Погребната кола на Александар Македонски


За погребот на Александар Трети Македонски постојат многу историски записи. Еден од најрелевантните е на историчарот Диодор Сикулски. Во "Портал", гласник на Македонски духовни конаци, е пренесен токму преводот на неговиот напис за погребната кола на Александар (Диодор Сикулски, I век п.н.е., Либер XVIII, 26, 27.). Преводот е на проф. д-р Љубинка Басотова. ВЕЧЕР го пренесува во целост овој несекојдневен и опсежен опис на погребната кола на војсководецот


"Првин со чекан направиле златен ковчег, според големината на телото (на Александар); него до половина го исполниле со миризливи материи, за да шири пријатна миризба и да го сочува телото од распаѓање;
Над ковчегот поставиле златен капак, така точно прилагоден, што ја опкружувал целата надворешна страна (на ковчегот).

Над сето ова префрлиле порфирна прекривка, прекрасно извезена со злато; околу неа се наоѓало оружјето на починатиот, со што се давал увид во делата што тој ги извршил.

Потоа довлекле кола, на којашто требало да се пренесува телото; на горниот дел од колата се наоѓала златна сводеста одајаа, направена од скапоцени камења; таа била долга осум а широка дванаесет лакти.
Под врвот на сводот од одајата се наоѓал квадратен златен трон, на кој биле претставени глави од трагелафии во величина на две дланки; на прстени, како украс биле прицврстени разнобојни венчиња, како цветови;

На врвот имало мрежеста завеса, на којшто виселе огромни ѕвонци, за да може од далеку да се слушне дека колата се наближува;
На аглите од сводот, на секоја страна стоела Победа, со трофеј во рацете;

Сводот бил држен од златен перистил со јонски капители; внатре во перистолот, се наоѓала златна мрежа, со дебелина од еден прст, над којашто паралелно биле поставени по четири плочи, на коишто имало претставени фигури; овие плочи биле еднакви по величина со ѕидовите на "гробната одаја".

На првата плоча се гледа колесница, богато изработена од метал; на неа седи Александар со убав жезол во раката; околу кралот под оружје врви Македонската гарда и Персијци, наречени "мелифори"; пред сите нив оделе војници, што го носеле оружјето;

На втората плоча била претставена колона слонови, украсени според воениот обичај; на нив, на чело јавале Инди, а одзади Македонци, со нивното вообичаено оружје;

На третата плоча се гледаат коњичките чети, коишто прикажуваат како се развива една битка;

На четвртата плоча се претставени кораби, подредени за битка;
На влезот од оваа "одаја" се наоѓале златни лавови, коишто како да гледале во оние, што влегуваат внатре; Од средината на секој столб нагоре, се до капителите се издигал златен акант;

Над сводестата одајаа над средината на сводот, на отворено бил прострен порфирен килим, на којшто била положена голема златна круна од маслинови гранчиња; кога сонцето со своите зраци ќе ја допрело, создавале молскава и треперлива светлина, така што одвреме-навреме, како да предизвикувала молњи;

Од страните на колата, над којашто се наоѓала целата оваа градба, стрчеле по две оски, на коишто се вртеле четири персиски тркала, чиишто пречки биле позлатени; само оној дел од тркалата, што допирал до земјата, бил железен;

Крајните делови на оските, што стрчеле биле од злато и на нив имало златни лавовски глави, чиишто усти држеле копје;

Околу средината на должината на колата, во средишниот дел на "одајата" , се наоѓала механичка оска, којашто, на сета оваа градба и давала рамнотежа, за да може колата да се движи без нишање и на нерамни места;

Имало четири процепа; на секој од нив бил прицврстен четворен ред јареми; на секој јарем биле врзани по четири мазги, така што вкупниот број на мазгите бил шеесет и четири; тие биле највнимателно одбрани според големината и силата. Секоја мазга на главата имала позлатена круна, од двете страни на устата им виселе по две ѕвона; околу вратот имале ѓердани од скапоцени камења.

Каде се наоѓа гробот на Александар Македонски?
Каде е гробот на Александар Велики прашање кое ја интересира не само македонската јавност, туку и светската. Таа тема е универзална, бидејќи гробот на Александар Македонски до ден-денес точно не е утврдено каде се наоѓа. Барем така тврдат некои научници. Го пренесуваме размислувањето на археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.

- Историските податоци говорат дека по смртта на Александар Македонски, Птоломеј, којшто владел и кој формирал Птоломеева династија во Египет, го однел ковчегот со неговото тело. Се смета дека ковчегот со телото на Александар Македонски било однесено во Египет, во Александрија и има податоци дека токму таму се наоѓа гробот, во место кое е заѕидано и не може да се влезе во внатрешноста. Историските податоци велат дека Нерон, Калигула отишле таму и се поклониле пред гробот на Александар Велики, бидејќи тој за нив бил нешто како идол.

Но, постојат и други теории коишто велат дека телото, односно ковчегот на Александар Македонски било заменето и тајно пренесено на просторите на Македонија, бидејќи Александар бил всушност македонски. Една верзија е дека неговото тело е во Епир, каде што живеела неговата сестра, а другата верзија дека се наоѓа на старите Пајонски гробишта во нашата денешна Македонија, каде бил погребан по барање на неговата мајка Олимпија. Јас би сакал да верувам во оваа втората верзија, вели археологот Паско Кузман.

Дејан ТРАЈКОСКИ
(А. Ј.)