СВЕТСKИ НАСТАН во  Музејот на современата уметност

Великанот Хенри Мур на изложба во Македонија

Изложбата на дела од главниот претставник на апстрактниот правец во вајарството (1898-1986 година) почнува на 18 април и ќе трае до 31 мај

Голема изложба од 86 дела од кои 6 скулптури од великанот на светската скулптура, британскиот уметник Хенри Мур, со свои очи ќе може да ја види македонската публика во Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата на дела на главниот претставник на апстрактниот правец во вајарството (1898 -1986 година) почнува на 18 април и ќе трае до 31 мај, а ќе биде поставена во Салонот Скопје во МСУ. Неговите дела на пазарот на уметнини имаат цена од неколку милиони евра, а многу од нив се наоѓаат пред реномирани институции како УНЕСKО во Париз и „Линколн“ во Њујорк

Несекојдневниот настан за Скопје и регионот е плод на одличната соработката на Британскиот совет и МСУ. Директорката на МСУ, Елиза Шулевска не го крие задоволството што на македонската јавност ќе и овозможи блиска средба со дела на уметник од светски ранг.

- Приказната и напорите да се донесе Мур во Скопје почнаа минатата година во мај, кога во Лондон, во предворјето на музејот Тејт Британ здив ми одзеде една скулптура. Знаев дека е тоа дело на големиот склуптор и тогаш посакав да можам тие да ги види домашната јавност. Во МСУ работевме тивко и ненаметливо и во договор со директорката на Британскиот совет во Македонија, Елеонора Запрова и еве го резултатот до кај стасавме - Хенри Мур во Музејот на современата уметност. Големите работи не сакаат помпезности, туку мир, ред и дисциплина - раскажува Шулевска.

Освен изложбата на дела, настанот ќе биде збогатен со предавање на врвен куратор и познавач на делото на Мур, образовни работилници за деца, млади и студенти по уметност, а во киното постојано ќе се има проекција на документарен филм за животот и делото на Мур. На изложбата најавено е присуство на регионалниот директор на Британскиот совет. Специјално за изложбата пак ќе биде изработен каталог со фотографии кои ги отстапил Британскиот совет.

Две години Британскиот совет и Музеј на современата уметност го градат своето партнерство преку значајни изложби на дела од современи британски уметници. Лани беше претставена изложбата „Прагови“ од колекцијата на Британски совет со 73 дела на автори од Велика Британија.

- Kураторите на ланската изложба Деана Еклер и Роберт Макферсон беа мошне задоволни од соработка со МСУ, па продолживме во тој правец, да ја продлабочуваме соработката со Британскиот совет. Јас се надевам дека изложбата на Мур ќе биде културен настан кој во просториите на Музејот на современата ќе донесе илјадници посетители - вели Шулевска.

Интересно е што 11 дела од големата изложба на Мур биле дел од изложбата од 1955 година во Националната галерија на Македонија во Скопје.

Шулевска е особено горда што Скопје е почетната дестинација на големата изложба на Мур, кој од тука продолжува на патувачка турнеја во уште неколку земји во регионот.

Британски совет има збирка со околу 8.500 дела од британската уметност и го сочинува таканаречениот „Музеј без ѕидови“. Британскиот совет е меѓународна организација на Обединетото Kралство за културни врски и образовни можности. (Л.Г.Д.)- Дневник