На 05.06.2009 (петок), со почеток во 14:30 часот, во Палатата Зенобио, Ерменски колеџ „Мурат-Рафаел”, Венеција, свечено ќе биде инаугуриран Македонскиот павилјон, во рамките на 53-то Венециско биенале.

 Павилјонот ќе го отвори министерот за култура на Р. Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, а потоа ќе се обрати и директорот на Националната галерија на Македонија, Маја Крстевска, која воедно е и комесар на изложбата „Педесет или педесет” на Гоце Наневски.
  
 Само за потсетување, Република Македонија на ова  биенале ќе се претстави со двајца наши уметници т.е. два различни проекти:
-    Гоце Наневски со проектот „Педесет или педесет”, зад кој стои тимот на Националната галерија на Македонија, чиј комесар е Маја Крстевска;
-    Никола Узуновски со проектот „Моето сонце”, на Музејот на град Скопје и Фросина Зафировска како комесар.

Учеството на Република Македонија на 53-то Венециско биенале е координирано и финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Македонија, а организирано од Националната галерија на Македонија и Музејот на град Скопје.

Претставувањето на Република Македонија на оваа престижна манифестација од визуелната уметност - Биеналето во Венеција е од големо значење и можност за промоција на македонската култура и уметност, пред земјите учесници од целиот свет.

 Венециското биенале за јавноста ќе се отвори на 07.06.2009 год. и ќе трае до 22.11.2009 година.

 

Izlozba.Nanevski.jpg

 


Македонија е земја чија историја е често пати пишувана од други, чии топоними биле многу пати менувани од страна, чиј јазик бил во многу нејзини краеви забрануван да се говори. На просторот, во кој со векови се одвивале историски бури, она што опстојувало бил автентичниот печат вдлабнат од моќната уметничка матрица, всадена во длабочините на народниот бит. На тој начин е етаблиран духовниот креативен идентитет, создавајќи вредности што ги премостувале понорите на времињата. Уште од дамнина визуелните еха одекнуваат во денешните македонски творечки импулси, преплетени во една културна интеракција чии одблесоци ги добиваме во скапоцениот отсјај на уметничките остварувања низ вековите.
Во оваа богато напластена културна стратиграфија се наоѓаат корените на современата македонска уметност, чија битна компонента денес претставува и делото на Гоце Наневски. Неговата моментална основна преокупација е веројатноста во креирањето на световите, нешто да се случи или да не дојде до тој моментум. Преку Педесет или педесет на Наневски, каде што главна детерминанта се времето и можноста за дејствување во неговите рамки, како и индивидуалноста како неотповиклив сегмент во донесувањето одлуки и нивно материјализирање, се дава едно поинакво видување на историјата, сегашноста и иднината. Во многу моменти ќе станува збор и за прашање кое ќе доведе до можноста за разрешување на дилемата дали нешто ќе се збидне или не.
Пронаоѓањето во меѓупростор и во исчекување на нешто што може да се случи, но и не мора, е она што Наневски го опфаќа во своите просторни решенија, чија големина нè тера одново да се запрашаме од каде доаѓа силата која еден човек ја поседува за да може да поместува и креира нови светови за себе и преку тоа.
Со остварувањата на Наневски, Македонија, преку Венециското биенале, денес му го предава на целиот свет согледувањето на овој автор по кое достоинствено ќе се детерминира нашиот став кон себе и кон светот денес и во иднина. Во овој жив процес на создавање нови светови, оската на настаните е во личното, кое означува моќен импетус за општествените текови и катализатор на вредностите кои во себе го содржат предзнакот ‡ „простор и време”.

Виш кустос Маја Крстевска,
директор на Националната галерија на Македонија


Можноста, веројатноста, потенцијалната предодреденост, простор(носта), временските рамки се конститутивните елементи во мислата на Наневски, кои своето отелотворување го доживуваат преку нумеричкиот систем како нивна појдовна матрица, и визуелното компонирање како резултанта. Доказите за ликовноста на овие поимни категории лежат во служењето на Наневски со визуелната лексика на конструктивизмот, минимализмот, модернизмот и успешното додавање на своја индивидуална епистема која се очитува во перфекционистичката техничка реализација.
Основниот визуелен постулат (бројчаниците) е „преземен” од автоматите на бензинските пумпи, како реадѕ маде објекти кои во неговите конструкции уште од 2006 година добиваат нова функција на метрички единици. Тие одбројуваат време, изоден пат, најавуваат можен тек на настаните кои треба (или не треба) да се случат во нашиот микросвет, а неминовно ќе се одвиваат и паралелни феномени во макросветот.
Во најновото издание од циклусот „Педесет или педесет” ‡ Нулта, повторно се присутни низите на бројчаници кои одново добиваат нова конструктивистичка и семиотичка задача. Сепак, првичната спознајна реакција изнедрува од можните оп-артистички навраќања, доловени на некој начин преку вибратноста и бинарната наизменичност на црно-белите површини во просторот.
Но „темата на бројчаникот”, во ова последно во низата истражувања, се надградува не само преку монументалноста, што е првичната станца за разгледување, туку и во суштествената компонента во реализациите на Наневски ‡ исчекувањето на движење. Овојпат, како еден од носечките атрибути се јавува монументалноста, која во претходните истражувања на авторот константно беше присутна како тежнение и еден вид најава на колосалноста застапена во ова дело.
Исчекувањето е толку амплифицирано што масивноста на мобилот и неговата конструктивистичка природа интригираат дали Нулта навистина може да се придвижи во детерминирано време и на кој начин тоа би било веројатно да се одвива. Овојпат, за разлика од неговите претходни солуции, подвижноста е овозможена со електронски уред.
Со најновото просторно решение на Наневски, спектаторската антиципација на веројатноста или неверојатноста е засилена со аудио најава дека конструкцијата тукушто ќе се придвижи. Меѓутоа, ретко кој од конзумерите на овој уметничко-технички избалансиран амалгам ќе го посведочи моментот на вистинското дејствие, на реализирањето на одредена одлука, на манифестацијата во реалниот свет.
Во контекст на овој избор на дела, „Педесет или педесет ‡ 7” и „Педесет или педесет ‡ 3” добиваат дополнително значење, како предвесници на големата метална рамна површина, означена како Нулта. Нивната нагласената геометризација, фронталност, тежнение кон монументалност, вертикално-хоризонтална игра се визуелни референци својствени за досегашните скулпторски зафати на Наневски, овој пат доведени до својот климакс. Дури и мануелната подвижност на одредени геометриски партии кај „Педесет или педесет ‡ 3” може да се следи како ран модел на електронската направа која е задолжена за мобилноста на Нулта скулптурата.
Во овие реализирани иконографски предлошки, времето и условните (и)стории на секојдневието се почетната авторова идеолошка преокупација и истрајна концепција, која со најновото просторно осмислување на Наневски ја доби својата најверодостојна, најпречистена појавност до сега. Што ќе донесе наредниот временски интервал е препуштено на веројатноста и на нејзиното можно предвидување.

Бојана Јанева