Најимпресивните уметнички инсталации се сместени во познатите павилјони „Арсенале“ и „Џардини“, импозантни локации во кои се одвиваат централните уметнички случувања. А дури кога ќе зачекорите во нив сфаќате за колку импозантни дела станува збор - едно дело колку цела хала


Столчињата на Аи Веи Веи во германскиот павилјон

СВЕТСКАТА УМЕТНОСТ НА ДЛАНКА ВО ВЕНЕЦИЈА

Да се биде деновиве во Венеција безмалку значи како да се има светот на уметноста на дланка. Уметници од целиот свет дефилираат низ малите симпатични венециски улички. Со нетрпение очекуваното Биенале на уметноста е отворено за посетителите, иако за уметниците и за новинарите најголем број од делата беа достапни и во изминативе два дена.

Најимпресивните уметнички инсталации се сместени во познатите павилјони „Арсенале“ и „Џардини“, импозантни локации во кои се одвиваат централните уметнички случувања. А дури кога ќе зачекорите во нив сфаќате за колку импозантни дела станува збор - едно дело колку цела хала.

Бесплатно потстрижување на дрво

„Кој ќе успее да се искачи на дрвово, горе добива бесплатно пострижување“, извикува албанскиот уметник Сисли Џафа, качен на дрво и придржуван со разни помагала за да не падне - дел од инсталацијата во италијанскиот павилјон. Оние со авантуристички дух и навистина се качуваат. Една посетителка доби „бесплатно потстрижување на шишките“, таму горе, на врвот од дрвото.

Балканските земји вообичаено се сместени на разни локации низ градот, но годинава првпат чест да има инсталација во „Арсенале“, како големите земји, имаше Косово, кое, патем, и првпат се претставува на Биеналето. Нивниот претставник, уметникот Петрит Халилај, учествува со интересно дело - големо здание направено од дрво и земја, со тунел низ кој посетителите можат да се протнат и да видат што има на другата страна.

Акцентот годинава е ставен на видео и филмски проекти, а највпечатливи се темите за климатските промени и за светската економска криза, како и човековата еволуција и физичкиот простор и време. На таква тема учествува и Турција со уметникот Али Кабар, кој на пет големи видеобима ги прикажува зависноста и моќта на телото и технологијата.

Чилеанецот ја потона Венеција

Чешка ја претставуваат уметниците Петра Ферианцова и Збивњек Баладран, кои ја прикажуваат човековата еволуција, поентирајќи дека во суштина ништо не е променето до денес. Инсталацијата е насловена „Сѐ уште на истото место“.

„Музика за тишина“, пак, е насловен проектот на Канада, на авторката Шери Бојл - влегувате во голема темна просторија, а откако очите ви се навикнуваат на мракот и за миг добивате чувство како да сте во друга димензија, ефект постигнат од проектираните видеа. Аргентина, пак, изложува видеоарт, посветен на Евита Перон. Руските претставници се претставуваат со перформанс - пари што врнат од небото, а познатиот чилеански уметник Алфредо Јаар во голем базен ја прикажува Венеција како макета во однос 1:60 на вистинскиот град како тоне и повторно се издига.

Германија, претставена годинава од контроверзниот и мошне значаен кинески уметник Аи Веи Веи, го има можеби едно од највпечатливите дела, не толку од ликовен, колку од аспект на импозантност и концептуална свежина. Неговата инсталација е составена од столчиња што исполнуваат цела соба.


Албанскиот уметник Сисли Џафа бесплатно потстрижува


--------------------------------------------------------------------------------

Одлични реакции за македонскиот павилјон

Македонскиот павилјон беше посетуван и пред официјалното отворање. За само ден и половина делото на Елпида Хаџи-Василева, „Силентио патолоџиа“, го видоа стотици посетители.
- Влегуваат посетители од сите земји. Реакциите се многу позитивни. Генерално се одушевени од идејата, оние што го виделе делото раскажале и ни испратиле да нѐ видат и други. Убаво е чувството да добиете толку позитивни реакции - вели нашата уметница Елпида Хаџи-Василева.  

--------------------------------------------------------------------------------
   
    
Автор: Биљана Стојановска наш специјален известувач од Венеција 

Извор: Нова Македонија