филмови од кои десет се закитија со награди.

Официјалното меѓународно жири на 6. Меѓународен филмски фестивал Астерфест, составено од режисерите: Боро Драшковиќ (претседател на жирито), Марија Перовиќ и Карпо Година едногласно одлучи во категоријата Астердокс за креативни документарци под 30 минути, наградата СТАРОЗЛАТЕН ПРОЕКТОР да му се додели на „Албертовата зима” во режија на Андреас Коефоед од Данска, за крајно личниот пристап кон темата за растењето при што камерата станува не само набљудувач туку и субјективен поглед на детето во вешто испреплетените документаристичко-наративни елементи за најважните прашања на постоењето. Во категоријата Астердокс за креативни документарци над 30 минути, Гран При или ЗЛАТНАТА ПОТКОВИЦА ја доби „Провинција 35х45“ на режисерот Евгениј Соломин од Русија за сугестивен, визуелно-уметнички доминантен пристап на транзициското секојдневие во просторите кои се гранични во сите свои историски периоди. Забележаните фотографии на пасошите се испреплетени животни судбини на луѓе на коишто едно патување им е патување на сопствените животи и судбини. Филм кој со својата емотивност во најубав уметнички контекст покажува дека фактите се често појаки и поапсурдни од испишаната фикција. СРЕБРЕНАТА ПОТКОВИЦА му припадна на филмот „Довидување, како сте?“ во режија на Борис Митиќ од Србија за необичен и консеквентен авторски пристап во кој низ контрапунктот на визуелната и аудио нарацијата суровата балканска реалност се третира на сатирично-иронично духовит и забавен начин. Наградата БРОНЗЕНА ПОТКОВИЦА му припадна на филмот „Погледни го животот низ моите очи” на режисерката Марија Џиџева од Македонија за ангажиран третман на еден проблем во современото македонско општество, низ поетско, суптилно и вонвременско проседе. Во категоријата Глобална фикција (кратки играни филмови) на светски автори, базирани на универзални мотиви, единствената награда му се додели на филмот „Сакано дете” во режија на Даниел Виртберг од Шведска за метафоричниот и визуелно сугестивен пристап кон темата на отуѓувањето во современото семејство.

Специјалното жири во состав: Евгенија Теодосиевска, Сунчица Уневска и Влатко Галевски донесе одлука за доделување на неколку специјални награди. Наградата за најдобар краток словенечки филм во програмата “Мувиленд” му се додели на “Ловец на облаци” на режисерот Миха Книфиц, заради супериорноста во дизајнот и суровата поетика со која ни е предочена апокалиптичната иднина. Заради опоменувачката порака до човештвото да не си поигрува со законите на природата и воспоставениот еколошки баланс.

Наградата за најдобар краток анимиран филм во програмата “Анимак” ја доби “Исповедта на Садуј” на Хуан Хозе Сурас од Шпанија, заради извонредниот спој на анимација и идеја, најсилната шлаканица на лицемерието на црковните канони и первертираниот морал. Вознемирувачки седум минути за колапсот на етичките принципи.

Специјално признание за анимиран филм се додели на “Внатре” на Иван Ивановски од Македонија, заради длабинско проникнување во интимата на душата и просторот, за постигната хроматска и графичка рамнотежа помеѓу објектите и камерата. Високософистициран минимализам.

Наградата “Ацо Алексов” за најдобар македонски автор се додели на Билјана Гарванлиева за филмот “Девојчето што бере тутун” од Германија заради чистиот филмски израз, прецизноста и топлината во кадрирањето и заради тоа што се работи за ретко креативен и истражувачки документ, како временска конекција на минатото и сегашноста. Гарванлиева го допира моментот кога времето застанува.

Специјално признание за македонски автор жирито му додели и на Јани Бојаџи за филмот “Крајот на светот” од Македонија, заради тоа што успева да ја долови идејата низ интересниот баланс на бои со кои постигнува визуелен ефект и конзистентност.

 

--
ASTERFEST &
TIBERIOPOLIAN FILM ALLIANCE

AsterFest, P.O. Box 10, 2400, Strumica, MK

Skype: asterfest

www.asterfest.mk