Културата в година со двојно повеќе пари

Следната година е значајна и за процесот на интеграција во Европската Унија и во НАТО, па планираме македонската култура да биде значајно присутна на меѓународната културна сцена, заради афирмација на Република Македонија во светот

Уметниците ќе имаат повеќе пари за да ги реализираат своите проекти, археолозите ќе имат повеќе работа од годинава, македонската култура ќе ја има на странските сцени, ќе има многу нови книги и филмови. Тоа е амбициозниот план на Министерството за култура за идната година кој поради парите - двојно повеќе од лани, за Елизабета Канчевска-Милевска, државен секретар во Министерството за култура, има реална основа да биде остварен. 
* Владата најави зголемување на буџетот за култура за 2008 година. Има ли стратегија кому ќе ги додели парите?

- Буџетот на Министерството за култура во однос на претходната година е зголемен за 300 милиони денари. Во однос на програмските средства, за 2008 се предвидени повеќе од 750 милиони денари, а во 2007 година биле нешто повеќе од 450 милиони. Тоа значи дека имаме двојно зголемување. За дејностите, пак, за секоја одделно ќе има многу повеќе средства за разлика од годинава. Во издавачката дејност, на пример, ако годинава имаше 50 милиони денари, за идната година буџетот е зголемен за два и пол пати. Има двојно зголемување и во заштитата на културното наследство - 91 милион денари, во филмската дејност - 99 милиони денари, а за меѓународна соработка, од годинашните 39 милиони денари, за в година ќе има 59 милиони денари. Прифатени се и многу капитални проекти. Освен археолошките ископувања на Калето, Климентовиот универзитет на Плаошник, стартуваме и со работа на локалитетите Скупи, Стоби, Тетовското кале, изградба на конзерваторски центар во Гостивар. Продолжуваме со изградба на капитални проекти: Стариот театар, ќе почне изградбата на спомен-куќата на Мајка Тереза, на салата за Македонската филхармонија, на Градската куќа и на Театарот во Велес. Стариот театар во Скопје почна да се гради, добивме нова дозвола во однос на зголемената маркичка и од пред една недела почна изградбата. Според договор што е потпишан со „Бетон Штип“, карабината треба да се изгради за 8 месеци.

* Колку пари ќе бидат издвоени за изградба на културните објекти?

- За капиталните проекти, согласно со планот и динамиката што се доставени од Министерството за култура, имаме 6 милиони евра. Лани имаше 9 милиони евра. Некој ќе рече дека има намалување, но ова е во согласност со нашите барања, согласно со планот и динамиката. Годинава ние имавме доста средства, но согласно со Законот мора и да ги трошиме средствата. Се работеше на објавување конкурси, на склучување договори за идејни и основни проекти и видовме дека некои средства не можат да се потрошат. Така за следната година ги побаравме шесте милиони денари, за да не ни остане суфицит на крајот од годината.

* Удрени се камен-темелници на огромни објекти, се најавуваат нови. Ќе може ли оваа влада во својот мандат да заврши се' што почна?

- Се надевам дека целосно ќе бидат завршени бидејќи навистина почнавме навремено да ги објавуваме и меѓународните конкурси. На пример, со Стариот театар во Скопје ја започнавме изградбата, а паралелно ќе се вклучат и останатите, бидејќи ги доработивме и сите преостанати проекти како што се проектот за инсталации, за ентериерно уредување, за сценската техника, за акустиката. Паралелно ќе се вклучат и другите фирми што ќе добијат на тендер, па така ќе нема никаков застој кога е работи за тој театар. Ќе се потрудиме до 2009 година тој да биде готов. Во однос, пак, на музејскиот комплекс на ВМРО и на жртвите од комунизмот, избравме идејно решение. Фирмата што доби на тендер го изработи идејниот проект, кој е сега доставен до Општина Центар. Сега сме во фаза на добивање локација, а се работи и на главниот проект. Според нашиот план и динамика, Музејот ќе почне да се гради во март или април в година. За концертната сала на Филхармонијата авторот го изработи идејниот проект. Тој е веќе доставен до Општина Центар за добивање дозвола. Бидејќи авторот е вработен, согласно со Законот, не може да го изработи и главниот проект, објавивме тендер за да добиеме проектантска куќа која, секако, главниот проект ќе го изработи заедно со авторот. На 4 јануари се отвораат документите, по што ќе се избере проектантска куќа што ќе го изработи главниот проект. Потоа ќе биде објавен тендер за градба, по што некаде околу мај треба да почне изградбата на салата за Филхармонија. За куќата на Мајка Тереза, на крајот од овој месец ќе објавиме тендер за изградба. Идејниот и главниот проект се веќе готови, и ќе се достават до Општина Центар, а изградбата би почнала некаде од средината на јануари. Времето на реализација сакаме да е што пократко, а секако гледаме се' да е во рамките на Законот, да се средени сите имотно-правни прашања, со одлука на Владата да се пренесат од Република Македонија на Министерство за култура за да може целата процедура да е законска и се' да е расчистено во делот со имотно-правните односи.

* Ќе имаат ли доволно време уметниците да ги реализираат програмите за идната година, односно дали комисиите при Министерството за култура овој пат навреме ќе си ја завршат работата?

- Голем дел од комисиите веќе ја завршија работата во однос на проектите и планираме до крајот на овој месец или во почетокот на јануари да ја објавиме годишната програма.

* Велите дека за дејностите ќе има повеќе пари, но кој ќе ги добие, што е приоритетно?

- Очекуваме да добиеме значајни иницијативи и конкуренција на проекти што ќе бидат интересни за публиката. Стручните комисии при Министерството имат слух за вистинските потреби и на публиката и на уметниците. Очекуваме идната година да биде исклучително богата со културни настани што ќе значат збогатување на културниот живот. 

* Кои се меѓународните дестинации на кои ќе патува македонската култура в година?

- Има многу планови. Сигурно една е Москва, кога на денот на св. Кирил планираме да се презентираме многу побогато од досега. Тоа веќе го договаравме со амбасадата во Москва. Деновите на сесловенската писменост заслужуваат да бидат одбележени на највисоко ниво, со добро осмислена програма со која достојно ќе биде презентирана културата што се создавала на оваа почва. Следната година е значајна и за процесот на интеграција во Европската Унија и во НАТО, па планираме македонската култура да биде значајно присутна на меѓународната културна сцена, заради афирмација на Република Македонија во светот. 

* Колку активностите во културната сфера можат да придонесат во процесите на интеграција?

- Културата е значаен сегмент во овој европски културен простор. И кај нас, во државата, културата е ставена во самото срце на системот на државата. Преку културата светот може најмногу да дознае за нашето богато минато, но и за сегашноста, зашто голем дел од тоа што тука се создава е значајно и за светот. Тоа го потврдуваат многубројни светски награди и признанија на наши уметници.

Лилјана Грџо Дамовска

 

 

{moshits}