Во МСУ изложба на македонски енформел дела во сликарството и скулптурата

Скопје, 10 април (МИА) - Музејот на современа уметност (МСУ) во рамки на одбележувањето 45 години постоење денеска отвори изложба „Енформелот во сликарството  1959-1966“ и „Енформелот во скулптурата  1960-1970“. Изложбата со 89 слики на 23 уметници и 60 скулптури од шест автори ја отвори министерката за култура Елизабета-Канческа-Милевска.

Енформелот како уметнички правец се карактеризира со  напуштање и деструкцијата на фигурата. Во сликарството во Македонија почнал во доцните 50-ти години на минатиот век, следен и со напорот да се напушти дводимензионалноста, плошноста на сликата и таа да се доближи до нејзината вистинска, реална, физичка и материјална природа.

Автори на поставката се кустос-советниците во МСУ - Лилјана Неделковска, за енформелот во сликарството, и Марика Бочварова-Плавевска, за енформелот во скулптурата. Енформелот, како што истакнуваат тие, има значајни консеквенци во историјата на македонската уметност. Некои уметници - од Родољуб Анастасов, Александар Јанкуловски, Петар Мазев до Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Томо Шијак го доведоа до прашање не само светот на репрезентацијата туку и смислата, значењето на самата слика - масло на платно.

- Енформелот како уметнички правец во Македонија  ги профилира македонските уметници, независно од светските тенденции во оваа област. Тие се движат по сопствени патеки, го бараат сопствениот уметнички израз и својата слобода во уметноста и храбро чекорат кон светот, кон афирмирање на своето творештво во интернационални рамки, истакна министерката Канческа-Милевска.

Директорка на Музејот на современа уметност Елиза Шулевска соопшти  дека овој голем проект ќе биде претставен во Хрватска. Таа ја посочи  поддршката од Министерството за култура за оваа изложба, но и за други проекти во изминатиот период. МСУ беше домаќин на изложби на дела од врвни уметнички имиња на современото ликовно творештво, како Јан Саудек и Виктор Вазарели. хс/са/14:36


 Министерката за култура Елизабета-Канческа-Милевска:

Почитувана г-ѓа Елиза Шулевска, директор на Музејот на современа уметност,

Почитувани уметници,

Почитувани љубители на уметноста,

Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство што денеска, во овој пантеон на македонската и на светската уметност, Музејот на современа уметност, одбележуваме еден неодминлив момент од историјата на македонското сликарство. Допираме еден слој од македонскиот уметнички тамаќар низ ретроспектива на еден од најзначајните ликовни периоди на македонската современа ликовна сцена-енформелот.
Токму овде, во овој музеј кој е вистински микрокосмос од авторски соѕвездија и каде секоја точка пулсира во духот на уметникот,имаме можност да уживаме во освоената слобода на изложените 89 дела на 23 значајни македонски ликовни уметници, создавани во периодот од 1959 до 1966 година, како и скуплтурата создавана во периодот од 1960 до 1970 година. Од Родољуб Анастасов, Александар Јанкуловски, Петар Мазев до Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Глигор Чемерски, Томо Шијак - доживување на македонското ликовно творештво, со една од ендемичните бои, по која не препознаваат во европскиот креативен уметнички спектар.
Енформелот како уметнички правец во Македонија, од неговото зачнување при крајот на 50.те и почетокот на 60.те години на минатиот век, ги профилира македонските уметници, независно од светските тенденции во оваа област. Тие се движат по сопствени патеки, го бараат сопствениот уметнички израз и својата слобода во уметноста и храбро чекорат кон светот, кон афирмирање на своето творештво во интернационални рамки.

Почитувани,

За поздравување е импулсот на Музејот на современа уметност како релевантна институција во Република Македонија во негувањето и презентирањето на високите вредности што се создаваат во уметноста и културата на нашето време. Поточно речено, есенцијална е ролјата на институциите, како катализатори на вниманието на јавноста да бележат повеќе успешни соработки со уметниците.
Во таа насока и од големо значење е и заложбата на Министерството за култура на Република Македонија за рамноправно негување на сите дејности кои културата ја имаат за заеднички предзнак. Со оваа евалуација на културните вредности на Република Македонија, само ќе се поттикнат креативните импулси на уметниците, низ споредба на нашата традиција и културата со светските и традициите и културите на нашите соседи.
Културната политика на Министерството за култура на Република Македонија веќе неколку години упорно ја потврдува јасната определба за соработка со уметниците, кои со своите дела градат автентични мостови, по кои се и ќе се препознава македонското уметничко неимарство на ѕидовите низ светот.
Македонија има долга традиција на негување на визуелната и применетата уметност.
Во годишната програма за култура многу изложби ја добија поддршката од Министерството за култура токму поради фактот што наша цел е развој и промоција на уметноста. Македонските граѓани да се запознаат со богатото ликовно творештво што се создавало на оваа почва низ годините, но и да ја продоложиме традицијата на презентирање на поставки и дела на имиња како Јан Саудек, Виктор Вазарели, но и имиња кои ќе бидат вистинско возбудување за македонската публика.
Една мисла на великанот Бетовен вели дека вистинската уметност останува за вечност. Доказ за тоа се и денешните дела. Посакувам многу испишани страници од македонската уметничка историја.