(Обновено)

  3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Esen.vopark4.jpg

СТАРИОТ И НОВИОТ ЗАВЕТ ВО СВЕСТА НА ЛАВ ТОЛСТОЈ

Николај Берѓаев


За Лав Толстој, пред сѐ, мора да се каже дека е - генијален уметник и генијална личност, но дека не е генијален, па дури ни просечен религиозен мислител. Не му бил даден дарот за изразување во Словото, дарот на искажување на својот религиозен живот, на своето религиозно истражување. Во него беснеела моќна религиозна стихија, но таа била бесловесна. Генијални религиозни преживувања и банални, без дарба искажани мисли. Секој обид на Толстој да се искаже во Словото, да ја логицизира својата религиозна стихија, раѓал само банални, безбојни мисли. Светогледот на Толстој како младо момче бил банален - тој сакал „да биде како и сите други“. И светогледот на Толстој како генијален човек исто така бил банален, и тој повторно сака „да биде како и сите други“. Разликата е само во тоа што во првиот период „сите други“ е - световното општество, а во вториот период „сите други“ се - „мужики“, работниот народ. Во текот на сиот свој живот, овој банално мислечки Лав Толстој, кој копнеел да биде сличен со световните луѓе или со „мужиките“, не само што не бил како сите други, туку бил како никој друг, бил единствен, бил гениј. И на овој гениј секогаш му биле туѓи религијата на Логосот и философијата на Логосот, неговата религиозна стихија секогаш останувала бесловесна, неискажана во Словото, во свеста. Лав Толстој е - исклучително оригинален и генијален и, истовремено, исклучително банален и ограничен. Во тоа е неговата впечатлива противречност.

Толстој, од една страна, восхитува со својата органска световност, својата ексклузивна припадност на животот на благородништвото.  Во „Детсво, момчество, младост“ се откриваат изворите на Лав Толстој, неговата световна суета, неговиот идеал на човек  comme il faut (каков што треба да е). Тој квасец се наоѓал во Толстој. Во „Војна и мир“ и во „Ана Карењина“ се гледа колку на неговата природа ѝ била блиска севтовната листа на рангови, обичаи и предрасуди на високото општество, колку ги познавал сите свиоци  на овој особен свет, и колку му изгледало тешко да ја победи оваа стихија. Тој копнеел од световниот круг да замине во природа („Козаци“), како човек кој премногу е поврзан со тој круг. Кај Толстој се забележува сета тежина на високото општество, на благородничкиот живот, сета жестина на животниот закон на гравитацијата, на привлечната сила на земјата. Во него нема провидност, леснотија. Тој сака да биде скитник, но не може да биде скитник, не може да стане скитник до крајот на својот живот, приврзан за семејството, за роднините, за имотот, за својот круг...
... Толстој проповеда возвишен, моралистички материјализам, животна среќа како остварување на највисокиот, божествен закон на животот.  Кога зборува за среќен живот, кај него нема ниту алузија на духовниот живот. Постои само душевен, душевно-телесен живот. И истиот тој Толстој се покажува како приврзаник на радикална духовност, ја негира плотта и проповеда аскетизам. Неговото религиозно-морално учење е необичен и невозможен возвишено-моралистички  аскетски материјализам, своевидно спиритуалистичко животинство. Неговата свест е придушена и ограничена со душевно-телесниот план и не може да допре до царството на духот.
... Овој генијален човек, кој целиот свој живот ја барал смислата на животот и размислувал за смртта, речиси целосно бил лишен од доживувањето и спознавањето на трансцендентното, бил ограничен со видокругот на иманентиот свет. И на крај, највпечатливата антиномија на Толстој: проповедник на христијанството, исклучително преокупиран со Евангелието и со Христовото учење, до таа мера ѝ бил туѓ на Христовата религија, како ретко кој друг уште од појавата на Христос. Тој бил лишен од какво и да е чувствување  на Христовата личност. Оваа запрепастувачка, несфатлива антиномичност на Лав Толстој претставува тајна на неговата генијална личност, тајна на неговата судбина којашто не може да се одгатне до крај. На Толстој му било судено да одигра голема улога во религиозниот препород на Русија и на целиот свет: тој со генијална сила современите луѓе повторно ги вратил кон религијата и кон религиозната смисла на животот, тој преку самиот себе ја означил кризата на историското христијанство, тој - слабиот, немоќен религиозен мислител, тој - рационалист. Овој рационалист, проповедник на разумско-утилитарна благосостојба, барал од христијанскиот свет безумие во име на доследното исполнување на Христовото учење и заповеди, и го приморал христијанскиот свет да се замисли над својот нехристијански живот полн со лаги и лицемерие.  Врз генијалната личност и врз животот на Лав Толстој стои печат на некаква особена мисија.

Односот спрема светот, како и светогледот на Лав Толстој во целост се нехристијански и предхристијански во сите периоди на неговиот живот. Лав Толстој целиот е во Стариот Завет, во паганството, во Ипостасот на Отецот. Религијата на Толстој не е ново христијанство, тоа е старозаветна, дохристијанска религија којашто му претходи на христијанското откровение за личноста, откровение на втората Ипостас - на Синот. На Толстој му е туѓа самосвеста на личноста, во онаа мера во која таа можела да му биде туѓа на човекот од предхристијанската епоха. Тој не ја чувствува единственоста и неповторливоста на секое лице и тајната на неговата вечна судбина. За него постои само светска душа а не поединечна личност, тој живее во стихијата на родот, а не во светот на личноста. Стихијата на родот, природната душа на светот, е разоткриена во Стариот Завет и во паганството, и со нив е поврзана религијата на предхристијанското откровение на Ипостасот на Отецот. Со христијанското откровение на Ипостасот на Синот, на Логосот, на Личноста, е поврзана самосвеста на личноста. Секое лице мистично пребива во мистичната атмосфера на Синовската Ипостас, на Личноста на Христос.  Пред Христос, во длабока религиозна смисла на зборот, сѐ уште нема личност. Личноста конечно станува свесна за самата себе дури во Христовата религија. Трагедијата на личната судбина станала позната дури во христијанската епоха. Толстој воопшто не го чувствува христијанскиот проблем на личноста, тој не го забележува лицето, тоа за него е потонато  во природната душа на светот. Затоа тој не го чувствува и не го гледа лицето на Христос. Кај Толстој нема Логос, па оттука кај него нема ниту личност, кај него има индивидуалност. Но индивидуалистите коишто не знаат за Христос, не знаат ниту за личност, нивниот индивидуализам е безличен. Воочуваме колку на Толстој му е туѓ Логосот, колку му е туѓ Христос, тој не е противник на Христос-Логосот во христијанската епоха, туку е едноставно слеп и глув, и пребива во предхристијанската епоха. Толстој е космичен, сиот е во душата на светот, во тварната природа, тој потонува во длабочината на нејзините стихии. Во тоа е силата на Толстој како уметник, невидена сила. Колку ли се разликува тој од Достоевски, кој бил антропологичен, целиот во Логосот, кој самосвеста на личноста и нејзините судбини ги довел до крајните граници, до болест.  ... Кај Толстој не постои каков и да е однос спрема Христос. За него не постои Христос, туку само неговото учење, неговите заповеди. Христовиот лик кај Толстој е засенет со нешто белзично, општо, стихијно. Тој ги слуша заповедите на Христос, но не го слуша Самиот Христос. Тој не е во состојба да разбере дека е важен само Самиот Христос, дека спасува само Неговата таинствена и нам блиска Личност. Нему му е туѓо секое откровение за Личноста на Христос и за секоја Личност. Тој усвојува безлично, апстрактно христијанство, без Христос, бек каков и да е лик. 


Лав Толстој, како никој и никогаш до сега, копнеел до крај да ја исполни волјата на Отецот. Толстој сака да ја исполни волјата на Отецот, но не преку Синот. Религиозната атмосфера на богосиновството, на Ипостасот на Синот, не му е потребна на Толстој. Толстој го смета за неморално верувањето дека волјата на Отецот може да се исполни само преку Синот. Тој со индигнација се однесува спрема идејата за искупувањето и за спасението, т.е., се однесува со индигнација не спрема Исус од Назарет, туку спрема Христос Логосот. Религијата на Толстој знае само за Отецот, и не може да знае за Синот.  Не можеме да го сметаме за хрстијанин оној на кого му е туѓа и одвратна самата идеја за искупувањето, самата потреба од Спасител, т.е., оној на кого му е одвратна идејата за Христос. Таква омраза спрема идејата за искупувањето, такво нејзино жигосување како неморална, христијанскиот свет не познавал до појавата на Толстој.

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ