Големиот Вазарели пред македонската јавност

Виктор Вазарели е меѓу првите светски уметници што донираа свои дела за колекцијата на новоформираниот МСУ, по катастрофалниот скопски земјотрес

Околу 180 графики и 28 објекти од Виктор Вазарели, еден од најпознатите творци во светската современа уметност, утревечер во 20 часот, ќе бидат изложени во Музејот на современата уметност на скопското Кале. За Вазарели, еден од најголемите визионери во уметноста на 20 век, слободно може да се каже дека е пандан на Артур Кларк (и неговото дело и придонес во литературата). Вазарели, роден во 1906 година во Печ, Унгарија, се смета за основач на правецот оп-арт, за еден од лидерите на апстрактното геометриско сликарство, кое подоцна го разви во „кинетизам“. Починал во Париз во 1977 година. Изложбата во Скопје ја носи колекционерот Тибор Чепеи, Унгарец, сопственик на колекцијата „Вазарели“ и поранешен пријател на славниот уметник, кој си поставил мисија постхумно да го популаризира творештвото на Вазарели низ целиот свет.Сепак, за македонската јавност името на Вазарели не е мистерија. Тој е меѓу првите светски уметници што донираа свои дела за колекцијата на новоформираниот Музеј на современата уметност, по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година. Сестраниот Тибор Чепеи, професор, историчар и музичар, е пресреќен што пристигнал во Скопје. Вели дека одамна се подготвувал да дојде во Македонија, која ја смета за прекрасна земја.Особено ми е драго бидејќи македонскиот и унгарскиот народ имаат слични судбини. Чувствувам огромна почит кон македонскиот народ и кон вашите предци - рече Чепеи на вчерашната прес-конференција и ја најави изложбата.

ГО НАДМИНА МАЛЕВИЧ

По завршувањето на средното образование, Вазарели своето внимание го насочил кон медицинските науки. Набрзо почувствувал дека е предодреден да се посвети на уметноста. Откако се заситил од предавањата на ликовната академија, решил да им посвети внимание на предавањата што ги држеле поклониците на идеите на Баухаус. Во 1930 заминал во Париз, каде што ќе го помине целиот свој творечки живот.Вазарели отсекогаш и' беше благодарен на Франција за можностите што му ги даде, но во себе, до крајот на животот се чувствуваше Унгарец. Неговите предци пред 1000 години направиле многу за унгарштината и затоа тој имаше тесни врски со унгарскиот фолклор - рече Чепеи.Омилени му биле графичките техники сериграфија и литографија, поретко се посветувал на нацрти за таписерии. Својата уметност ја надоврзал на размислувањата на неговите идоли Василиј Кандински, Казимир Малевич и Пит Мондријан.Но, Малевич никогаш не успеа да излезе од дводимензионалноста. Вазарели го надмина својот идол - објасни Чепеи.Големиот уметник мразел својата уметност да ја претставува само пред „академци“; сакал неговите дела да може секој да ги види. Тоа е основната мотивација на Чепеи и неговата мисија. Јас не сум пребогат човек. Често сам ги доплаќам трошоците за изложбите. Но, најважно е што секоја изложба може да ја видат луѓе од различни општествени слоеви. Никој нема право да им го ускрати тоа задоволство - вели Чепеи.Тој доброволно ја донесе изложбата во МСУ и за тоа не бара никаков надомест.

ЗАСИЛЕНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

Ова е една од најобемните изложби за творештвото на Вазарели што досега е отворена. Чепеи е многу благодарен поради тоа. Вели дека најчесто се претставуваат по околу 50 дела и по два-три објекти. Засега тој е единствениот колекционер што - некогаш сам, некогаш со помош од француската и од унгарската влада - го промовира творештвото на големиот автор. За жал, вели тој, денес се водат многу судски спорови за неговите дела. Тој не посакуваше вака да се одвиваат нештата. Членовите на семејството во последните седум години од неговиот живот се обидуваа да го изолираат од одлуките. Затоа ќе се трудам колку што можам повеќе да го промовирам неговото дело во целиот свет - вели Чепеи. Изложбата за македонската публика ќе биде отворена еден месец. Додека посетителите ја разгледуваат колекцијата, ќе може да го видат и документарецот „Слика, музика, текст“ за животот и творештвото на Вазарели. За сето време ќе биде зголемено обезбедувањето во МСУ. Директорката на Музејот, Елиза Шулевска, најави дека наскоро ќе биде осовременет целиот безбедносен систем во институцијата. Изложбата ја организираат Центарот за унгарска култура во Софија, унгарските амбасади во Бугарија и во Македонија и МСУ.

Изложено и првото уметничко дело што отпатувало во вселената

„Сојуз Т“ е насловот на графиката - првото уметничко дело што отпатувало во вселената. Космонаутите во вселенското летало, илјадници километри над Земјата, ја потпишале сликата, на која има печат и од УНЕСКО. Ова дело досега само четири пати било изложено во странска земја. Чепеи инсистирал дополнително да ја вметне графиката за изложбата и лично ја донел во Скопје. Дури имал и извесни проблеми на граница.

Весна Ивановска- Дневник