ПАСКО КУЗМАН, ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Ако свеста на луѓето на Македонија е сиромашна, ако тие диво откопуваат гробови и предметите што ги наоѓаат од античкиот период ги продаваат на соседите Грци, тогаш проблемот е кај нас

И 24 часа во денот му се малку за да ги заврши сите обврски. Сепак, тој цела година ја помина „летачки“, од еден до друг археолошки локалитет, сакајќи лично да се увери што се случува на терен. На крајот на работната недела најчесто заминува во родниот Охрид за да намине на Плаошник, Самуиловата тврдина, Градиште. Во меѓувреме, го има секаде - на промоции, изложби, на доделување награди. Неофицијален, релаксиран, не одбива да разговара на ниту една тема, но со најголемо задоволство зборува за минатото.

Археологот Паско Кузман повеќе од година раководи со Управата за заштита на културното наследство. За краток период, на релативно младата институција и' даде сосема нова димензија - установата стана координатор на капитални проекти од областа на културното наследство.

Кузман вели дека од толку многу задачи, не може да се сети во што вистински, со полно срце уживал во изминатата година, додека не го прашате кој новооткриен артефакт најмногу го воодушевил. Тогаш очите му светнуваат и почнува да набројува.

Вели дека изминатата година е најзначајна за археолошките истражувања во Република Македонија, но се потсетува и на периодот од 2000 до 2002 година, кога интензивно се вршеа истражувања на Самуиловата тврдина во Охрид, на Скупи и на другите позначајни локалитети во земјава.

- Но, тогаш беше првпат и се работеше поромантично. Сега работиме многу поорганизирано, во поглед на финансирањето што го обезбедува Владата. Реализиравме национални проекти, значајни за македонската историја, култура, археологија. Потфатите во 2007 година ќе одиграат значајна улога во создавањето на македонската историја и на културното богатство кое ќе ги полни музеите. Пласирањето на културното наследство во светот само за себе говори повеќе од која било пишувана историја. Македонската археологија во оваа година значително ќе ја надополни историјата на живеењето на овие простори, вклучувајќи ги сите цивилизации што поминале преку македонската почва. Ќе ја збогатиме не само македонската и историјата на балканските простори туку и историјата на Европа.

ВОЗБУДЛИВА 2007 ГОДИНА

* Како археолог, кој пронајдок најмногу Ве возбуди?

- На скопската тврдина имаше навистина величествени резултати. Тие првпат се откриваа од срцето на Скопје, од средиштето на градот. Бев многу возбуден кога ги откривавме пломбите, печатите. Бев воодушевен и од појавата на праисториските слоеви, бидејќи по вокација сум праисторичар. Од куќата од бронзено време излегоа прекрасни форми на керамичките садови со култно значење. Многу значајна работа (која од политички аспект можеби нема да се допадне некому) е откривањето средновековна црква од 13 и 14 век. Претпоставувам дека ќе се појават уште 4 до 6 цркви од тоа време. Очекувам доцната антика да биде најбогата од сите периоди на скопската тврдина. Тоа е времето на базиликите, на Јустинијан. Како и на сите комплексни локалитети во Македонија, очекувам тој период да биде богат и доминантен и во Скопје. Иако не се спомнува често, на скопската тврдина се појави бронзен врв од стрела, од 4 или 3 век пред новата ера. Таа говори за времето на македонската доминација. Стрелата е употребена. Тоа значи дека на Кале освојувале Македонците во времето кога Александар тргнал во славниот поход против Трибалите, кои живееле северно од Македонија. Трибалите, пак, живееле северно од Дарданците, кои Албанците многу ги сакаат сметајќи дека се нивни наследници. Тоа е тотален апсурд. Во тој поход била употребена стрелата. Значи, тука престојувале, биле или војувале македонските чети, македонските војници. Тој пронајдок навистина ме возбуди. Годинава на Плаошник се случуваа неверојатни откритија, многу значајни за целокупната историја и на Македонија и на балканските простори. Првпат во Македонија се појавија мозаици од античкиот период, од 3 век пред новата ера. Сите досегашни се ранохристијански. Тоа е доказ дека овие простори се дел од егејскиот круг, богат, од кој произлегла сета цивилизација, дека сме дел од медитеранскиот културен комплекс. На еден од мозаиците е претставена тврдина. Мислам дека тоа е охридската тврдина од тоа време. Откривме две нови базилики. На Плаошник првпат се појавија македонските бронзи - не како случајни наоди, туку во гробови од раното железно време, од 7 и 6 век пр.н.е. Тоа досега го немавме во целиот охридски регион. Тие мали култни предмети се многу значајни зашто ги има само на одредени територии. Најмногу се појавуваат во источна Македонија, северниот дел на Егејска Македонија, на источниот дел од Грција, дури има и на некои делови на Србија, но тоа е инцидентно. 

* Зошто се тие толку значајни?

- Предметите говорат за нивните носители - племиња или народи што имаат слични карактеристики. Во источна Македонија има македонски племиња - Пајонци. Албанските археолози и историчари тврдат дека Пајонците се Илири. Тоа е смешна теорија! Не може да стане збор за илирски етнички супстрат на просторот на Лихнидос, туку за македонски етнички супстрат од времето пред да се формира македонската држава. Тоа се само елементи од кои се создава подоцнежната цивилна македонска држава. На Плаошник имаше многу поединечни ексклузивни наоди - бронзената фигура на Дедал, скоро откривме златни обетки со негроидни, црнечки глави од македонско-хеленистичкиот период, кој е најбогат на нашите простори. Тие се многу симпатични, иако ги има многу на овие простори. 

* Како директор на Управата за заштита на културното наследство и' дадовте сосема нова димензија на оваа институција. Иако функционира само неколку години, беше конципирана како бирократска установа чија задача е да донесува закони, правилници, акти... Што се случи за овие 15 месеци?

- Се профилира стручноста на вработените. Во Управата работат магистри по историја на уметноста, по археологија, има доктор по архитектура, па дури и јас сум стручно лице од областа на археологијата и на културното наследство. Некако се наметна потребата малку да ја остручиме оваа институција, за да биде покреативна. Ги завршуваме сите обврски - подготвуваме правилници, направивме измени и дополнувања на Законот за заштитата на културното наследство, но имаме право и да ги координираме капиталните зафати во Република Македонија. Заедно со Министерството за култура ги координираме и проектите од Европскиот совет. Но, во однос на културното наследство сме многу независни.

* Со кои аргументи ја шармиравте Владата и министрите за да одобрат толкав буџет за археолошки истражувања и за заштита на културното наследство?

- Мислам дека тие ме шармираа мене. Сретнав луѓе што многу се интересираат за културното наследство. Прашуваат што, на кој начин може да се реализира. Јас секогаш сум истиот Паско. Тие знаат што може да сработам, да реализирам. Веројатно стекнале доверба врз основа на мојот досегашен труд. Тие се интересираат за културното наследство, а се наоѓаат во позиција да може да одлучуваат. За мене тоа е шармантно. 

* Колку пари беа потрошени во 2007 година за Плаошник, скопското Кале и за Музејот на вода кај Градиште?

- Вративме дел од парите со ребалансот на буџетот. Проектите ни беа силни и можевме тоа да си го дозволиме. За Светиклиментовиот универзитет потрошивме толку колку што предвидовме - 1 милион евра. Се вршеа археолошки истражувања во кои просечно учествуваа околу 400-500 луѓе, имаше механизација, камиони. Идната година треба да се реализираат уште 2,5 милиона евра и уште толку во 2009 година. За скопската тврдина беа предвидени 950 илјади евра. Ги искористивме само парите за археолошки истражувања. Делот предвиден за подготовка на проект за конзервација на западните бедеми и за почеток на делумна реализација не беа искористени и ги вративме во буџетот. Тоа е нормално, тие пари се на државата и в година повторно ќе се вратат во проектот. За Музејот на вода беа предвидени 500 илјади евра, а реализиравме околу 450 илјади евра.

ДА БЕВ ПОМЛАД ЌЕ ЖИВЕЕВ ВО СТОБИ

* На што најинтензивно ќе работите во 2008 година?

- Ќе продолжат досегашните капитални проекти, но ќе има и археолошки истражувања на Скупи. За тоа ќе бидат одвоени 10 милиони денари, за почеток. Тоа не е малку, досега добивале по 200-300 илјади денари. Десетина милиони денари ќе бидат издвоени за археолошки ископувања на Тетовското кале. Капитален зафат е и зградата на албанската азбука во Битола, кој ќе биде финансиран со 4 милиони денари. Во Виница ќе се гради нова музејска зграда, во која ќе биде сместен Музејот на теракотни икони. Тоа ќе привлече светско внимание. Предвидено е да се доистражи, конзервира и реставрира Виничкото кале. Така Виница би станала источномакедонска туристичка дестинација број еден. Со добра реклама за виничките икони би привлекле многу туристи. Дури баравме да се изгради автопат до Виница. На почетокот на годината, Стоби ќе прерасне во самостојна институција. Ќе бидат вработени 15-20 археолози, историчари на уметноста, конзерватори што ќе го земат локалитетот во свои раце,

ќе се грижат за него и ќе му ја кројат иднината. Ќе подготвиме простор тие да живеат со Стоби и во Стоби. Почетниот буџет ќе биде околу 5-6 милиони денари, но тоа ќе биде за една година, само за конституирање на институцијата. Ако се' оди како што треба, уверен дека по 5 години Стоби ќе стане „фабрика“, простор што ќе носи пари. Менаџирањето со Стоби е голема работа и може да носи огромни профити како балканска археолошка оаза. Да бев помлад, со целото семејство ќе се преселев таму, ќе молев да ме остават, ќе живеев и ќе работев во Стоби.

* Каква година имавме од аспект на диви ископувања, шверц со антиквитети и оштетување на културното наследство?

- Изминатата година имаше поголемо затишје во поглед на дивите ископувања. Не дека сум јас директор на Управата, туку веројатно стигнаа казните, па многу

луѓе што претходно беа замешани во тие активности отидоа зад решетки. На пример, мојот „пријател“ Мики, кој беше со мене на емисија во телевизијата Сител веќе е зад решетки. Човекот беше многу елегантен и јавно си кажуваше работи за кои требаше да биде затворен веднаш по емисијата. Ете, подоцна, си го најде своето место.

СКУЛПТУРИТЕ ПРЕД ВЛАДАТА СЕ ОД РИМСКО ВРЕМЕ

* Неодамна ја потврдивте информацијата дека во грчката влада има специјален фонд за откуп на антиквитети пронајдени на територијата на Македонија. Зошто на Грција и' е толку важно да ги поседува доказите за античката култура во Република Македонија?

- Ако свеста на луѓето на Македонија е сиромашна, ако тие диво откопуваат гробови и предметите што ги наоѓаат од античкиот период ги продаваат на соседите Грци, тогаш проблемот е кај нас. Не треба да го бараме кај нив. Грција сака да биде доминантна сила во целокупното културно наследство од античките времиња на целиот балкански простор. Веројатно е резултат на тоа што Грција ги координира балканските земји во развој. Тие се трудат да приберат се' што е вредно од античкиот период, за да го прикажат на свој начин. Ние тешко се справуваме со таа проблематика зашто не сме моќни како општество. Разбирливо е дека Грците сакаат да имаат супремација во поглед на целокупното културно наследство на балканските простори и на она што се вика Македонија бидејќи сега (а не порано) изгледа „им згусти“, па ја сметаат Македонија за дел од својата историја, од своите територии. Од тој, политички, аспект ги преземаат сите активности користејќи ги античките вредности како нешто врз чија основа може да докажат дека се' на овие простори е Елада. На пример, Грците дури си земаат за право да кажуваат дека не смееме да ги изложиме скулптурите пред Владата. Тоа се многу смешни, комични реакции. Сите тие скулптури се најдени на оваа територија, што тие ја нарекуваат Скопје или БЈРМ. Тие се пронајдени и припаѓаат на оваа територија. Овој народ може да прави што сака со тие скулптури. Многу е глупаво да се ограничуваме: Немој таму да ги ставаш скулптурите, ќе се лутат Грците! Тоа сум го слушнал овде, во оваа институција! А бре во оваа држава ќе правиме тоа што сакаме. Како тоа ќе влијае од политички аспект ќе кажат нашите политичари, а не нивните политичари. Нашите политичари ја водат оваа земја. Освен тоа, скулптурите што се изложени пред Владата се од римски период. Тоа е времето кога малите гратчиња-полиси во Елада биле зафатени со Римската Империја, не живееле слободно. Исто како и Македонија. И таа била под Римската Империја. 

* Што посакувате во Новата Година?

- Сакам на 8 Декември, на празникот на свети Климент да успеам да го промовирам Музејот на вода и Светиклиментовиот универзитет. Тоа ми се најголемите желби. Успешно да ги реализираме сите проекти што ги планираме во идната година.

Сто и шеесет нови вработувања во заводите и музеите

- Со Министерството за култура веќе работиме на пополнување на институциите од областа на заштита на културното наследство. Со оглед на тоа што овој проблем не бил третиран 30 години, институциите се во колапс. Тие ќе умрат ако не бидат освежени со помлад кадар. Затоа е преземена акција за вработувања. Деновиве Владата ќе го разгледа предлогот. Разговарав со премиерот, мислам дека ќе добиеме согласност за 150-160 вработувања. Мислам дека Владата и Министерството за финансии ќе го сфатат овој наш апел и ќе го прифатат предлогот. Се надевам дека во текот на годинава ќе бидат вработени барем тие што беа ангажирани на определено време, бидејќи за нив државата веќе одвојува пари. Потоа ќе бидат пополнети и другите дефицитарни места. На премиерот му го раскажав примерот со Охрид. Јас се вработив како археолог во 1979 година. Оттогаш до ден-денес во охридскиот Завод и музеј не е вработен ниту еден археолог. Тоа го кажав и на владина комисија кога бев да го образложам барањето. На луѓето дури не им се веруваше. Мислам дека ја сфатија сериозноста на работите.

Весна Ивановска