22.10.2008 г.
 
Синоќа во Кралската академија на уметностите во Лондон беше отворена изложбата "Византија 330-1453", во чии рамки се изложени и икони од Галеријата во Охрид.
Македонија се претставува со осум икони, меѓу кои и една од најубавите икони насликани во византискиот период "Богородица Психосострија - Благовештение".
Милчо Георгиевски од Музејот во Охрид вели дека како концепциски така и според бројот на изложени икони, оваа изложба потсетува на изложбата на икони во Метрополитен музејот во Њујорк од пред четири години.
Куриозитет на изложбата е што првпат во историјата во иста просторија ќе бидат поставени иконата "Богородица Психосострија - Благовештение" и уште една охридска икона, која во 1930-тите години му е подарена на кралот Александар Караѓорѓевиќ. Таа икона сега се наоѓа во Музејот во Белград.
Изложбата, според сајтот на Кралската академија, е прва од ваков вид во изминативе 50 години. Во неа се опфатени 300 икони, некои од нив првпат изложени пред јавноста. Вклучени се дела од трезорот на "Сан Марко" од Венеција, од земји од Европа, од САД, Русија, Украина и од Египет. Концепцијата на изложбата е да го опфати периодот од основањето на Константинопол до неговото заземање од Отоманската војска на Мехмед Втори. (М. За.)
легенда-Македонските икони заедно со најретките примероци од светот

***

Ексклузивната изложба, која е во организација на Кралската академија на уметностите од Лондон и Беники музејот од Атина, се отвори синоќа во затворен круг поканети гости од земјите учеснички. Поради обврски во земјава, како што ни рекоа од кабинетот, министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, била поканета не присуствувала. Македонија на синоќешната свеченост ја претстави амбасадорката Марија Ефремова.
Изложбата за публика се отвора в сабота, а ќе трае до 22 март.

Вест