04__just_prima

 Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на симпозиумот истакна дека тој го потврдува потенцијалот на универзалните идеи кои обединуваат преку културата и науката ...

„Самуиловата држава и Византија: Историја, култура, легенда, традиција“ е тема на Вториот меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први“ што го организираат Универзитетот „Евро-Балкан“ и Универзитетот во Болоња со кампусот во Равена, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Амбасадата на Италија во Скопје. На дводневниот симпозиум, кој беше отворен денеска, свои реферати ќе имаат повеќе од 50 еминентни професори и научници од 15 земји.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на симпозиумот истакна дека тој го потврдува потенцијалот на универзалните идеи кои обединуваат преку културата и науката.

- Верувам дека рефератите кои ќе бидат презентирани на симпозиумот ќе понудат појасна перспектива за тоа како било користено средновековното минато во модерната историја, култура и политика, инкорпорирајќи разновидни аспекти на историските и културните традиции и наследството. Симпозиумот носи порака дека легендите и митовите од минатото треба подобро да се разбираат за да обединуваат, а не да разделуваат бидејќи припаѓаат на заедничкото културно наследство на Балканот и на Европа - рече Канческа-Милевска. Заедно со италијанскиот амбасадор во Македонија, Ернесто Масимино Белели, таа ја најави и ексклузивната изложба на мозаиците на Јустинијан од Равена, која на 24 октомври ќе биде отворена во новиот Археолошки музеј во Скопје. Се работи за најрепрезентативните мозаични претстави во византиската епоха и меѓу најимпресивните светски археолошки наоди. Тие се дел од христијанската базилика Сан Витале, една од најзначајните примероци на ранохристијанската византиска уметност и архитектура во Западна Европа.

03__just_prima

- „Деновите на Јустинијан“ се организираат во пресрет на изложбата на мозаиците од Равена следната седмица. Овој симпозиум ја покажува длабоката врска меѓу нашите земји, но не само меѓу Италија и Македонија, туку и меѓу околните држави - рече Белели, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија. Амбасадорот најави и други настани наскоро, кои ја продлабочуваат културната соработка, меѓу кои 14. Недела на италијанскиот јазик и култура во светот.

Претседателот на Меѓународниот организациски и научен комитет на симпозиумот, проф. д-р Митко Б. Панов истакна дека научниот собир е посветен на различните феномени поврзани со византиското културно-историско наследство и местото на Македонија во изградбата на цивилизациските вредности на Европа.

- Годинашната тема на симпозиумот е посветена на историската меморија на Самуиловата држава и Византија. Повод е 1000-годишнината од смртта на царот Самуил и идејата е да се засегнат повеќе аспекти кои ќе овозможат да се надминат стереотипите околу легендарниот судир, да се претстават или аргументирано да се проговори за оние аспекти на легендите и митовите што во 19 век разединувале, а во 21 век треба да обединуваат. Тоа е целта на овој симпозиум зашто Јустинијан е симбол на обединување на Европа, тој е кодификатор на европското право и градител, и треба да биде мост меѓу цивилизациите во Европа - изјави Панов.

 01__just_prima

 Извор: Министрертво за кулрура на РМ

 Петок, 17 Октомври 2014